Испитувањата во Германија потврдија- бебето од Дојран нема Зика
Бебето од Дојран нема вирус Зика, покажаа испитувањата направени во лабораторија во Германија.
Резултатите се негативни иако лекарите се сомневаа дека бебето можеби е инфицирано со вирус Зика. Кај детето не било пронајдено ниту присуство на вирусот Денга.
Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова изјави дека анализите кои се направени во земјава, потврдуваат дека не станува збор ниту за рутински вируси кои знаат да направат микроцефалија.
Се претпоставува дека аномалиите на черепот на бебето се јавиле од вирус, уште во првите 3 месеци од бременоста на мајката.
Три месечното бебе од Дојран, беше препратено од матичниот педијатар од Струмица во Скопје. Невролозите по направените испитувања, предложија да се направат дополнителни анализи за да се утврди зошто се јавила аномалија кај детето.
