Иран се враќа експресно, што ќе прави конкуренцијата?
Иранското производство на нафта за два месеци ќе го достигне нивото на кое беше пред воведувањето на санкциите за Техеран.
Ова го објави иранската новинска агенција ИРНА цитирајќи ги зборовите на заменик иранскиот министер за нафта Рокнедин Џавадија.
Тоа, како што оценува Ројтерс, би можело да биде сигнал дека оваа членка на ОПЕК е спремна на наредниот состанок на нафтениот картел, кој се одржува на 2 јуни во Виена, да разговара за ограничување на производството.
Достигнувањето на нивото на производство од периодот пред санкциите, според зборовите на заменик министерот би можело да биде реализирано до крајот на иранскиот месец хорадад шт паѓа на 20 јуни.
Преговите помеѓу членките и нечленките на ОПЕК кои го ограничуваат производството минатиот викенд доживеаја колапс, бидејќи Саудиска Арабија инсистирала на тоа сите членки на ОПЕК вклучувајќи го и Иран, но и нечленките да се приклучат кон договорот.
Иран, на кој санкциите му се укинати во јануари е загрижен поради преголемата понуда на глобалниот пазар, но инсистира на враќање на сопственото производство на ниво на кое беше пред санкциите.
Иранското производство на нафта се движело благо под четири милиони барели дневно пред воведување на санкциите на иранската нафтена индустрија во 2011 и 2012 година.
Иран минатата недела го надминал производството од 3,5 милиони барели дневно.
