Исплатена последната помош од 100 евра за граѓаните, има ли потреба за уште еден циклус?
Државата
во втората половина на мај ја исплати последната финансиска помош за за полесно
справување со последиците од пандемијата за последните групи на физички лица кои
претходно имаа проблеми со ажурирањето на податоците.
Станува збор за граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на
право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители,
деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност
во културата, филмски работници и естрадни уметници кои првично не ја добија
помошта на своите сметки, а па законот за нив се одложи од 25 декември 2020 до
31 мај годинава.
Од Владата велат дека станува збор за 23.927 граѓани кои заостанаа во евиденцијата, а иако од таму нема одговор за колкава сума на пари станува збор, на алатката „Отворени финансии“ може да се види дека само преку трите најголеми банки во земјата се исплатени околу 1,7 милиони евра во втората половина на мај.
Засега од Владата не даваат конкретен одговор дали во иднина за планира еден пакет на финансика помош за овие и слични категории на граѓани, односно помош директно на сметките на физичките лица, во пост-ковид периодот на опоравување, откако претходно имаше два вакви циклуси.
„Сите средства кои беа предвидени се исплатени кон банките и кон граѓаните. Со измена на законот, средства им беа исплатени на 23.927 граѓани. Од нив, 281 имаа блокирани сметки, но се прераспределени во банка која има техничка можност за отворање на потсметка. Мал дел, околу стотина граѓани, со кои не можеше да се стапи во контакт преку електронската адреса или телефонот оставен за комуникација, беше невозможно да се ажурираат податоците.
Владата направи сѐ, парите да стигнат до сите за кои беше наменета оваа поддршка. Од самиот почеток на КОВИД-19 кризата, Владата ја следи ситуацијата, анализира и соодветно на тоа носи економски мерки за помош на стопанството и на граѓаните“, гласи одговорот кој го добивме од Владата.
Благица Петреси, извршната директорка на „Finance Think", во контекст на ова прашање вели дека овие „социјални пакети“ треба да завршат бидејќи следува фаза во која треба да се внимава на фискалните последици и јавниот долг.
„Конкретно на прашањето дали е неопходна нова рунда на таква помош, одговорот е сепак не. Помошта беше дадена во критични моменти, кога граѓаните губеа доход, особено оние граѓани кои се ранливи и заработувале повремен и неформален доход. Во овој момент, таквите критични точки се зад нас и социјалната компонента на државната помош сврзана со Ковид-19 мора да се повлече. Истото се однесува и за помошта за задржување на работните места „14.500 денари по вработен“. Пазарот на труд е во релативно стабилна состојба, системот на социјална заштита има добро покривање на ранливите групи, така што надвор од постоечките механизми за поддршка на доходот на граѓаните не смее да се ризикува понатамошно да се врши притисок на фискалните финансии и на јавниот долг“, вели финансискиот експерт.
Објавените пресметки на„Finance Think" од октомври 2020 говорат дека еднократната парична помош (во два наврати мај и декември 2020) извршила значајно влијание кај најсиромашните сегменти од населението и имала особено поволно влијание врз намалување на екстремната сиромаштија (лица кои живеат со помалку од 1.9 долари на ден според паритетот на куповната моќ).
„Оттука, препорачавме дека при идни шокови од слична магнитуда на пандемијата со Ковид-19, неопходно е да имаме вградени системски механизми кои ќе овозможат таков т.н. привремен основен приход да може да се доделува брзо и на систематски начин во одреден период“, смета Петрески.
А.К.