Инженери на РМ: ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече наплатата од 200 денари за пристап до мрежа, како што вети
Групата „Инженери на Република Македонија“ информира дека Регулаторната комисија за енергетика и во новиот тарифник за Електродистрибуција одобрила наплата од 200 денари месечно за пристап до мрежа во сметките за електрична енергија за домаќинствата.
Од таму побараа од ВМРО-ДПМНЕ да си стои на зборот и да ја укине оваа наплата како што владеачката партија ветила предизборно, особено што сега има свој претставник во комисијата како регулаторно тело.
„И покрај тоа што ИНРМ поднесе забелешка за укинување на надоместокот за пристап до електродистрибутивниот систем, која беше поддржана од повеќе од 2.700 граѓани и членови на нашата група, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на седницата од 27 ноември 2025 година го донесе Тарифниот систем без да ги отстрани овие одредби.
Исто така, напоменуваме дека ВМРО-ДПМНЕ преку тогашниот претседател на Комисијата за енергетика, а сега член на РКЕ – Елена Маркова-Велинова, јавно се обврза дека првата мерка на партијата ќе биде укинување на незаконската давачка од 200 денари за пристап на мрежа“, објави „Инженери на Република Македонија“.
Групата на 11 декември ќеупати официјално барање до Членовите на РКЕ да се изјаснат кој како гласал за новиот тарифник.
