Историски договор за житото, Украина има житарици на продажба вредни околу 10 милијарди долари
Имаме доверба во ОН како иницијатор на овој Договор и во институцијата и во нивниот генерален секретар, кој ја вложува својата репутација и способност да обезбеди функционирање на овој Договор и неговото почитување од страна на Русија, која прекрши голем број други договори, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.
Според Кулеба, никој не треба да има доверба во Русија.
За време на церемонијата на потпишување во Истанбул рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков не седеа на иста маса. Шојгу и Кубраков потпишаа два идентични документа со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, на барање на Украина, која одби да парафира каков било документ со Русија. На церемонијата присуствуваше и претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави дека Украина има житарици на продажба вредни околу 10 милијарди долари.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази олеснување по потпишувањето на договорот за ставање крај на блокадата на украинскиот извоз на жито нарекувајќи го светилник на надеж за светот што се соочува со криза со храната, посредникот Турција го нарече историски, а Брисел, Г7 и Вашингтон повикаa на брза имплементација и најавија дека внимателно ќе го следат почитувањето на преземените обврски.
На многу земји во светот поради војната во Украина им се закануваше глад.
