Испратено барање до Ректоратот на УКЛО од Битолскиот Студентски пленум
Од Студентскиот пленум од Битола информираат дека денеска ја доставиле правната аргументација против државниот испит до Ректоратот на УКЛО а воедно и нивните барања коишто заедно со правната аргументација, може да ги видите во продолжение а завереното барање може да го видите на официјалната страна на Студентскиот пленум -УКЛО.
Барања на Студентскиот пленум: 1. Распуштање на Студентскиот парламент бидејќи тој de facto не ги претставува студентските ставови и студентските права, како последица на неговата структура лесно може да биде под притисок, корумпиран од трети страни и да биде искористен за лични интереси, нелегитимно, нелегално и нетранспарентно носи одлуки во името на сите студенти и противзаконски прибира пари од студентите. Според Член 19 од Закон за здруженија и фондации во кој стои „Членувањето во здружението е доброволно“ и Член 48 од истиот закон во кој стои „Организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот“, Студентскиот парламент како здружение на граѓани нема право да прибира пари од студентите ако тие не се негови членови, ако доброволно не се зачленат и ако членарината не е дефинирана во статутот. Во овој момент Студентскиот парламент функцијата на претставник на студентите не ја извршува легално, бидејќи мандатот на неговиот претседател и членови на органите е истечен на 16.11.2014. Пред истекот не се распишани и одржани избори, а и по истекот на мандатот, истите противзаконски преземале и спроведувале активности за кои според Член 51(2) од Закон за здруженија и фондации во кој стои „Членовите на органите на организациите одговараат лично и неограничено за нивните обврски кон организацијата, за злоупотреба на средствата на организацијата, за постигнување цели што за нив како поединци се забранети или за злоупотреба на организацијата како правно лице за да им нанесат штета на своите доверители“ лично се одговорни за постигнување цели што за нив како поединци се забранети и за злоупотреба на средствата на организацијата. 2. Отстапување на соодветни простории и опрема во претходно определен термин со цел одржување на студентски пленуми на било кој факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ согласно Член 150 од Закон за високото образование во кој стои дека „Студентот има право и да ги користи: библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата(учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа.“ 3. Експлицитен, јасен и јавен став од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ против предложената мерка на државен испит. Ставот да биде изнесен и на интеруниверзитетските средби (во случај да има) каде ќе се дискутира на тема воведување на државен испит. Аргументација против државниот испит: Кратко резиме на предложената мерка согласно Дописот Во предлогот се истакнува дека испитот ќе биде спроведуван по завршувањето на втората година од додипломските студии, како и на крајот на завршната година од студиите. Прашањата по секој предмет ќе бидат дистрибуирани на студентите по случаен избор, од страна на посебен софтвер. Предвидено е дека по секој предмет ќе постојат вкупно 5 прашања од кои 2 од најсложеното ниво, а 3 од пониско ниво на сложеност. Предлог мерката е во спротивност со концептот автономија на универзитет Предлог-концептот на државен испит, онака како што е составен од страна на Министерството за образование, не соодветствува со Уставот на Република Македонија, особено со членот 46 од Уставот, во кој е предвидена неповредливост на универзитетската автономија. И покрај тоа што, во самиот предлог од страна на МОН се определува дека во изготвувањето се целело кон зачувување на основните начела, меѓу кои влегува и автономијата на универзитетите, сепак таквата автономија несомнено се загрозува имајќи ја предвид содржината на самиот предлог. Универзитетот има институционално право целосно да ја ужива академската слобода и самостојното водење, земајќи ги предвид внатрешните активности. Во прилог следи објаснување зошто спроведувањето на државни испити за студентите е во несомнен судир со поимот автономија. • Постапката за номинирање членови во Одборот за акредитација и евалуација е во спротивност со принципот на автономија Како еден од главните аргументи на МОН, во поглед на зачувувањето на автономијата на универзитетите се истакнува и променетиот состав на Одборот за акредитација и евалуација. Меѓутоа, независно од предложените измени во поглед на составот на овој Одбор, доколку тој спроведува државен испит, автономијата на универзитетите повторно грубо би се нарушила. Фактот што членовите на Одборот сега би биле универзитетски професори не го неутрализира навлегувањето во универзитетската автономија, поради едноставната причина што членовите на Одборот ќе бидат именувани од страна на Владата на РМ, по јавен оглас. Со одбирањето на членовите на Одборот директно од страна на Владата на РМ, се отвора простор за директно влијание од страна на Владата во рамките на високото образование, независно од тоа што лицата именувани ќе бидат од редот на универзитетските професори. Се додека членовите на Одборот не се директно именувани од универзитетските тела (сенат или тела со слични овластувања) автономијата на универзитетите ќе биде нарушена. Еднаш избраниот кандитат станува прост извршител на наредби од извршната власт бидејќи ниту ги пропишува условите за начинот и постапката на изведување на испитот, ниту пак тој самиот или од него избрани лица ги составуваат прашањата за државниот испит.Од сето досега наведено произлегува дека Одборот е организационо зависно тело со што директно се загрозува уставно загарантираното право на автономија на универзитетот. Овластувањето на министерот за образование да го пропише начинот и постапката за изведување на државниот испит пак (во што спаѓа и правото да ги именува лицата кои ги составуваат прашањата) создава функционално зависно тело. Да сумираме, избраник на Владата „спроведува“ државен испит, креиран од страна на лица определени од министерот, на начин и по постапка пропишана од министерот. • Необразложена е потребата за измена на составот на Одборот за акредитација и евалуација Држaвните институции повторно си дозволуваат да вршат сериозни промени во системот на високо образование без претходно јасно објаснување за потребата од истите. Менување на составот на Одборот за акредитација и евалуација како и постапката за номинирање на членови, без претходно да се признае нефункционалноста на ова тело и факторите кои допринеле до констатираната состојба е повторно знак на недостаток на стратешко планирање во високото образование. Покрај тоа што не се образложува зошто воопшто се менува составот и начинот на функционирање на Одборот, исто така, останува прашањето зошто наместо старото решение - дел од членовите да се избираат од Интеруниверзитетската асоцијација - се предлага ново, а тоа е избирањето на членовите на Одбор за акредитација и евалуација да стане надлежност на Владата, која нивниот избор ќе го врши преку јавен оглас. • Министерот ќе одлучува за посебните услови за начинот и постапката за изведување на државниот испит за студенти Согласно доставеното предлог-решение, посебните услови за начинот и постапката за изведување на државниот испит за студенти, на предлог на Одборот за акредитација и евалуација, ќе ги пропишува министерот за образование и наука. Начинот на формулирање на оваа идна надлежност на министерот (без притоа да се одговори на прашањето дали тој предлог на Одборот ќе биде обврзувачки во однос на министерот), доведува до заклучок дека министерот ќе добие прешироки овластувања во директното одлучување по следните прашања: • кој ќе ги составува прашањата за државниот испит? • врз основа на која материја? • како ќе биде утврдено кој дел од материјата е најсоодветен да биде поставен како прашање на државниот испит? • кое лице и на каков начин ќе го утврди нивото на сложеност на соодветните прашања? Со давањето на вакви овластувања на министерот за образование, законодавецот несомнено би оставил простор за длабоко навлегување во автономијата на универзитетот. Имајќи предвид дека зависно од подзаконскиот акт кој ќе го донесе министерот, универзитетите (и во нивни рамки факултетите) треба да утврдат каква ќе биде наставната програма по предметите кои им се предавани на студентите, а воопшто и кои предмети ќе бидат предавани. Министерот на тој начин добива улога на еден од главните носители на одлуки во поглед на тоа што ќе биде предавано во рамките на факултетите. Во овој случај аргументацијата за почитување на автономијата на универзитетите е несоодветна и апсолутно без никаква операционализација во практиката. • Начин на подготовка на државниот испит Како и во претходните излагања, два аспекта се сѐ уште од суштинска важност. Првиот е фактот што не е јасно кој ќе ги составува прашањата според кои ќе бидат оценувани и професорите и студентите, односно какви квалификации ќе бидат барани и која постапка ќе биде применета во процесот на избор или номинирање на овие лица. Вториот аспект е неможноста да се креира унифициран базен на прашања поради слободата која ја имаат факултетите во креирање на сопствената програма и изборот на подготвителен материјал. Дополнително, преку (пет) прашања не може да се оцени талентот и креативноста на еден уметник, сликар, актер или музичар (затоа што токму тие се фактори кои придонесуваат за квалитетот на конкретните професии). Одборот за акредитација и евалуација согласно своите законски надлежности акредитира студиски програми на приватните и државните факултети (чл.71 ЗВО). Дали фактот што во дадениов допис не е образложено кое тело ќе биде надлежно да ги составува испитните прашања, апропо широко поставената дискреција на министерот за образование во делот на посебните услови за начинот и постапката на спроведување на испитот, се остава простор во иднина Одборот да си земе за право да не акредитира програми на факултетите доколку одбијат програмите да ги срочат согласно нивното видување и испитните прашања од државниот испит? • Вклучување на втор и трет циклус во опсегот на мерката Вториот и третиот циклус студии следат по веќе завршеното високо образование. Кои се лицата кои ќе ги состават прашањата со цел контрола на студентите на втор и трет циклус студии, имајќи предвид дека ова се лица со завршено високо образование, кои целат кон надградба на сопственото знаење и негово заокружување во самата нивна теза. Што ако постои ситуација во која службеник од министерството со титула „дипломиран“ контролира некој кој е пред завршувањето на магистерски или докторски труд? Во тој случај би се појавила непропорционалност во компетенциите на оној што контролира и оној што е контролиран. Со воведувањето на ваков државен испит доаѓа до девалвација на ваквите титули, т.е јасно се става до знаење дека Владата се сомнева во процесот на нивно стекнување, што претходно не беше наведено како еден од проблемите детектирани во ВО. Ова претставува новитет во досега познатиот концепт на државен испит, предложен од страна на Владата и како таков е нејасен, поради што е подложен на дополнителни дискусии. Дополнително, државата нема никаква улога во финансирањето на магистерските и докторските студии, па оттаму не е јасно зошто државата би сакала да го контролира квалитетот на овие студии. Последно, но не помалку важно, како идни магистри и доктори по науки, повторно сме директно засегнати од ваквата мерка. • Поврзаноста на државниот испит и Националната рамка на високообразовни квалификации Дописот меѓу другото вели дека потребно е да се тестираат стекнатите квалификации во која мера соодветствуваат со целите, способностите и академските барања пропишани со дескрипторите на квалификацијата, согласно Уредбата за национална рамка на високообразовни квалификации. Доколку ја погледнеме Уредбата во член 5 се дава објаснување на терминот „дескриптор на квалификација“. Меѓутоа истиот член понатаму го објаснува ограничувањето на Националната рамка односно дека таа „има општи дескриптори на квалификациите за секој циклус на студии што ги одразуваат вообичаените вештини и постигнувања на студентот и се однесуваат на квалификациите кои означуваат завршување на одреден циклус на студии.“ Во ставот 3, од истот член, е посочено дека „специфичните дескриптори на квалификацијата со кои се одредуваат резултатите од учењето за поединечната студиска програма од соодветниот циклус на студии ги подготвува високообразовната установа“. Државниот испит, како метод на проверка на знаење на ниво на предмети (каде ќе се тестираат специфичните дескриптори на квалификацијата), според дописот ќе биде спроведен од страна на Одборот за акредитација и евалуација, а не од страна на високообразовните установи кои ги креираат специфичните дескриптори. На овој начин не се почитуваат веќе усвоените правила, кои ја земаат предвид автономијата на универзитетот и прават разграничување помеѓу она што е домен на државата (општите дескриптори како минимум гаранција за квалитет) и она што е домен на високото образование (слободата да се креира наставната програма како уставно загарантирано право на високообразовните институции). • Потребна е доследна примена на системот на акредитација и реакредитација како механизам за осигурување на квалитет Во чл. 45 од Уставот на Р.М. се гарантира правото на граѓаните да основаат приватни образовни институции под услови утврдени со закон. Единствениот прифатлив начин да се врши некаков вид на контрола на овој вид институции е преку системот на акредитирање и реакредитирање. Оправдувањето на Владата во овој домен е дека токму од приватните универзитети излегуваат најголем број „неквалитетни“ студенти, а поради осетливоста на регулираната материја Владата има право да врши контрола. Единствениот овластен субјект (токму поради осетливоста на материјата) да врши некаков вид на контрола е Одборот за акредитација преку системот на акредитација и реакредитација. Бараме, поради горенаведените причини, мерката да биде одбиена. Со почит, Студентски пленум
