Економија, финансии, бизнис

Контакт

Испилениот од гнездото на Орбан, Петер Маѓар, ќе ја оправа Унгарија

Испилениот од гнездото на Орбан, Петер Маѓар, ќе ја оправа Унгарија

Шеснасетте години власт на Виктор Орбан завршија со убедливиот пораз на неделните избори. Манипулациите со избори, изборната автократија, создавањето изборно законодавство по негов терк, уставните и законските измени, кои требаше да му го продолжат мандатот, овој пат беа во полза на човекот кој што се испили од неговото гнездо. Петер Маѓар ќе биде новиот премиер на Унгарија и човекот кој што ќе треба да ја оправи државата од штетите нанесени од Орбан. Човекот кој се претвори во спротивност од она за што се залагаше, пред дваесетина години, а како резултат на политичкото пијанство. Избирачите се уморија од него. Од неговата партија. Од погрешниот суверенизам, кога народот веќе не можеше да одобрува: „Нека крадат, ама градат“ или „Нека крадат, ама да е мирно“.

Во предвечерието на изборите во Унгарија агенцијата Галуп излезе со резултати од една светска анкета во 138 земји, направена пред неколку месеци, која покажа дека во Унгарија најважен национален проблем се политиката и владата. Политиката на владата беше главниот проблем. Дури и пред економијата, која, пак, е најголем проблем на глобално ниво. Анкетата покажа дека мнозинството Унгарци сметаат дека изборите во земјата се нечесни. Унгарија е една од четирите земји од ЕУ, во кои малцинството смета дека изборите се чесни. Од 27 земји членки на Унијата, само Романците и Бугарите имаат помалку доверба во изборите отколку Унгарците. Кои, пак, не се задоволни од економијата, посебно од можноста да се пристапи до стан. Поради огромните цени. Анкетата покажува и дека Унгарија е поделена по политичка линија. Приврзаниците на Партијата Фидес, во голем број, сметаат дека во земјата има многу медиумска слобода, дека изборите се чесни, дека економските услови се подобруваат. Оние од Тиса, пак, во голем број се склони да тврдат дека во владата има широко распространета корупција. Ставот на политички неопределените испитаници околу овие прашања  во ваквата поларизација е поблизок кон Тиса. И предизборните анкети потврдуваа дека резултатите ќе зависат од околу една третина неопределени гласачи. Тоа се потврди на изборите со големата излезност.

Народот не го интересираа изјавите на Орбан за надворешните закани кон Унгарија. ЕУ и војната во Украина. Кон тоа го поттикна и кампањата на Маѓар. Тој прецизно удираше врз  слабите точки на Орбан и Фидес. Корупцијата, богатењето на Орбан и неговото семејство, неговите пријатели, кадровската политика за ставање на високи функции луѓе, кои не се дорасната за тоа. Наспроти тоа обичните Унгарци – осиромашуваат. Виктор Орбан се оддалечи од народот. А Маѓар, наспроти него му се доближи. Исто онака како што правеше Орбан за да ја добие власта во Унгарија своевремено. Со популизам, со поистоветување со обичниот човек. Тој да види дека политичарот не е бог, туку од крв и месо и дека ги дели неговите загрижености. Се разбира, додека ги добие изборите. Маѓар кај избирачите ги потенцираше зголемените трошоци наживеење, немањето работа, лошите јавни служби, здравство, превоз, образование...Луѓе кои го гледаат Маѓар, а го знаат и Орбан тврдат дека Маѓар сега звучел многу слично на Орбан во 2010 година, кога ја водел кампањата со слична страст и жар за економските прашања и ветувал зголемување на положбата на обичните Унгарци.

ФОН ДЕР ЛАЈЕН ЗДИВНА

Победата на Маѓар за обичните Унгарци е надеж дека работите ќе се променат и тој ќе ја оправи државата.  Но изборот на Маѓар има влијание и пошироко. Европската Унија не можеше да го поднесе Орбан поради неговиот приод за заштита на интересите на  Унгарија пред европските бирократи.  Тој отворено и велеше на Урсула фон дер Лајен дека таа е на „неговиот“ платен список. Дека е најмена од членовите на Европскиот совет да ја раководи Комисијата. Тој ставаше вета на некои одлуки на Комисијата поврзани со војната во Украина, нејзиното финансирање и санкциите кон Русија. Од 2022 година се сретна четири пати со рускиот претседател Владимир Путин. По неговиот пораз на изборите фон дер Лајен здивна и веднаш порача дека е време за менување на правилата во ЕУ. Да се оневозможи ставање вето на некои одлуки.

Сега пред Маѓар стојат големи предизвици. Тој има многу сличности со човекот кого се обидува да го замени. Се спротивставува на забрзаното пристапување на Украина во ЕУ, ја отфрла продажбата на оружје на Киев и навести дека ќе одржи референдум за пристапување на Украина во ЕУ, што би можело целосно да го попречи процесот за пристапување. Неговата партија Тиса, исто така, гласаше во Европскиот парламент против заемот од 90 милијарди евра за Украина, иако од Унгарија не се очекуваше финансиски да придонесе. Неговата партија гласаше против фон дер Лајен во парламентот, поради што е казнета од Европската народна партија. Маѓар е националист кој ги става интересите на Будимпешта како приоритет. Тој го критикуваше она што го нарекува кршење на правата на унгарското малцинство во Украина во поглед на јазикот, спомнува историски унгарски градови во Украина... „Никој не сака проукраинска влада во Унгарија“, вели тој. Киев, од друга страна, смета на нормализација на односите, а резултатите од изборите „означиле пораз на политиката на уцени и антиукраинска пропаганда“.

Петер Маѓарпо победата на унгарските парламентарни избори, увери дека земјата повторно ќе стане сигурен партнер во ЕУ и НАТО. Токму тука ќе се види колку и како ќе успее да го направи тоа. „Фајненшл тајмс“ објави текст во кој се вели дека Европската комисија отворила „итни разговори“ со лидерот на партијата Тиса, Маѓар, по неговата убедлива победа на унгарските избори, повикувајќи го да ги подобри односите со Украина и да иницира долгоочекувани реформи за ослободување на 35 милијарди евра замрзнати средства од ЕУ за Унгарија. Европјаните се опасни. Тие одма се нафрлија на Маѓар. Му избројаа дека има уставно мнозинство и мандат да направи промени.  Уште не седнат на функцијата. Европските чиновници не седеле со скрстени раце. Сметале на победата на Маѓар и му подготвиле дневен ред за работа. Почнува пазарењето. „Ако тие ги исполнат своите ветувања, ние ќе ги исполниме нашите“, рекол висок функционер на ЕУ. Други дипломати очекуваат да биде симната блокадата на 90-те милијарди евра за Украина и симнување на ветото за 20-тиот пакет санкции кон Русија, „како клучни знаци за желбата на новиот премиер да ги поправи длабоко нарушените односи со ЕУ“. На ЕУ и се брза, бидејќи Украина во мај, доколку не добие странски пари ќе се соочи со голема финансиска криза. Ќе нема пари за војната, за пензионерите, за социјалата, за државните чиновници. Околу 60 милијарди евра би отишле за војната, а остатокот за поддршка на буџетот.

„ИМАМЕ ГОЛЕМА МОЌ“

Околу 35 милијарди евра од средствата на ЕУ наменети за Унгарија се замрзнати поради низа спорови со Брисел и одбивањето на Виктор Орбан да ги спроведе потребните реформи. Според портпаролот на Европската комисија, ова вклучува речиси 18 милијарди евра од буџетските средства на ЕУ замрзнати поради она што Брисел го смета за кршење на владеењето на правото, зголемен ризик од корупција и поткопување на независноста на судството. Повеќе од 17 милијарди евра нискобуџетни заеми за одбрана се исто така одложени. За да ги ослободи средствата, Унгарија ќе мора да исполни дури 27 услови, вклучувајќи проверки против корупција и поништување на одлуките од ерата на Орбан за кои се смета дека ги кршат правилата на ЕУ, почнувајќи од третманот на барателите на азил, ЛГБТ, до обезбедувањето академска слобода.Европската комисија, исто така, очекува брзи разговори со Унгарецот и неговиот тим за решавање на спорот околу одбивањето на Унгарија да се придржува до пресудата на Европскиот суд, со која се утврди дека законодавството за азил на Будимпешта ги крши правилата на ЕУ.Овој спор ја чини Унгарија дневна казна од еден милион евра, која сега достигна речиси 900 милиони евра. „Имаме голема моќ. Притисокот е врз него и мислам дека тој (Маѓар) сака брзо да постигне резултати“, изјавил претставник на ЕУ за весникот.

Маѓар најави дека наскоро ќе патува во Варшава и во Виена. А навести дека би можел да го посети Брисел. Ќе има таму за што да зборува. Парите му се неопходни. Па ќе трпи и притисоци. Тој не сака Унгарија и натаму да се задолжува, кога би можела да ги добие европските пари. Така функционира Европа. Ќе видиме што ќе одбере Маѓар. Претходно го чека инаугурација. Според унгарскиот устав, претседателот на владата има 30 дена да положи заклетва во новиот парламент. А претставниците на ЕУ се загрижени дека Орбан би можел да го искористи ова време за да направи измени  во законодавството или да направи кадровски промени што би можеле да влијаат врз способноста на Унгарија да ги спроведе потребните реформи. Инаку, Маѓар побара да си поднесат оставки, што побрзо, и владата и претседателот и судии и...да не се носат никакви значајни одлуки.

Во поглед на соработката со Русија, Маѓар вели дека Унгарија ќе продолжи да купува нафта од Русија, како што е договорено до 2035 година. Ќе води прагматична политика. И Орбан така велеше и така се однесуваше. Ама оваа на Маѓар, можеби ќе биде помалку прагматична. Ќе преговара со Путин само за испорака на енергенсите. Бидејќи останува унгарската енергетска зависност од Русија. Исто така ќе бидат разгледани и договорите околу изградбата на новите блокови на атомската централа „Пакш“. Кои, пак, се изведуваат од руски компании. Според Кремљ, Русија го почитува изборот на унгарскиот народ и очекува да продолжи со „прагматичните контакти“ со новото раководство на земјата. Прерано е да се проценат веројатните дејствија на властите во врска со Украина. „Унгарскиот народ го направи својот избор, а Русија го почитува“, изјави прес-секретарот на рускиот претседател Димитриј. Кремљ нема да му ја честита на Маѓар победата на изборите, бидејќи Унгарија за Русија е непријателска земја, како и десетици други кои ги поддржуваат санкциите кон Русија.

НЕКА КРАДАТ, АМА ГРАДАТ

Конечно, поразот на Орбан е и пораз на американскиот претседател, Доналд Трамп. И тоа од Европската Унија. А за неа и еден проблем помалку. Орбан требаше да биде стожерот на американската политика во Европа. Трамп се’ уште не се јавил. Но не може да се исклучи уште повеќе да се засили раздразливоста на Трамп во однос на Европа и да се јават нови закани во однос на излегувањето од НАТО и повлекувањето од Европа. А ако се заоструваат односите меѓу САД и Европа, тогаш тоа може да влијае и врз Украина. Во поглед на испораките на американско оружје и разузнавачки податоци.  

Петер Маѓар веќе најави некои почетни мерки. Антикорупциски мерки, формирање канцеларија за враќање на државните активи, ќе се менува уставот, премиер да може да се биде само два мандата. Владеење на правото, демократија и систем  за контрола и рамнотежа. Унгарија ќе се врати во Меѓународниот кривичен суд. Но него го чекаат проблеми со буџетот, па ќе му се брза за добивање пари од ЕУ. Оние замрзнатите. А за тоа треба реформи. Погоре некои спомнавме, а исто така треба да се воведуваат инструменти за контрола на јавните набавки и механизми за борба против корупцијата, обезбедување независност на судовите и контрола врз имотот на функционерите. Рокот за нив истекува во август годинава! Се‘ да оди како подмачкано, тешко дека ќе се успее. Освен, ако Европа не се смилува да попушти. Но поради искуството од Полска, кога на премиерот Доналд Туск му беа одмрзнати средствата со најава дека ќе ги спроведе реформите, а претседателот Навороцки, ги блокираше, ЕУ сега е сомничава за Унгарија.

Многу важно за Маѓар ќе биде колку тој самиот се одделил од Орбан. Се’ она што го прави сега дава знаци дека веќе далеку заминал од заедничкото минатото. И одамна го отстранил од својата спална соба портретот на Орбан, кој бил закачен на ѕидот во неговата младост.  Заминал толку далеку од минатото, за да го победи во денешнината. Но, според него, сепак побарал од Орбан, во разговорот, кога овој му се јавил да му честита за победата, заедно да го ликвидираат расколот во унгарското општество. Затоа што единственото заедничко кај нив денес, според Маѓар, е одговорноста за обединување на земјата.

Развојот на настаните во Унгарија покажува дека апсолутната власт, кај нас велеа „имаме мнозинство“, не е вечна, но штетата за државата е ненадоместлива. Така беше и во деведесеттите, и до ден денес. Кога пишуваш за Украина, како пред себе да ја имаш Македонија. „Нека крадат, ама градат“. Еден таков, наш, има во Будимпешта. На „меѓународните криминалци“, вели Маѓар, не им е место во Унгарија. Па дури им советува да не купуваат мебел во „Икеа“, бидејќи нема да им е потребен.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Слично

Поврзани вести