Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интерву Зоран Заев: Ќе победам со огромна разлика и покрај сите валканици од власта упатени кон мене!

Интерву Зоран Заев: Ќе победам со огромна разлика и покрај сите валканици од власта упатени кон мене!
Зоран Заев во Струмица се бори за трет градоначалнички мандат. Роден е на 8 октомври 1974 година во Струмица. Дипломирал на Економскиот факултет на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Политичката кариера ја започнува во 2003 година како пратеник во Собранието на Република Македонија, а од 2005 година е градоначалник на општина Струмица. Во 2006 година е избран за потпретседател на СДСМ. Во интервју за Фактор говори за притисоците од власта кои се соочува, но и за своите резултати, поради кои е убеден во победата на изборите в недела. Фактор Каква е вашата визија за Струмица? Заев Струмица да остане неколку чекори понапред од скоро сите други општини во Македонија како и досега. Општина во која живеат среќни граѓани, чесно заработувајки за себе и своето семејство. Општина во која младите луѓе ќе останат овде и ќе бидат главни носители на убаватa иднина на Струмица. Фактор Што е она што сега и недостасува на Струмица, а за што ќе се заложите да го добие во иднина? Заев Струмица е општина со одлична комунална инфраструктура, модерна локална патна мрежа и урбан амбиент на кој може да му завидат сите. Предизвикот во новиот мандат ке биде економскиот развој, новите работни места, новите фабрики и производствени погони. Најмногу ќе се посветиме на економскиот раст и развој на Струмица. Ние сме општина која во изминатите години инвестираше во детални урбанистички планови за цели индустриски области (вкупно 2,3 милиони м2 градежно земјиште) за да во наредните четири години со право очекуваме да ги собираме плодовите и ефектите од ваквите планови. Фактор Мислите ли дека ќе ја имате најлесната задача на овие избори, со оглед дека важите за сигурен играч  на СДСМ, и веќе изјавивте дека Господ е милослив со Вас? Заев Да, убеден сум во победа со огромна разлика. Остануват уште неколку дена и тоа ќе го види цела Македонија. Предноста пред противникот ја имам многу поодамна, создадена со секојдневното работење за Струмица. Валканата кампања што ја води власта против мене, но најмногу насочена кон граѓаните со притисоци и закани, како и слабиот противкандидат, само дополнително ме уверуваат дека разликата во гласови ќе биде огромна. Фактор Имате ли стратегија за привлекување на странски и домашни инвестиции?  Има ли веќе разговори за конкретни проекти? Заев Во Струмица 25 домашни и странски инвеститори веќе се сопственици на градежно земјиште за изградба на фабрики и производствени погони како “greenfield” инвестиции, осум од нив веќе имаат одобрение за градба. Во моментот очекуваме одлука за инвестирање во Струмица од две големи Европски компании. Убеден сум дека Струмица , во периодот што доаѓа, ќе одржи лекција дека е можно во Република Македонија да се градат фабрики и тоа со засилено темпо како и во развиените Европски земји. Фактор Како ќе му помогнете на струмичкото земјоделство, дали сметате дека треба да се оди на окрупнување на стопанствата? Заев Окрупнувањето на земјоделските површини е значаен сегмент во делот на рационализација на трошоците за обработка на земјоделското земјиште, но присутноста на природниот гас во Струмица е одлична можност за гасификација на полето и производство на раноградинарски производи кои ќе ги има на пазарот кога никој друг ќе нема. Целта е да произведеме земјоделски производи два до три месеци пред сите други од регонот. Тоа ќе создаде одлична заработка на земјоделците, а кога од земјоделието има поголема заработка заживуваат и останатите економски гранки во Струмица, живнува селото – живнува и градот. Фактор Кој ќе биде клучниот инфраструктурен проект на кој ќе се насочите доколку го добитете третиот мандат и кои други проекти ги наговестувате? Заев Продолжување на гасификацијата на градот и земјоделското земјиште, инфраструктурата во индустриските области и туристичките области, уште една подземна сообраќајница во градот, железничка жичара за поврзување на градот со ридовите над градот, изградба на 100 куќи за граѓаните од турска националност и дислокација на цело маало од втора во осма урбана заедница, доизградба на тврдините над градот Струмица за кој добивме веќе грант од ЕУ, модерен голф терен по сите стандарди, спа центри со огромен воден парк и многу други капитални зданија. Фактор Каква ја оценувате кампањата? Заев Еве сме на самиот крај на кампањата. Завршувам како што и почнав со исклучително позитивна кампања иако добив силни приземни удари од валканата кампања на политичкиот противник.  Мојата и противничката кампања се огромен одраз за различностите помеѓу политиките и личностите. Самата кампања, моја и на проивничкиот табор, веќе предизвика да победам со уште поголема разлика од таа што ја очекував на самиот старт на кампањата. Фактор Очекувате ли соработка со власта доколку и ја добиете довербата на граѓаните. Заев И каква беше досегашната пракса  на тоа поле? Ниту досега соработувала власта со Заев ниту пак имам илузии дека во иднина ќе соработува со мене и општина Струмица. Се трудев многу и претходно да имаме соработка иако сме политички различни, што ли не направив но не успеав. За љубов треба двајца. Затоа ќе морам во иднина да се заложам многу повеќе од досега да ја исполнам онаа народната “ако и покрај се, не можеш да го промениш однесувањето на власта – променија ја власта”. Фактор Што би му порачале на противкандидатот од редовите на СДСМ? Заев Кога веќе и нему му е повеќе од јасно дека нема да победи на овие избори и ќе си остане пратеник во Собранието на Република Македонија, да започнат, тој и неговата партија, да работат за Струмица и струмичани оти ќе дојдат повторно избори. Со подршка на цела централна власт позади него да почне да се натпреварува со Заев и општина Струмица - кој повеќе ке им помогне на граѓаните, кој повеќе ќе реализира проекти во Струмица. Само така граѓаните ќе имаат најголема корист од нас политичарите, а со тоа неговата политичка опција ќе може некогаш да се надева на победа во Струмица.
Слично

Поврзани вести