Исламска држава со нов напад во Турција, убија војник
Турски војник беше убиен денеска во југоисточниот турски округ Килис во пукање од Сирија, соопшти валијата на округот Сулејман Тапсаз, цитиран од американските медиуми.
Тапсаз посочил дека во нападот извршен од наводните борци од групата „Исламска држава“ (ИД) на сириска територија, биле повредени двајца војници. Валијата додал дека состојбата на повредените не е сериозна.
Турската армија одговорила на нападот со одмазднички оган, при што е убиен еден џихадист од „ИД“, изјавил Тапсаз.
Според турската приватна телевизија „НТВ“ четири тенкови стрелале по цели на „ИД“.
Според информацијата на електронското издание на турскиот весник „Милиет“ во пукањето од Сирија загинал еден војник, а четворица беа повредени. Изданието пишува дека кон регионот се собрале многу тенкови и оклопни возила.
Ројтерс јавува дека во насока на сириската граница се испратени турски борбени авиони.
Валиаството на Килис најави дека поради настаните во последните неколку дена на границата со Сирија е донесена одлука одредени гранични области да бидат прогласени за специјални зони за безбедност во текот на наредните 5 дена.
Во округот Килис биле испратени и црвени баретки, информира „НТВ“.
Во последните неколку дена се зголемија појавите на насилство по 900-километарската граница на Турција со Сирија. По самоубиствен напад, организиран од групата „Исламска држава“, во понеделникот во југоисточниот турски град Суруч беа убиени 32 лица, а беа повредени над 100.
