Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Зоран Заев: Тој што ќе ги чепне моите струмичани, ќе ме има мене за вечен противник!

Интервју Зоран Заев: Тој што ќе ги чепне моите струмичани, ќе ме има мене за вечен противник!
Зоран Заев како еден од најизвесните победници, доколку се кандидираше на локалните избори, е веројатно најинтересната личност за интервјуирање деновиве. Распнат, меѓу сопствениуте дилеми, барањата на струмичани и одлуките на матичната партија Заев донесе одлука – сам на изборите не оди. Тоа не значи дека се е готово, вели Заев во интервјуто за Фактор, во кое уште еднаш ја повика ВМРО ДПМНЕ да отстапи од, како што вели, својата тврдоглавост. Фактор: Целокупната македонска јавност е во очекување на разврска на оваа политичка ситуација, која несомнено ќе има големи импликации врз целата држава и во однос на економија, очекувате ли дека е можен договор со ВМРО ДПМНЕ за изборите во следните неколку денови? Заев: Јас сум секогаш оптимист, исто така чувствувам дека од мене се очекува да сторам се што е во моја можност да има договор со власта. Само тоа е исправно за државата. Изминативе денови, многу пати мојата партија попушти од првичните наши ставови, се надевам дека и власта која ја има сета моќ во државата ќе попушти за да се најде решението за излез од кризата. Фактор: Како Вие како градоначaлник кој имаше сигурни шанси да победи во Струмица, гледате на бојкотот. Дали тоа беше единствено решение? Заев: Секако дека бојкотот не може да бид единствено решение. Бојкотот за нас е изнудено решение, а не посакувано решение. Многу е нормално во демократска земја секогаш да се тежнее по пат на разговор, дијалог да се изнајде решение за секој проблем, но тоа не се случи, не барем досега. Мојата победа на изборите доколку поднесов кандидатура беше прилично извесна. Тоа го потврдија и претставниците на владеачката партија. Но, натпреварот помеѓу нас градоначалниците, за подобри општини, може да продолжи единствено во нормална и демократска држава. НОРМАЛНО Е ДА ИМА РАЗНОГЛАСИЕ Фактор: Се покажа и одредено разногласие во СДСМ во однос на изборите, дали одлуката на Јакимовски осуети единството? Заев: Знаете како јас го дефинирам ова. Ние сме партија со огромно членство, многу луѓе - многу ставови... Единството во партијата се демонстрира откога ќе бидат донесени одлуките со тоа што сите застануваат позади тие одлуки и ги бранат како такви. Но, додека се донесат одлуките легитимно е, нормално е , демократски здраво е, да се борите за своите ставови внатре во партијата, да има натпревар на различни мислења за да може на крајот да се донесе најисправната одлука. Единството и пред и после Јакимовски се гради и докажува секој ден, но дефинитивно постои, еве и последните одлуки после 8 часовна дебата за различни ставови беа донесени по пат на гласање со сите ЗА. Фактор: Имаше ли и кај Вас дилема? Заев: Не е нормално во вакви комплексни состојби во кои се наоѓаме сите, да нема дилеми – имаше и сеуште има дилеми. Но, јас зборувам во партијата за моите дилеми, дебатирам, аргументирам. На крајот секогаш е... ако сакате другите да ги прифатат вашите аргументи кои се во одредени случаеви најиздржани, морате да бидете подготвен да ги прифаќате и аргументите на другите кога ќе бидат поиздржани од вашите. На последните две седници на Централниот Одбор на партијата колегите од СДСМ имаа аргументи кои беа поприфатливи за сите наспроти аргументите за кои јас се залагав. Одлуките се носат, а после тоа се почитуваат. А, дали сум имал дилема да се кандидирам надвор од СДСМ - НИКОГАШ. Јас сум Зоран Заев. Јас и СДСМ меѓусебно се гордееме еден со друг. Последно да ми е на светот тоа нема да го сторам. Нема да одам сам на локалните избори. Тоа е само желба на ВМРО-ДПМНЕ. Но, можам да им порачам дека никогаш нема да ги направам среќни. Фактор: Струмица е на нозе, вашите луѓе очекуваат од Вас лидерство, како им ја објаснувате оваа ситуација, сите тие утре се соочуваат да останат без работа? Заев: Нема да останат струмичани без работа заради тоа што секој одговорно си ја врши работата каде и да работи. И јас да не сум градоначалник нема ниту една причина зошто би останале луѓето без работа. А, некој ако се дрзне да ги шиканира или избрка од работа ќе ме има мене за противник. Струмица досега верувала во мене и тоа го има докажано многу пати досега. Оваа политичка битка што сега ја водам рамо до рамо со сите во СДСМ е за доброто на државата, но секако и за доброто на Струмица. Не можам да се скријам во толку извесната идна градоначалничка фотеља и да молчам, кога ми е јасно како бел ден дека воопшто не ни чинат работите во државата. Јас сум на вистинската страна, а вистината порано или покасно излегува на површина СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ВМРО ДПМНЕ ЌЕ ОТСТАПИ ОД СВОЈАТА ТВРДОГЛАВОСТ Фактор: Каков развој на настаните предвидувате доколку не се прифатат барањата на СДСМ? Заев: Ние веќе, сигурно гледате, отстапивме од дел од нашите барања како чекор за излез од политичката криза. Се надевам дека и луѓето од ВМРО – ДПМНЕ ќе отстапат од својата тврдоглавост оти нели власт се, ја имаат целата моќ, но и одговорност пред народот. Доколку не се изнајде решение, бојкотот за нас значи кампања за неизлегување на избори користејќи се со сите дозволиви и легитимни средства. Но, сепак се надевам дека до тоа нема да дојде. Фактор: Можна ли е радикализација на состојбата? Заев: Не! Фактор: Што може да донесе самиот изборен ден? Заев: Самиот изборен ден без опозицијата може да донесе невиден срам за државата и народот. Нелигитимни избори во таков случај се најмалата работа која ќе ни се случи. Срамот ќе биде голем. И да се постигне цензусот – можете ли да замислите како ќе изгледа кога ќе осамне 25-ти март со околу 65  доминантно македонски општини – сите градоначаници од ВМРО- ДПМНЕ, сите советници од ВМРО – ДПМНЕ, сите институции и државни и локални од ВМРО-ДПМНЕ. Та зарем постои поголема практична потврда на едноумие и диктатура. Скраја да е... Да не даде Господ ваков изборен ден кој носи ваква иднина на мојата и вашата земја. Фактор: Му порачавте на кандидатот за градоначалник во Струмица дека ќе се бори сам со себе, и дека на крајот ќе биде поразен, но фактичката состојба на теренот по изборите може да биде негово седнување во градоначалничката фотелја и преземање на власта, што во тој случај? Заев: Јас не сум венчан за градоначалничката фотелја во Струмица. Ако сите околности доведат до тоа граѓаните на Струмица да му дадат подршка на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за Струмица тогаш само можам да кажам нека му е со среќа на човекот. Ќе ја има честа да ја води мојата, нашата Струмица. Народот одлучува кому ќе му ја даде таа чест. Во случајов и без избор, со еден кандидат сепак се е можно. Можно е на трка, на избори сам да трчате, а втор да излезете на крајот. Ќе почекаме, па ќе видиме. Фактор: Неодамна предвидовте дека државата оди кон банкрот, дали ваквата политичка ситуација ќе го забрза овој процес? Заев: Не може ниту ваква политичка криза повеќе да делува на забрзување на банкротот на државата од цунамито наречено ВМРО – ДПМНЕ. Никој не им е рамен. Окупатори да беа, ќе застанеа, ќе се смилуваа. Жално е тоа што и го прават на Македонија.  
Слично

Поврзани вести