ИНВЕСТИЦИИ: Од каде доаѓаат, колку пари прават, што е ќарот на Македонија?
Сент Винсет и Гренадин, Германија, Швајцарија се трите држави од каде дошле најмногу инвестиции во земјава во првите шест месеци од годинава. Податоците од Народната банка покажуваат дека од јануари заклучно со јуни годинава најмногу инвестиции или 35,2 милиони евра влегле од Сент Винсет и Гренадин, 19 милиони евра од Швајцарија и околу 17 милиони евра од Германија.
Но иако се на прво место по најмногу вложени инвестиции, компаниите од Сент Винсет и Гренадин не се членки во Советот на странски инвеститори при Стопанската комора. Од Стопанската комора на Македонија велат дека Советот за странски инвеститори во СКМ може да дава информации и да одговара за членките што се во Советот на странски инвеститори, но иако се евидентирани од НБРМ, тие компании не се членки на Советот, посочија од комората.
Ако се направи анализа за последните пет години, податоците од НБМ покажуваат дека инвестициите од Сент Винсет и Гренадин биле најголеми во 2010 година или близу 47 милиони евра и во 2011 година скоро 45 милиони евра. Во 2012-та и 2013-та година е забележан одлив на капитал во вкупен износ од близу 37 милиони евра по основ реинвестирање на добивка, сопственички капитал, должнички инструменти. Вредноста на инвестициите од Сент Винсет и Гренадин лани била скоро 27 милиони евра.
Во Советот на странски инвеститори има 115 компании членки кои се активно вклучени во економските текови на земјата. Според податоците од Советот овие инвеститори, лани оствариле вкупен приход од 4,33 милијарди евра.
Странците даваат пониски плати, но се фокусирани на добрите работни услови
Податоците од истражување на здружението на млади алалитичари насловено како “Ефектот на странските директни инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони врз македонската економија” дека платата во зоните е пониска за 5 илјади од просечната. Така просечната плата што е исплатена во компаниите на странските инвеститори е 16.143 денари, а просечената нето плата исплатена според податоците од Државниот завод за статистика изнесува 21.393 денари.Истражувањето покажало дека најмали плати земаат вработените од штипски Џонсон Контролс каде според анализата просечната плата е под 200 евра, нешто повисоко плата имаат вработените во Кромберг и Шуберт и во Дрекслмајер, а највисока плата е регистрирана во Џонсон Мети и во Вистеон Електроникс, околу 500 евра. Просечна плата според податоците од истражувањето исплаќале во Ван Хол, Продис, Кемет Електроникс и Витек .
Од Советот на инвеститори потврдуваат дека вработените во дел од странските компании имаат пониски плати од прочената плата на државно ниво, но посочуваат дека сепак тоа зависи од политиката на фирмата, како и степенот на образованието.
-Работните услови во слободните зони се добри, што значи работат во безбедна околина, со највисоко ниво на заштита на работно место, со најдобра технички стандарди и добиваат плата секој месец. И акцентот е на редовно, бидејќи тоа не е случај секаде. Се согласувам со Вас дека според одредена статистика, дека просечната плата во дел од зоните е пониска од просечната плата на државно ниво. Но, да ја видиме целосната слика. Мора да ги вклучиме фактори од типот на бонуси за одмор, потоа треба да запаметиме дека на државно ниво просечната плата се пресметува и платите на раководителите, а во зоните голем дел од работниците не се со високо образование. Една од задачите на Советот е да се направи вистинска споредба во однос на платите и да се споредуваат јаболка со јаболка, а не јаболка со портокали или да не мешаме баби и жаби, изјави Петер Штефан, претседател на Советот на странски инвеститори.
Од Советот препорачуваат државата да работи на креирање на предвидливо деловно опкружување, поефикасна администрација, како и стеснување на просторот за коруптивни активности, но и побараа од политичките партии да најдат излез од политичката криза.
Колкави субвенции добиваат странските инвеститори ?
На странските инвеститори им се нудат серија на даночни, царински, комунални ослободувања, слободување од плаќање ДДВ, ослободување од плаќање данок на добивка, ослободување од плаќање персонален данок на доход во период и до максимални 10 години, долгорочен закуп на градежно земјиште до 99 години и дополнително – државна помош од 100. 000 до 500. 000 евра за изградба на фабриките. Но институционална тајна останува колкава е сумата во вид на субвенции што ја добиваат странските инвеститори.
Неодамна првиот човек на комапанијата за автобуси VAN HOOL, Филип Ван Хул, изјави дека дека во Скопје инвестирале вкупно 30 милиони евра, но 17 милиони евра биле субвенција од Владата на Македонија и дека платите во фабриката Конингшокт во Белгија изнесуваат 40 евра за час, а во Скопје се помалку од 4 евра. Во договорите објавени од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата, наместо сума на пари за доделена парична помош, стои ознаката „ххххх“.
Од Советот на странски инвеститори не откриваат колку пари во форма на државна помош, добиле странските инвеститори, но посочија дека на интернет страната на владата, можат да се видат информации за поволностите кои ги дава владата а се однесуваат на земјиштето, продонесите и друго. Сепак се согласуваат дека субвенциите треба да бидат јавно објавени.
На поволностите што ги добиваат странските инвеститори регираат домашните бизнисмени посочувајчи дека се чувствуваат дискриминирани. Од опозициската СДСМ велат дека странските инвестиции треба да бидат дополнување на домашниоте, а не нивна замена. Најавија дека за да се обезбеди транспарентност, ќе ги објавата договорите за сите постоечки и идни инвеститори.
-Ние сметаме дека странските инвестиции се дополнување на домашните, а не нивна замена. Затоа целиме кон нови странски инвестиции со грижа за постојните, но основата на економијата во Македонија ќе бидат домашните претпријатија. Со цел да обезбедиме транспарентност за странските инвестиции ќе ги објавиме договорите за сите постоечки и идни инвестиции во ТИРЗ-овите, изјави Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија во СДСМ.
Пораст на извозот
Според Владата странските директни инвестиции влијаат врз зголемување на извозот, економскиот раст, отворање на нови работни места. Годинава со градба почна германската ОДВ електрик, Кондево од Италија , погон гради и КСС во Кичево, а со производство почна Маркар во Велес.
Но наспроти мерливите податоци, нето ефектите сеуште се тешко мерливи. Се зголемува вработеноста, но за сите вработени придонесите се плаќаат од буџетот, односно се на товар на македонските даночни обврзници. Пораст има на извозот, но во исто време расте и увозот на репроматеријали потребни за производството во зоните, а на нив не се плаќа царина.
Последните податоци од Народната банка за основни економски показатели, покажуваат дека во првиот квартал од годинава учеството на странските директни инвестиции во БДП било 3,1 отсто, а во вториот квартал 2 отсто. И покрај низата поволности што Владата им ги нуди на странските инвестиции, Македонија во регионот заостанува по учеството на СДИ во бруто домашниот производ, кое во некои земји од регионот достигнува и до 10 отсто.
Ј.С
Слично
