Инвестиции: Тевдовски во клин, Ставрески во плоча!
Во Македонија, во првите девет месеци од годинава, влегле само 44 милиони евра странски инвестиции, што е најлош резултат во последните десет години и е подобар само од повоената 2002 година, алармираа од СДСМ.
- Ова инвестициско фијаско се случува во годината во која премиерот Груевски и неговите министри беа на десетици роуд шоуа за привлекување инвеститори, учествуваа на десетици инвестициски форуми, на кои потрошија неколку милиони евра. Постојано ја убедуваа јавноста дека Македонија е рај за инвеститорите и дека тие само што не дошле да ги вложат своите милиони во нашата земја - рече Драган Тевдовски.
Тевдовски прашува дали Владата оваа година потрошила повеќе пари за да ги убеди странските инвеститори да дојдат во Македонија, отколку што реално привлекла инвестиции?
Вчера, пак Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека странските инвестиции во земјава за периодот од 2007 до 2012 година изнесуваат милијарда и 550 милиони евра, соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Според Ставрески оваа сума е двојно повеќе од вкупниот прилив на странските инвестиции во периодот од 1990 година до 2005-та година.
“Штета е што во вакви времиња вкупниот прилив во Европа и во светот е многу намален во однос на тоа што да речеме беше во 2004 и 2005 година и кога би имале такви околности како тогаш, резултатите ќе беа уште подобри. Но, евидентно е дека Република Македонија привлекува инвеститори и во вакви околности и тоа не од една земја, туку од повеќе, американски, британски, руски и останати компании, што се решаваат да дојдат во Македонија“, вели Ставрески.
Ставрески директно не ја коментираше бројката од само 44 милиони евра инвестиции за годинава. Според СДСМ Министерот Ставревски, добил нова улога, сите поразителни факти, преку манипулации и извртување на фактите, да ги преставува како огромен успех на Владата.
- Вчера тој јалово се обидуваше и најлошата инвестициска година, со пад на странските инвестиции на само 44 милиони евра, преку извртување на фактите, да ги претстави како огромен успех на Владата – беше речено на прес конференцијата на СДСМ.
За да се заинтересираат странските инвеститори да дојдат и да вложат во земјава, не се доволни владините рекламни кампањи и прошетките на министрите по светот. Инвеститорите бараат правна сигурност, солидна инфраструктура, ефикасна јавна администрација, независно судство. Ниту еден од овие услови Македонија денеска не може да ги исполни, а тоа е резултат на шестгодишното владеење на Никола Груевски – смета Тевдовски.
Слично
