Истокот се испразни, Делчевчани масовно на печалба во Италија
Деновиве стартува сезоната за работа на лозје во Италија .
Ова беше повод луѓето во најисточните градови на нашава мала земја да ги спакуваат куферите и да заминат на печалба во Италија и Швајцарија.
Само за три дена 500 лица од Делчево и Каменица, заминаа во потрага по подобар живот да работат на лозје.
„Таму плаќаат по 6 евра час, одиме да работиме. Планираме да донесеме по 2.000 евра чисти“, велат сезонците. Вработени и невработени, рабтници, но и административци, заминуваат на печалба.
„Системот кај нас е лош. Таму има надеж, овде нема ништо, работникот никој не го цени“, велат тие. Овие луѓе не с е горди што заминуваат, но нив ги тера егзистенцијата.
„Јас сум таму 8 години со семејството. Овде нема иднина и надеж за нормален живот“, вели Јордан Стоев, жител на Делчево, за телевизија Стар.
Три автотранспортни фирми возат секој втор ден за Италија:
„Само ние овие два дена превезовме над 350 патници, а некои одат и со коли и комбиња“ вели Стојче Георгиев од МЕТАК-ТРАНС. Овде се празнат градовите, а во Италија се полнат училиштата.
И ова лето тамошните плантажи ќе ги исполнат илјадници печалбари , а некои можеби нема ни да се вратат.
Повеќе за оваа сторија во прилогот на Телевизија стар.
