Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИСТРАГА „Т.Н.Т“ на СЈО: Аболицирани политичари од одмазда го урнале „Космос“

ИСТРАГА „Т.Н.Т“ на СЈО: Аболицирани политичари од одмазда го урнале „Космос“

Како што соопштивме денеска специјалното јавно обвинителство покренува нова истрага за уривањето на комплексот „Космос“ кој беше во сопственост на Фијат Цновски, прв човек на Партијата ПЕИ.

Истрагата се води под кодно име „Т.Н.Т“ а според она што го соопштија специјалните обвинителки во овој предмет се задоволувале апетитите на сега веќе аболициран познат политичар кој според СЈО, сакал да му се одмазди на Цаноски бидејќи ја напуштил тогашната владина коалиција и преминал во коалиција со СДСМ.

„Во овој предмет одредени аболицирани „политичари“, најгрубо и со умисла, злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања, од одмазднички причини, само затоа што некој имал поинаква политичка определба, нанеле огромна штета со уривање на станбено-деловен комплекс кој бил во фаза на изградба. Се работи за рушењето на комплексот КОСМОС, сопственост на Фијат Цановски, воедно и претседател на Партијата за Европска Иднина (ПЕИ)“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Таа посочи дека од сите прибавени докази на СЈО произлегло основано сомнение дека во временскиот период од 01.05.2011 година до 17.08.2011 година, во Скопје,тогашниот Претседател на Владата на РМ и Претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот Министер за транспорт и врски во Владата на РМ, кои со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија се помилувани-ослободени од кривично гонење, заеднички, со цел да му се одмаздат на оштетениот Фијат Цановски за неговата политичка одлука кој како претседател наполитичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичка партија СДСМ, искористувајќи ја нивната политичка моќ со умисла го поттикнале да стори кривично дело Градоначалникот на општина Гази Баба, кандидиран од политичкатапартија ВМРО-ДПМНЕ и кој исто така со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија е помилуван-ослободен од кривично гонење, да тој ја искористи својата службена положба и да најде начин да незаконски госруши станбено-деловниот објект Космос, што бил граден од оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје и изведувачот КОСМОС ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Скопје, трговски друштва каде сопственик е оштетениот Фијат Цаноски.

Во образложението на СЈО понатаму стои:

„Градоначалникот го прифатил налогот и искористувајќи ја својата функција, положба и надреденост ја повикал првоосомничената, службено лице-овластен градежен инспектор во Сектор за инспекциски работи во Одделение за урбанистичко градежна инспекција во Општина Гази Баба и и кажал дека од врвот на партијата ВМРО-ДПМНЕ побарале да се најде начин незаконски да го сруши објектот.

Таа се согласила со тоа и свесна за последиците и штетата што може да настане од нејзините дејствија, како овластен градежен инспектор со искористување на својата службена положба и овластување, во општина Гази Баба во Скопје во населбата Ќерамидница на ул.Перо Наков бр.94, постапила спротивно чл.47 т.4 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и чл. 134 т.4 од Законот за градење.

Истата за да ја реализира постапката за рушење на станбено-деловниот објект “Космос”, направила мерење на максималната височина на нултата плоча на градбата, без да постојат законски услови за мерење на таа височина и тоа без да биде изграден заштитен тротоар на градбата од страна на пристапната улица “8” на објектот во однос на кој требало да се врши мерењето.

Притоа составила Записник за констатација каде навела дека целиот објект се изведувал спротивно на Основниот проект, односно повисоко за висинска разлика од 1,43 метри, по што веднаш донела и незаконито Решение за отстранување на градба, со кое наредила на инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје во рок од 5 дена по приемот на решението да ја отстрани градбата, затоа што целиот објект наводно се градел спротивно на заверениот Основен проект и спротивно на Одобрението за градење.

Фактот дека осомничената постапила незаконски произлегува од изготвеното вештачење од Архитектонски факултет Скопје, кое е направено во текот на предистражната постапка.

Потоа, донела Заклучок за дозвола на извршување, со кој му наредила на оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје да ја отстрани градбата во рок од три дена или да го допушти присилното административно извршување на Решението за отстранување на градбата, и веќе на 01.08.2011 година пристапила кон присилно извршување преку класично машинско рушење на станбено-деловниот објект Космос и тоа на дотогаш изградениот дел од објектот.

Сепак и покрај тоа што инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје на 05.08.2011 г. и доставил стручно мислење од Архитектонски факултет Скопје, во кое било наведено дека донесените одлуки од нејзина страна се незаконски, таа го игнорирала тоа и продолжиле со уривањето“.

Меѓудругото се додава дека динамиката на уривање не одела во прилог на замисленото од страна на Претседателот на Владата и Министерот за транспорт и истите повторно дале налог или го поттикнале градоначалникот да во најкраток можен рок го сруши објектот Космос со експлозив.

„Не се водело сметка, дека е временски невозможно за тој период да се спроведе законита јавна набавка за рушење со експлозив, тој дел од законот, едноставно не ги интересирал, па, градоначалникот, како службено лице со искористување на службената положба и овластување постапил спротивно на чл.99 ст.1 т.1 ал.3 од Законот за јавните набавки, и при вршење на јавни набавкинанесена е значителна имотна штета на општина Гази Баба во износ од 2.999.560 денари, меѓутоа поради помилувањето истиот не е опфатен во истрагата“, рече специјалната обвинителка Фатиме.

Во продолжение целото излагање на Фатиме Фетаи:

„Имено, иако општината застапувана од градоначалникот претходно имала склучено договор од 17.05.2011 година со фирмата Трансмет ДОО Скопје за отстранување на градби и рушењето требало во целост да го изврши фирмата Трансмет ДОО, вклучително и за објектот Космос и иако немало потреба од итна постапка, со преговарање без објавување на оглас за јавна набавка на услуга за рушење на објектот Космос, истиот, за да ги задоволи барањата на премиерот и министерот прифатил по налог на министерот, раководител на целата работа околу рушењето со експлозив да биде сега починатиот Ф И.

Ова лице, посредувало и договорило средба со сведокот МВ и, заедно со градоначалникот договориле да учествуваат во постапката за јавни набавки фирмите Декатам трејд каде сопственик бил сега починатиот и фирмата Интерижењеринг комерц, каде сопственик бил сведокот МВ, како и фирмата Три М изградба каде управител била ќерката на сведокот МВ.

При ова незаконско договарање градоначалникот им кажал дека вредноста на договорот за јавна набавка е до 3.000.000 денари и да се вклопат понудите до тој износ, па одлучиле да општината им побара на овие три фирми да достават понуди во постапката без да објавува оглас и договориле работата да ја добие фирмата Три М изградба, иако не била регистрирана за дејност Уривање и немала лиценца за уривање со експлозивни материи.

Веднаш потоа Градоначалникот донел Одлука за утврдување на потреба од јавна набавка, а при спроведување на постапката за јавната набавка заеднички второ, трето и четвртоосомничените - службени лица членови на комисијата за јавни набавки во општина Гази Баба со искористување на своите службени положби и овластувања, поттикнати со умисла од Градоначалникот, овозможиле да на незаконски начин се спроведе постапката за јавна набавка.

И покрај фактот што понудата на економскиот оператор Три М изградба не ги содржела сите потребни прилози согласно тендерската документација, составиле Записник од отворање на понуди од постапката со преговарање без објавување на оглас со лажна содржина како да се исполнети условите за личната, економско финансиската и професионално-техничката способност и спротивно на условите предвидени од тендерската документација ја прифатиле понудата за евалуација.

Потоа осомничените членови на комисијата за јавни набавки составиле и Извештај од спроведена постапка со невистинита содржина дека понудата на Три М изградба била комплетна во поглед на исполнување на личната, економско- финасиската и техничко-технолошката способност, кој што извештај и не е направен на пропишаниот образец објавен во Службен весник на Република Македонија бр.155 од 02.12.2010 г.

Потоа градоначалникот на 12.08.2011 склучил договор со фирмата Три М изградба ДОО Скопје за рушење со експлозивни средства на дел од објектот Космос за износ од 2.999.560 денари, иако фирмата Три М изградба ДОО Скопје немала доставено докази за техничка и професионална способност за фирмата ББ - инг ДОО Кавадарци, како субјект што ја подржува техничката и професионалната способност и понудата не ги содржела сите потребни прилози.

Сепак, врз основа на склучениот договор од општината Гази Баба биле исплатени 2.999.560 денари во корист на Три М изградба ДОО Скопје, со што е причинета имотна штета во тој износ на општината Гази Баба.

Потоа се продолжило со уривање на објектот со експлозив и со уривањето на објектот му нанеле значителна штета на оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје во вкупен износ од 916.386.408 денари или 14.900.592 евра.

Овој износ на штета е причинет со дејствијата на незаконското рушење на објектот и тоа е износ од дотогашната инвестиција во објектот. Од друга страна пак, штетата што ја побарува оштетениот е износ од 58.866.868 евра., во која влегува оштетно побарување по повеќе параметри.

Со наведените дејствија, постои основано сомнение дека првоосомничената сторила кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од КЗ, а за второ, трето и четврто осомничените постои основано сомнение дека сториле по едно кривично дело - Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.22 од КЗ. Против осомничените до Основниот суд скопје 1 Скопје ќе бидат побарани соодветни мерки за обезбедување присуство на истите во постапката“.

На прес конференцијта беа презентирани и дел од пораките кои се обезбедени со вештачење на мобилниот телефон на починатиот Ф.И. што го користел во тој период, кој е прибавен во предистражната постапка, која се водеше во С. ј. обвинителство.

Денешното претставување на новата истрага специјалните обвинителки ја завршија така што посочија дека  иако во овој случај за извршување на целокупните криминални активности за кои постои основано сомнение дека се извршени, наредба и подршка имало од највисокото тогашно раководство на државата и навидум се е покриено формално правно и документациски, сепак уште еднаш се докажува дека не постои совршен злостор.

Слично

Поврзани вести