ИНЦИДЕНТ СТРУГА: ДУИ демантира дека убиениот бил нивен член
ДУИ го осуди последниот инцидент во Струга во кој беше убиен Аргетим Асани и истакнуваат дека убиениот заменик директор на УЈП ниту е член на партијата ниту е партиски функционер, пренесува Телма.
Според ДУИ зад инцидентот во Струга нема внатрепартиски мотиви како во Куманово туку станува збор за инцидент со криминална заднина.
Кон жртвата било пукано од возило „голф“ црна боја. Штом испукале пет куршуми, напаѓачите избегале, а веднаш по нив е започната потрага.
Асани ѝ стана познат на пошироката јавност минатата година откако беше повреден во конфликт во врска со внатрепартиските избори на ДУИ во Струга, пренесува пак Плусинфо.
Во декември минатата година, во тепачка меѓу поддржувачите на струшките функционери на ДУИ Рамиз Мерко и Арбен Лабеништа, настрада токму Асани, кој со полесна повреда заврши во струшката болница. Медиумите тогаш пишуваа дека групите си размениле тупаници, клоци и се гаѓале со мобилни телефони.
Асани му е заменик на директорот на УЈП Горан Трајковски од 2013 година.
Слично
