Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИСКУСТВО ОД ГРЦИЈА: По заслуга работникот се наградува со повисока плата, има бакшиш и подароци

ИСКУСТВО ОД ГРЦИЈА:  По заслуга работникот се наградува со повисока плата, има бакшиш и подароци

Билјана Стојчевска од Скопје веќе 3-та  година работи како собарка во хотел во соседна Грција, и е задоволна од работата.

Ангажирана е на островот Пахи близу до Крф.  Заминала преку агенција во Атина, преку која  ѝ нашле работа и сместување. Вели дека предност на оваа работа е што земјата е блиску и може добро да се заработи.

Иако е напорно, Стојчевска раскажува дека сепак се издржува и има работа за оние кои сакаат да работат и заработат. За себе Стојчевска вели дека отсекогаш сакала да работи во странство и сонот си го остварила.

„Денот ми почнува станувајќи во 7.30 часот, со тоа што започнуваме со чистење на рецепцијата, после 2 часа имаме пауза, потоа продолжуваме по собите откако туристите заминуваат на плажа. Нашето работно време завршува во 14.30 часот.  Остатокот од  времето  ни е слободно за своите потреби и активности.  Платата е 700 евра, а по заслуга со добра работа работникот се наградува со повисока плата. Но, голем плус  ни е и тоа што некои туристи оставаат бакшиш, а некои и подароци. Има доста Македонци, се дружиме и си даваме поддршка едни на други. Во план ми е да одам пак, се додека животот ми дава шанса“ – изјави Стојчевска.

Таа објаснува дека на работното место се бара професионалност , а познавањето на англискиот јазик е неопходно.

„Газдите се одлична фамилија, на нив  хотелот им е фамилијарен бизнис. Пред сè, бараат да бидеме љубезни кон туристите, да го знаеме англискиот јазик, да бидеме брзи во својата работа и да се почитуваме меѓусебно, односно да има колегијалност“ – додава Стојчевска.

Таа смета дека ова е добра можност за работа за сите луѓе кои се трудољубиви и не се плашат од работа.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести