ИНТЕРВЈУ Зоран Поповски: Новиот претседател ќе направи еднаква оддалеченост кон ВМРО ДПМНЕ и СДСМ!
Претседателскиот кандидат на ГРОМ Зоран Поповски за Фактор зборува за проблемот со името и, како што вели, игрите што околу него секогаш се прават пред избори, за односите со соседите, за евроатлантските интеграции... Најавува дека ќе биде еднакво оддалечен и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон СДСМ како репрезенти на власта и опозицијата...
Фактор Уверувате дека нема да имате епизодна улога и очекувате голема поддршка на изборите. На што го темелите тој Ваш оптимизам?
Поповски Затоа што граѓаните нема да имаат епизодна улога на овие избори. Занеколку месеци од основањето на ГРОМ ни пристапија над 20.000 членови, а пет пати повеќе луѓе се подготвени да дадат подршка на оваа опција. Од друга страна мојата соработка со огромен број граѓани додека работев во Министерството за образование и наука и постојаниот контакт што го имам како професор, комшија, „пазарџија“, спортски работник и пријател се основа за мојот изразен оптимизам. И конечно, можеби ќе звучи нескромно ама верувам дека и моето професионално и политичко искуство ќе биде препознаено од граѓаните. Повеќе од 4 години од животот сум поминал надвор од државата предавајќи на врвни универзитети или работејќи како ангажиран експерт од страна на ЕУ и УНЕСКО, ама секогаш сум се враќал дома и покрај можностите да останам. Едноставно мислам дека е важно во ова време на создавање на државата да се биде тука и да се помогне. Убеден сум дека граѓаните тоа ќе го почитуваат.
Фактор Г-не Поповски – на Вашата инаугурација во претседателски кандидат на ГРОМ најавивте дека, ќе ја прекинете играта и манипулацијата со исконското име Македонија и нема да дозволите референдумизација на тоа прашање. Што значи тоа – дека сте против било каква промена на името, уште помалку ако таа значи и чепкање на Уставот...?
Поповски Ние како нова опција во програмата која е во изготвување ќе предвидиме механизми за решавање на проблемот. Крајно време е да прекине оваа игра околу името која вообичаено се зајакнува околу избори и на која за жал се темелат резултатите од истите. Проблемот не се решава, постојано се покажуваат мускули во јавноста за тоа кој е поголем патриот, а Македонија тапка во место со Евроатланските интеграции. Згора на се, се уште во ОН и во ЕУ си го „носиме“ тоа толку небулозно име со кратенка БЈРМ и покрај тоа што Република Македонија е признаена под уставното име од многу држави и покрај одлуката на Меѓународниот суд во Хаг. Е па сега јас ве прашувам: нели е ова своевиден политички мазохизам? Во однос на референдумот, мислам дека тоа е своевидно алиби за тие што одлучуваат, а кои заради свои одлуки сакаат да се затскријат зад граѓаните. Ние тоа име не сме го добиле на референдум ниту можеме на реферeндум да го смениме. Сепак политиката е за храбри луѓе.
Фактор Ова значи дека однапред прифаќате ситуација на блокада во евроатлантските интеграции на Македонија? Бидејќи и во писмените одлуки на ЕУ и НАТО, а и во усмените искажувања од нивните првенци – барем досега нема сигнал дека ќе прогледаат низ прсти за спорот со името и без негово решение ќе може да напредуваме...?
Поповски Кога најавив дека ЕУ и НАТО се наши приоритети, така и ќе делуваме. Спремни сме на продолжување на процесот, без дополнителни провокации и со позитивни намери. Нема да се потхрануваме со тоа што нашиот јужен сосед Република Грција се соочува со тешки економски проблеми туку ќе се обидеме и во такви услови да го продолжиме дијалогот. Во спротивно, секогаш ќе се наоѓа изговор за прекинување на разговорите и решавање на проблемот. Како што знаете, се комплицира ситуацијата и со нашиот источен сосед Република Бугарија околу унапредување на добрососедските односи. И во овој случај ќе седнеме за да ги видиме историските недоразбирања и да ги дефинираме позициите за иднината. Знаете, комшиите не ги бирате, а со нив треба да живеете и да се гледате. Некогаш дури и повеќе и од најблиските роднини. Затоа сум оптимист дека овој процес може да го „одглавиме“.
Фактор Како тогаш ќе ги оствариме стратешките приоритети кои го споменавте и во Вашата првична изјава веднаш по одлуката на ЦО на ГРОМ да бидете нивен фаворит за изборите?
Поповски Со иницијативност и со превентивни чекори кои ќе ги превземеме како учесници во овие договори мислам дека ќе го најдеме патот до ЕУ и НАТО. Па зарем малку примери на меѓусоседски проблеми имавме во регионот за кои мислевме дека никогаш нема да се решат? Некои од нив биле решавани и со вооружени крвави судири, па денес полека се наѕираат и таму решенија. Кој веруваше дека Србија и Косово ќе преговараат, Словенија и Хрватска ќе се договорат, а Србија и Хрватска ќе си простат. Епилогот е познат. Словенија и Хрватска се во ЕУ, а Србија цврсто чекори по европскиот пат. Ние со нашите соседи во претходниве децении не сме имале такви недоразбирања. Во однос на глобалната меѓународна политика не ни треба ни сервилност ни надменост. Треба да не препознаваат како земја која си има свое достоинство и која сака да соработува. Професионална дипломатија потпомогната со наши успешни луѓе дома и од дијаспората ќе биде вистинскиот инструмент за ова.
Фактор Нема да бидете марионета на власта, ниту пак продолжена рака на опозицијата – ова значи дека се позиционирате еднакво далеку и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ако нив ги земеме како персонификација на едното и другото?
Поповски Токму така. Во моментот во Македонија се појави и напредува нова политичка опција во чиј фокус е неговото височество Граѓанинот. Тоа е позицијата на ГРОМ во новата политичка реалност во Македонија кој ќе биде антипод на власта и опозицијата. Тие толку многу се препукуваат што кај најголем дел од граѓаните создаваат анимозитет кон зборот политика кој во својата суштина значи лидерство. Не навлегувајќи во нивните мотиви за вакво однесување, ќе се дистанцирам од обете страни и ќе проценувам што ќе биде од полза на граѓаните независно од нивната припадност.
Фактор Подготвен ли сте да кохабитирате со извршната власта, која и да е?
Поповски Во секој случај соработка помеѓу Претседателот на државата и Владата мора да има. Така ни е устроен политичкиот систем. Во спротивно ќе се блокира државата, а тоа најмалку им треба на граѓаните. Воедно, спремни сме дел од клучните советнички места во кабинетот да им ги понудиме на партиите од владината коалиција и на опозициските партии. На таков начин ќе обезбедиме баланс во спроведувањето на надлежностите на Претседателот на државата.
Фактор Вашиот партиски лидер – Ве претстави како кандидат со беспрекорна бигорафија и со политичко искуство. Чувствувате дека може да се фатите во костец и да се справите со наталожените надворешно политички тешкотии и истовремено, внатрешните турбуленции во Македонија?
Поповски Сметам дека Македонија и нејзините граѓани без разлика на националната и политичката припадност можат да се справат со проблемите. Само треба да добијат шанса. Јас сум промотор на таа опција и се надевам дека ќе стане доминантна. Кога не би било така, не би се ни кандидирал за најодговорната позиција во државата. Фактот што сум бил еден од најдобрите студенти, што низ предавања и вежби ми поминале над 3000 студенти тука и во светот, фактот што сум престојувал и предавал на најпрестижни универзитети во светот, покажува дека професионално сум реализиран. Во однос на општествениот ангажман после активностите во средношколската и студентската организација, понатаму како дел од највисокото младинско раководство во Македонија во времето на македонската политичка пролет и конечно како државен секретар за образование и наука се дополнителна потврда дека сум спремен за ваков предизвик. На меѓународен план сум работел за ЕУ и УНЕСКО како образовен експерт, сум бил претставник на Македонија во научниот комитет на НАТО и во советодавниот одбор на Европската фондација за обука и т.н. Со оглед на надлежностите на претседателот на државата, мислам дека и во тој дел се чувствувам целосно подготвен да се фатам во костец со предизвиците што ги носи оваа функција.
Фактор Ако сепак не го поминете првиот круг, ќе ги повикате ли своите симпатизери да гласаат за друг?
Поповски Морам да признаам дека не ми се допаѓа што прејудицирате невлегување во втор круг. Јас влегов во оваа политичка битка за да успеам, а не тоа да ми се брои како некаков обид во мојата кариера. Кубертеновото правило го прифаќам на ревии и фестивали, ама во спортот и политиката не. Но, кога веќе ме прашувате, во овој момент не размислувам за тоа. Сега имам поважни прашања за разгледување.
З.Ф.
Слично
