Историјата на нафтените шокови ги плаши економистите: Светот веќе плаќал и 156 долари за барел, новата војна може да урне рекорди
Историјата на глобалната економија покажува дека цената на нафтата често била клучен показател и предизвикувач на економски кризи. Економистите предупредуваат дека новата ескалација на конфликтите на Блискиот Исток повторно може да доведе до силен раст на цените на овој енергент.
Во периодот од 1860 до 1940 година, цената на нафтата се движела во зависност од глобалните настани – растела за време на Првата светска војна, а драстично паднала по економската криза во 1929 година. Од 1948 до 1970 година цените останале релативно стабилни, по што следувал период на таканаречени „нафтени шокови“.
Првиот нафтен шок
Првиот голем шок започнал во 1973 година, по Јомкипурската војна меѓу Израел и коалиција арапски држави предводени од Египет и Сирија. По конфликтот, арапските земји производители на нафта вовеле ембарго за државите што го поддржувале Израел.
Како резултат, цената на нафтата за само една година се зголемила четири пати – од 3 на 12 долари по барел. Пресметано во денешна вредност, тоа изнесува околу 88 долари по барел.
Вториот нафтен шок
Неколку години подоцна следувал вториот нафтен шок, поврзан со Иранската револуција во 1978 година и подоцнежната војна меѓу Иран и Ирак. Тогаш цената на нафтата скокнала од 15,85 долари на речиси 40 долари по барел, што во денешни услови би изнесувало околу 156 долари.
Ова покажува дека светот и претходно се соочувал со екстремни цени на нафтата, дури и повисоки од сегашните.
Нови кризи и турбуленции
Нов раст на цените се случил и за време на Првата војна во Ирак, кога барел нафта достигнал околу 41 долар, односно повеќе од 100 долари во денешна вредност.
Подоцна, на пазарот влијаеле и други глобални кризи – финансиската криза во 2008 година, пандемијата на коронавирусот и војната во Украина.
Пандемијата предизвика и необичен пресврт: поради падот на побарувачката, цената на нафтата во еден момент падна дури и на минус 38 долари по барел, што силно ги погоди најголемите нафтени компании.
По почетокот на војната во Украина во 2022 година, цената повторно порасна и достигна 130 долари по барел, односно околу 143 долари во денешна вредност.
Нови ризици за светската економија
Експертите предупредуваат дека евентуалното затворање на Ормускиот теснец, преку кој поминуваат околу 20 проценти од светските потреби за нафта, може сериозно да ја наруши глобалната економија.
Дополнително, уништена нафтена инфраструктура на Блискиот Исток би можела да предизвика уште поголеми потреси на пазарите и нов силен раст на цените.
Дали следува нова рецесија?
Економистите предупредуваат дека новиот раст на цените на енергенсите може да доведе до нов бран инфлација, што би ја намалило потрошувачката и економската активност.
Сè почесто се споменува и ризикот од стагфлација – ситуација во која економскиот раст стагнира, додека инфлацијата продолжува да расте.
Главниот економист на „Делоит“ во Велика Британија, Ијан Стјуарт, предупреди дека растечките цени на енергијата историски биле меѓу главните причини за рецесиите во 1973, 1979 и 1990 година.
Ако геополитичките тензии продолжат, а цените на енергенсите останат високи, многу земји со веќе кревки економии би можеле да се најдат на чекор од нова глобална рецесија.
Курир.рс