Историски делови од Ајфеловата кула одат на аукција, се прогнозира и цената
Легендарните спирални скалила што некогаш воделе до третиот кат на Ајфеловата кула, каде што францускиот инженер Густав Ајфел ја имал својата канцеларија, сега повторно се наоѓаат на аукција.
Овие историски делови, отстранети во 1983 година и дистрибуирани низ целиот свет, станаа вистинска реткост и вреден сувенир за колекционерите.
Ајфеловата кула е изградена во текот на 1880-тите за потребите на Светската изложба во 1889 година, а ја дизајнирал францускиот инженер Густав Ајфел. Кулата првично имала три ката, а во времето кога била изградена, лифтовите сè уште не биле во широка употреба, па искачувањето до врвот вклучувало голем број скали.
Денес, скалите помеѓу приземјето, првиот и вториот кат се реставрирани и модернизирани. Сепак, спиралните скали што ги поврзувале вториот и третиот кат - каде што Ајфел ја имал својата канцеларија - биле отстранети во 1983 година. Потоа биле исечени на 24 дела, заменети со лифтови, а потоа продадени на аукции.
Дел од тие скали сè уште се наоѓаат во самата кула, додека одредени сегменти завршиле во институции како што се Музејот Орсеј, Ла Вилет и Музејот за историја на железото во Жарвил-ла-Малгранж. Други делови се расфрлани низ целиот свет - дури можат да се најдат во парковите на Дизниленд или во приватни колекции, како што е градината на Фондацијата Џоишиџи во Јапонија.
Сега еден од тие историски сегменти повторно се најде на пазарот. Аукцијата ќе се одржи на 21 мај, организирана од француската куќа Арткуриал, а се проценува дека цената би можела да достигне до 50.000 евра, објавува Time Out. Патем, ова не е прв пат делови од Ајфеловите скали да се продаваат.
Од 2013 година, Арткуриал организираше неколку вакви аукции. Таа година, еден сегмент со 19 скали беше продаден за 212.458 евра, додека во 2016 година, дел со висина од 2,4 метри достигна дури 523.800 евра цена.
foto freepik.com/vwalakte
