Инвеститор во еден ден вложи над 373.000 евра во акции на „Комерцијална банка“
Во средата беа истргувани 0,5 отсто од сите акции на таа банка. Трансакциите беа склучени за кратко време што води до заклучок дека договор имало и дека трансакциите се формалност
„Комерцијална банка“ убедливо доминираше во прометот на Официјалниот пазар во седмицата што измина, а воедно и во целиот промет на берзата во овој трговски период. Прометот со таа акција на седмично ниво е 24,57 милиони денариДоминацијата на оваа аакција всушност се реализираше со договорени трансакции во средата кога беа истргувани 11.015 акции (0,5 отсто од сите акции).
Просечната дневна цена беше 2.089 денари за акција. Настанот во средата покажа дека тргувањето беше однапред договорено заради тоа што едноставно за кратко време беа реализирани купопродажните трансакции. Тоа укажува дека продавачот или продавачите од една страна и купувачот или купувачи на другата страна однапред имале дефинирана цена и количина, а берзата беше само местото на кое и формално мора да се реализира трансакцијата. Се шпекулира дека новиот купувач е американски инвестициски фонд што влегува извесно време на македонскиот пазар на капитал и купува солидни количества акции, за наши прилики, во блу-чип акциите „Алкалоид“, „Комерцијална банка“ и во „Гранит“. Продавачи на акциите веројатно се инвеститори кои купуваа количества акции по цени од 1.700 до 1.800 денари за акција во времето кога продаваше стечајниот управник на словенечка банка која порано поседуваше акции во „Комерцијална банка“.
Настанот што се случи во средата може да укаже на две значајни работи. Прво, сигнал дека некој крупен инвеститор, за наши услови, купува солидна количина акции на 2.090 денари значи дека тоа е некаква долна маргинална цена за поголем број поситни инвеститори и цената со исклучоци не би требало да паѓа значајно под тоа ниво. Второ, тоа што некој крупен инвеститор, повторно за наши услови, купува може и веројатно ќе се толкува како сигнал дека окрупнувањето на акционерската структура на таа голема македонска банка ќе води кон подигање на нејзиното ценовно пазарно ниво.
Од аспект на остварениот промет втора на листата е „Гранит“ со веќе видениот метод што кај оваа акција го гледаме најчесто во споредба со другите акции. Во петокот во, најверојатно, договорени трансакции се истргувани 17.741 акции со право на глас за промет од 10,27 милиони денари со просечна дневна цена од 579 денари за акција. Можеби требаше да се остави впечаток дека „Гранит“ повторно се тргува на многу близу до највисоката годишна цена. Оваа акција се тргуваше вкупно во 2 од 4 трговски дена и претходно во понеделник беа истргувани 500 акции. Вкупниот седмичен промет на „Гранит“ беше 10,56 милиони денари.
Од аспект на бројот на трговски денови најдобри се „Алкалоид“ и „Макпетрол“ кои се тргуваа во сите четири трговски дена и се единствени акции на сегментот берзанска котација што се тргувале во сите денови. „Алкалоид“ оствари промет од 4,15 милиони денари во ценовна маргина од 5.050 до 5.000 денари за акција. „Макпетрол“ има промет од 1,5 милиони денари во маргина од 22.150 денари до 21.300 денари за акција.
Уште две акции го држеа вниманието на инвеститорите во сите четири трговски дена минатата седмица. Тоа се обичната акција на „Стопанска банка Скопје“ со промет од 0,32 милиони денари во ценовна маргина од 375 до 350 денари и акцијата акцијата на „Телеком“ со промет од 1,34 милиони денари и маргина од 289 до 281 денар за акција.
Слично
