ИСКУСТВА НА ОНИЕ КОИ ЗАМИНАЛЕ: Во странство може да се заработи десет пати повисока плата
Заминав од Македонија поради шансата да имам 10 пати поголема плата од таа што овде се нуди, вели жена од Куманово која долги години е надвор од Македонија и работела во повеќе земји.
„Сега работам во Шведска. Но, на секои 6 месеци сепак доаѓам во Македонија“, вели таа.
Граѓаните се селат во потрага по поубав живот. Големо е незадоволството од платите и условите за работа во Македонија. Штом ќе заминат надвор од државата, за повеќето е незамисливо да се вратат повторно во земјава и да работат за мали плати.
„Неколку месеци разгледував понуди за работа во странство затоа што увидов дека во мојата земја не можам да напредувам соодветно. Понудите за работа се речиси идентични во сите компании, мали плати, мизерни услови, не се плаќа прекувремена работа, не се почитуваат празници и слободни денови, буквално живеете живот работа-дома-работа, а притоа немате речиси никаква можност за напредок. Словенија ја избрав пред сѐ затоа што е прекрасна држава и како дел од ЕУ има голема можност за напредок“, раскажува Фросина Маневска од Скопје.
Четвртина Македонци родени во државата, односно 25,7 отсто се иселени од неа, покажуваат податоците на Светска банка.
Со високо образование од Македонија се иселиле речиси 40 отсто, а тоа е забележано и во Албанија, Казахстан, Молдавија и Романија.
Полоша од нас е БиХ. И таму нема иднина за младите поради општествено – политичките прилики.
„Комплексната политичка сцена во БиХ, постојаното несложување, како меѓу политичките партии внатре во Федерацијата, така и меѓу двата ентитети, како меч се надвиснала врз иднината на сите жители. Младите луѓе сакаат да работат, да се школуваат, да бидат ослободени од постојаните стравови за утре. Затоа заминуваат, најчесто во земјите од Западна Европа, Германија, Австрија, Холандија, земјите од Скандинавија, поради полесното добивање работа, а освен градежни работници, во голем број заминуваат техничари, медицински лица, лекари“, вели Јасмина Хањалиќ, лекар од Сараево.
Од Хрватска се иселило петтина од населението, а земјата има највисока стапка на емиграција по Малта во Европската Унија. Истиот случај е и со Црна Гора каде петтина од населението е иселено.
Ова го покажува најновиот извештај на Светската банка „Миграцијата и одливот на мозоци во Европа и Централна Азија“. Според податоците, Македонија е четврта по бројот на иселени луѓе, а прва е Босна и Херцеговина, од каде се иселени половина од населениот родено во земјата (49,5 отсто).
Сања Атанасовска