Инвестиција во рудникот САСА, за вицепремирот Ставрески – македонската економија е феномен!
Со инвестицијата вредна осумнаесет милиони евра отворен е новиот коп во Рудникот „Саса“ во Македонска Каменица. Како што информираат надлежните ова значи продолжување на експлоатацијата на рудникот во следните 12 години, а треба да се отворат и 30 нови работни места. Притоа се продолжува полето за експлоатација за 0,8 квадратни километри, проект на кој рудникот работеше 2,5 години.
Ова за вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е знак дека македонската економија е добра и покрај економската криза во Европа .
„И покрај исклучително тешките услови и предизвиците кои ни доаѓаат од Европа, македонската економија стана еден вид феномен. Имено, кога секаде во Европа се отпуштаат работници кај нас се отвораат нови работни места и се намалува стапката на невработеност, кога секаде паѓа производството и економската активност кај нас се отвораат нови погони и фабрики, кога во соседството странските инвеститори се повлекуваат, кај нас влегуваат со нови инвестиции“, истакна Ставрески.
За вицепремиерот рударството е значаен сектор кој учествува со над 18 отсто во бруто домашниот производ, а годинава има раст на производство во рударството од 17 отсто.
„Извозот на метални руди и други производи од рударството во периодот јанаури-април 2013 година изнесува 49,9 милиони евра што претставува значителен раст од 31,5 отсто во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 38 милиони евра. Вредноста на извезените метални руди и други производи од рударството во минатата година изнесуваше 134,7 милиони евра“ појасни Ставрески.
