Иран е благодарен на Русија, но сигурно и на Кина
Минатава недела еден пост на иранскиот претседател, Масуд Пезекшијан на мрежата Х, на руски јазик, внесе нови загадочни пораки, на фонот на изјавите од Западот дека Русија ги помага Иранците со давање разузнавачки податоци. Поддршката од рускиот народ му помага на Иран во неговиот конфликт со САД, изјави иранскиот претседател. „Пораките на претседателот Путин и поддршката од рускиот народ нè инспирираат во оваа војна. Отпорот и храброста на иранскиот народ ветуваат нови врски што ќе ја обезбедат безбедноста на Источна Азија со земјите од регионот. Во име на народот на Иран, им се заблагодарувам на владата и народот на Русија“, напиша тој.
За што благодари Пезекшијан? Русија, го осуди нападот од страна на САД и Израел и во СБ на ОН и пошироко. Таа се’ уште е на позициите што ги има по ланската јунска 12 дневна војна кога САД и Израел го бомбардираа Иран. И Русија, а и Кина не ни помислувале и не помислуваат на директно воено вклучување во војната. Од едноставна причина. Првата има свој воен проблем, а втората во последните 40-тина години не нападнала ниту една држава, за разлика од САД. Кинезите играат на временската карта. И двете чекаат да видат како ќе се заврши сегашната војна против Иран. Зашто директно вмешување во војната може само да значи проширување на границите на војната што би довело до создавање сериозна закана за Иран, но и пошироко до судир на големите земји со неизвесни последици за сите.
Според еден ирански политиколог, мнозинството ирански воени лидери се убедени во неопходноста сами да ја водат војната. Знаејќи ги притоа сите можни последици, како за Иран, така и за неговите противници. А сојузниците си ја вршат својата работа, давајќи политичка и правна поддршка во Советот за безбедност на ОН, давајќи техничка помош, а продолжува и воената соработка утврдена претходно. Според него, дел од средствата кои денес се користат против американско-израелските сили, била добиена како резултат на воената соработка на Иран со тие земји. Нагласена е големината на развојот на иранскиот воен потенцијал по јунската војна. Со бројни програми на воено производство и зацврстување на своите одбранбени можности. Извлечени се поуки од војната, за користењето на оружјето, за методите на негова примена. А развојот и производството на балистички и хиперсонични ракети достигнал ниво без преседан.
СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО
Сето ова не значи дека и Русија и Кина седат или седеле со скрстени раце. Русија во јануари 2025 година потпиша Договор со Иран за сеопфатно стратешко партнерство. Со него е определена соработката во политиката, економијата и безбедноста. Но тој договор не содржи точки за заемна воена помош и не дава можност за автоматско влегување во војна на една од потписниците, доколку другата страна влезе во некаков воен конфликт. Каков што има, на пример, Русија со Северна Кореја. Што не значи дека до војната Русија не испорачувала оружје и технологии на Иран. Кина, пак, не помалку од Русија испорачувала оружје, но што е многу поважно таа е главен купувач на иранската нафта. Со што Иран добива пари со кои може да го финансира својот воено индустриски комплекс.
Што се однесува до обвинувањата дека Русија им давала разузнавачки податоци на Иран, па тој ги бомбардирал американските бази или други објекти, а Американците молчат или се прават дека не знаат за такво нешто, има различни толкувања во јавноста. Според едни, САД молчат, бидејќи и тие им даваат такви податоци на Украинците во војната со Русија. Официјално, пак, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во едно интервју деновиве рече дека:„Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот прес-секретар Димитриј Песков веќе го коментираа моментално пренагласеното тврдење на медиумите дека Русија доставува разузнавачки информации до Иран. Тие рекоа дека Русија навистина има блиски односи со Иран. Имаме договор за воено-техничка соработка. Му испорачувавме на Иран одредени видови воени производи, но не можеме да го прифатиме обвинувањето дека му помагаме на Иран со разузнавачки информации“. Според Лавров, координатите за локацијата на американските воени бази во регионот се широко познати. Тоа не може да се крие. Тоа е јавна информација. Па не е изненаден што Иран ги напаѓа.
Официјална Москва за војната на САД и Израел против Иран вели дека се залага за интересите и на Иран и на сите земји во регионот, вклучувајќи ги и блиските, стратешки партнери во Советот за соработка во Заливот, кои исто така страдаат од агресијата што ја започнаа САД и Израел. Со започнувањето на оваа агресија, тие ги предадоа и ги изневерија своите арапски сојузници. Арапските земји од Заливот тврдат дека тоа се како две војни. Едната е САД и Израел против Иран, кон која тие немаат никаков однос. Втората се со ништо не испровоцираните, како што велат, напади на Иран врз разни цели во арапските монархии на Персискиот Залив. За Русија оваа логика е неразбирлива, затоа што таа смета дека основната причина, американско-израелската агресија, е секогаш клучот за решение. Притоа, Москва го потенцира повикот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пред сè САД и Израел, да ја прекинат војната и дури потоа изразената надеж дека Иран нема да нападне цели во арапските држави.
УРИВАЊЕ ПЛАНОВИ
И додека Иран јавно и заблагодарува на Москва, Кина си ја врши својата работа тивко, без многу врева. Нема да изненади ако Кина стане центарот кој ќе решава за судбината на војната на САД и Израел против Иран. Кина сега работи на „освестување“ на Глобалниот југ. Тоа се над 80 проценти од населението во светот. Таа не реагира импулсивно и сега, како што не реагираше и околу Сирија, Венецуела или Газа. Но секоја можност ја користи да му каже на Глобалниот југ дека Западот, во случајов САД, работат со двојни стандарди, дека се жестоки и расистички. САД водеа преговори лани во јуни со Иран и сега кон крајот на февруари, и одеднаш во текот на преговорите го нападнаа, заедно со Израел. Во сегашниот конфликт се зборува за создавање „Голем Израел“, со негова хегемонија на Блискиот Исток. А САД со хегемонија на она што се чини дека го губат. Европа, Блискиот Исток, да не зборуваме за Јужна и Северна Америка, голем дел од Азија и Австралија...Кина, секако, а и Русија по дипломатски пат, ќе се потрудат да ги урнат плановите на САД и на Израел.
На еден економски собир во Кина деновиве, BOAO Forum, понекогаш наречен „Кинески Давос“, а на кој присуствуваа лидери од азиски земји и дипломати од цел свет, Кина се претстави како столб на Азија додека војната во Иран ги потресува економиите. Кинеските говорници повикаа на политичко решавање на меѓународните спорови, претставувајќи го Пекинг како стабилизирачка сила. „Мораме да отфрлиме конфликт и конфронтација“, порачуваат Кинезите. Според нив владите треба „да го промовираат политичкото решавање на несогласувањата и разликите преку мирни средства“. Без да се именува конкретна земја, се предупредува од растечките закани од „хегемонизам и политика на моќ“. Пекинг ја повторува пораката за стабилност и мултилатерализам. „Во денешниот свет, геополитичките конфликти и регионалните војни продолжуваат да се појавуваат. Едностраните дејства и протекционизмот се шират“, истакнува домаќините на форумот, повикувајќи ги земјите да го почитуваат суверенитетот и немешањето. Резултатот од кинеската политика и дипломатија е дека пораката на Пекинг, за мултилатерална соработка и регионална стабилност, наиде на поддршка кај некои учесници, вклучувајќи ги Сингапур и Филипини. Земји кои не многу се „милуваат“ со Кина. Инаку, Филипини после пет години одново купуваат руска нафта. Станува збор за околу пет милиони барели.
Затворањето на Ормускиот теснец и неизвесноста околу завршувањето на војната ги задушува енергетските текови, владите низ Азија се подготвуваат за најлошите енергетски сценарија што би можеле да вклучуваат продолжени и сериозни прекини во снабдувањето. Конфликтот ги загрозува перспективите за раст на многу од производствените центри во Азија, кои во голема мера се потпираат на суровата нафта од Блискиот Исток. А Кина сака да биде главна во напорите за стабилизација. И не само тоа, Кина знае дека војната на САД и Израел против Иран може да доведе и до удар врз доларот, со што јуанот, кој е во подем, може да ги зацврсти своите позиции. Иран веќе најави дека ќе продава нафта за јуани. А Индија и Пакистан се согласија. И не само тие.
ДИПЛОМАТИЈА
Многу работи ќе станат појасни наредниве денови, кога ќе видиме како ќе се реализираат заканите на САД за копнена операција. Но има и друга многу важна работа. На 23 март, рускиот заменик-министер за надворешни работи, Андреј Руденко, им изјави на новинарите дека се во тек подготовки за посетата на претседателот Путин на Кина, чии датуми наскоро ќе бидат објавени. Ова веројатно е непријатна вест за Трамп. Тој претходно ја објави својата намера да го посети Пекинг, но го одложи патувањето, закажано за 31 март до 2 април. Наведувајќи ја потребата да се фокусира на војната против Иран. Откако се прошири веста за посетата на Путин, која би требало да биде во мај, од Белата куќа дојде веста дека Доналд Трамп ќе биде во Кина во средината на мај. А Шји Џинпинг во Вашингтон наесен. Се навестува дека Путин во Кина ќе патува една недела по Трамп. Дипломатскиот авторитет на американскиот претседател полека бледнее. Се испокара со секого со кој можеше. Му остануваат само заканите. Еден кинески блогер вели дека: „Дипломатската конкуренција меѓу државите никогаш не била за тоа кој може да вика најгласно - станува збор за конкретни акции и исполнување на ветувања. Путин го направи својот потег, а сега топката е во дворот на Трамп - се разбира, под услов да има сила да го стори тоа“.
Што и да биде, средбата на Доналд Трамп со Шји Џинпинг, доколку се оствари, ќе е можност кинескиот претседател да ги искористи адутите во разговорите со неговиот американски колега. А кои ќе зависат од текот на војната. Прво трговската соработка, а потоа и околу војната во Иран. Трамп, сигурно ќе зборува за некаква зделка околу иранската нафта. Успехот на зделката ќе зависи од тоа што ќе прифати Шји. Можеби ќе разговараат и за ставање крај на војната, доколку дотогаш не е завршена, што е сосема реално. Можеби ќе се зборува и за Украина. Лани после нивната средба во Јужна Кореја, Американците ги забрзаа своите напори за ставање крај и на таа војна. Затоа интересно е каква порака ќе остави Трамп кај Шји за Путин. И дали ќе важи она дека:„ „Дипломатската конкуренција меѓу државите никогаш не била за тоа кој може да вика најгласно - станува збор за конкретни акции и исполнување на ветувања“. А овие тројца сигурно си имаат дадено доста ветувања.
Мирче Адамчевски
