Инвестиции 2014: Дали Македонија ќе биде конкурентна на светската инвестициска мапа?
Големината на пазарот и куповната моќ на граѓаните ќе бидат пресудни фактори од кои ќе зависат инвестициските одлуки во 2014 та година. Најновата анкета на истражувачката агенција “Педерсен и пријателите“ покажува дека следната година менаџерите ќе се свртат кон Бразил, Кина и Индија. Во глобални рамки, помалку атрактивни ќе бидат земјите од Источна Европа и Африка. Каде ќе биде Македонија на инвестициската карта во 2014 та година? Дали и колку даночните бефиции за инвеститорите ќе помогнат да се привлече нов свеж капитал?
Кои земји ќе бидат инвестициски рај ?
Бразил, Кина и Индија ќе бидат топ-инвестициски дестинации во 2014 та година. Клучни, одлучувачки фактори за инвестициските одлуки ќе бидат растот на производството, големите профити и големината на пазарите – се наведува во истражувањето на агенцијата “Педерсен и пријателите“. Од друга страна, корупцијата, криминалот и политичката нестабилност се најголемите бариери за странските директни инвестиции – оценуваат аналитичарите.
Точно е, и очекувано е дека догодина Бразил, Кина и Индија ќе бидат клучните пазари на кои ќе се насочат инвестициите, но тука се и Мексико и земјите од Јужна Африка – оценува домашната експертска јавност.
“Станува збор за земји со бројно население, густа населеност и растечки стапки на БДП. Тука не зборуваме за раст само кај приватниот сектор туку и на јавниот сектор. Ќе посочам пример, Индија во периодот од 2009 та до крајот на оваа година изгради 7 000 мостови по должина на индискиот железнички коридор, што укажува на трендот на сериозни вложувања во јавниот сектор кои повлекуваат и други инвестиции“ - вели за “Фактор“ аналитичарот Зоран Витанов.Посочува дека сите овие земји прикажуваат раст на економијата со очекување и прогнози дека тие стапки ќе продолжат и ќе бидат одржливи. Во исто време, вели Витанов, најважно е што јакне куповната моќ на граѓаните.
“Голем пресврт има во Индија. Таму дури една четвртина од популацијата се млади луѓе до 25 години односно тоа е млада нација чија куповна моќ расте. Така, во последните две децении куповната моќ е зголемена од 25% до 40%, зависно од државата, или просечно во Индија куповната моќ на младите се зголемила за 30 отсто. Ова значи дека ако нивните родители трошеле 100 долари во одреден период, во истиот тој временски интервал младите трошат 130 долари – што укажува дека пазарот има капацитет и потреба да апсорбира.“ - вели Витанов.Македонија не е “апдејтирана“ од 2005 та година ? Она на што упатуваат аналитичарите од “Педерсен и пријателите“ е дека во носењето на идните инвестициски одлуки, државните субвенции и даночните бенефиции ќе бидат само делумно релевантни фактори.
“Клучната улога на Владите треба да биде насочена кон обезбедување на поволно опкружување за инвестициите. Според резултатите на нашето истражување, стабилната политичка и правна клима, одсуството на корупција и криминал и намалувањето на бирократските процедури се далеку поважни за компаниите отколку намалувањето на даноците“ - вели Пол Педерсен од истражувачката агенција.Македонија, според најновото ноемвриско рангирање на “Дуинг бизнис“ се најде на 25 место од вкупно 189 земји. Областите во кои што Македонија највисоко котира на оваа листа се: “Основање и бизнис“, “Поволност за подигање кредити” и “Заштита на инвеститорите”. За разлика од исчекорот што е регистриран кај процедурите, корупцијата и натаму останува проблем што чека решение. Македонија се најде на 67 место, од 177 држави по индексот на перцепција на корупцијата – обелодени извештајот на Транспаренси интернешенл за 2013 година во кој се посочува дека корупцијата останува сериозен проблем и се апелира да бидат преземени глобални мерки. Кој фактор ќе и помогне на Македонија? Во обид да привлече инвеститори, Владата создаде широк фронт: од економски промотори, роуд – шоуа, даночни бефиции до слободни економски зони.
“Овие мерки според мене беа атрактивни во периодот од 2000 та до 2005 та година. Владата од тогаш не е “апдејтирана“. Ќе укажам на следниов факт – во Кина на пример 1 милијарда кинези точакот го заменија со возила. Значи – раст на оваа индустрија од сите можни аспекти. И логично е целиот инвестициски потенцијал да се насочи на кинескиот пазар“ - вели аналитичарот Витанов.Ниту факторот “евтина работна сила“ повеќе нема да биде одлучувачки за инвестициските одлуки, покажува истражуивањето на “Педерсен и пријателите“.
“Голем дел од генералните директори кои учествуваа во анкетата тврдат дека влијание за успехот на вложувањата на новите пазари ќе има ангажман на способни менаџери и пронаоѓање на квалитетни локални партнери“ - вели Конрад Прамбоук од истражувачката агенција и додава: “Поголемиот дел од работниците во производството и оние вработени во администрацијата се уште заработуваат 50% до 80% помалку во земјите во развој во однос на своите колеги во западните економии. Од друга страна, пакетите за надоместок за најдобро платените раководители и менаџери во Бразил, Кина, Индија и Русија веќе го достигнаа нивото како на Западот“ - објаснува експертот за финансии од истражувачката агенција.Според последниот најнов извештај на ММФ, до година, генератор на глобалниот економски раст би биле земјите од Азија. Така, според ММФ, растот на БДП во Кина ќе забави но нема да биде помал од 7,3%. За Индија се предвидува раст од 5,1%, повисока стапка во однос на годинашното очекување од 3,8% раст на БДП. Од земјите на Средниот Исток, Либија се очекува да испорача раст во 2014 та година од фантастични 25,5% за разлика од сегашната прогноза за рецесија од -5,1%. А.Д.
Слично
