ИСТА ПЛАТА ЗА ПОМАЛ БРОЈ РАБОТНИ ЧАСА: Еве како помина Исланд со четиридневна работна недела
Во Исланд, од 2015 до 2019 година, тестирале четиридневна работна недела, односно работниците земале иста плата за помал број работни часови. Сега се објавени резултатите кои покажуваат дека експериментот бил „исклучително успешен“, па многу работници преминале на пократко работно време.
Продуктивноста останала иста или зголемена на повеќето работни места за време на експериментот, велат истражувачите.
Слични тестови сега се спроведуваат низ целиот свет, вклучувајќи ги Шпанија и Нов Зеланд.
На Исланд, повеќе од 2.500 работници учествуваа во експерименталната четиридневна работна недела, што е околу 1 процент од работоспособното население на Исланд. Сè се одвиваше под покровителство на градскиот совет на Рејкјавик и националната влада.
Многу работници преминале од 40-часовна работна недела во 35 или 36-часовна недела, велат истражувачите.
Засега, 86 проценти од исландската работна сила или се префрлиле на скратено работно време за иста плата или само ќе се стекнат со право на тоа, велат истражувачите.
Работниците под помалку стрес се чувствуваат подобро
Работниците пријавиле дека се под помал стрес и тврдат дека се чувствуваат поздраво, како и дека имаат подобар биланс на деловниот и приватниот живот.
„Оваа студија покажува дека најголемиот светски експеримент со скратена работна недела во јавниот сектор има извонреден успех во сите мерки“, рече директорот на истражувањето.
„Тоа покажува дека јавниот сектор е зрел да биде пионер на скратената работна недела и ова може да биде лекција од која другите влади можат да научат нешто“, рече тој.
„Во модерната ера е можно помалку да се работи“
„Ова ни покажува не само дека е можно помалку да се работи во модерната ера, туку и дека се можни прогресивни промени“, рече еден од истражувачите.
Шпанија, исто така, експериментира со четиридневна работна недела за некои компании, делумно поради пандемијата на коронавирусите.
Унилевер, британско-холандска компанија која произведува добра за широка потрошувачка, им овозможи на работниците во Нов Зеланд да го намалат работното време за 20 проценти, притоа задржувајќи ги платите истовремено.
