Искеширани 614 илјади евра за акции од Комерцијална банка: Кој го зголемува учеството
Нова блок трансакција со акции на Комерцијална банка денеска, откако претходната недела „Адора Инженеринг“ на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец во еден блок купи 48.837 акции со право на глас за кои плати 6,95 милиони евра по пазарна цена од 8.750 денари за акција. Толку вреди една акција во блокот и денеска, но сега се истргувани 4.312 акции. Вкупната вредност на трансакцијата е 37.730.000 денари или околу 613 илјади евра.
Фактор веќе пишуваше дека со последното купување „Адора Инжинеринг“ поседува 15 отсто од сите акции со право на глас во најголемата македонска деловна банка. Досега „Адора Инжинеринг“ плати повеќе од 15 милиони евра за акции во „Комерцијална банка“.
Оваа трансакција е значајна од стратешки, корпоративен, пазарен и од системски аспект и „Фактор“ преку анализа доловува како „Адора“ може да биде катализатор на идни и битни корпоративни промени во најголемата македонска деловна банка која е единствена од големите која уште не е доминантно поседувана.
А.Т.
