Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Зоран Димитровски: Се надевам оти Груевски ќе избере меко приземјување!

ИНТЕРВЈУ Зоран Димитровски: Се надевам оти Груевски ќе избере меко приземјување!
“Владеачката партија на среден рок драматично ќе ги арчи своите ресурси, финансиски, политички, кадровски, интелектуални и разголена од „бомбите“ полека ќе се движи кон крајот на своето владеење. Се надевам оти Груевски ќе избере меко приземјување. Тврдото нема да чини ниту за него, ниту за граѓаните.” Еден од најафирмираните новинари Зоран Димитровски, одговорен уредник на „Фокус“ еднакво близок и критичар на дел од владечките личности, денес е остар критичар на антидeмoкратската и политиката на аномија на институциите, за Фактор уште констатира:  “На Македонија и е потребно враќање на основните вредности на демократијата и слободата, но мислам оти ќе биде ѓаволски тешко, ако не и невозможно владеачката партија да се убеди во тоа”. Разговараше Горазд Чомовски Фактор: Опозицијата бара формирање на преодна влада, од друга страна премиерот Груевски на политичките противници им порача дека тоа е можно, но без учество на ВМРО ДПМНЕ. Дали евентуалното формирање на преодна влада без партиципиенство на најголемата владеачка партија би имало легитимитет да решава крупни прашања? Димитровски: Не верувам дека е можно да се формира преодна влада без да гласаат пратеници од коалицијата на владеачката партија и од партиите на Албанците. Бројките говорат дека пратениците на Ахмети (ДУИ) не се доволни да се изгласа недоверба на Владата на Груевски и да се формира преодна влада. Со оглед на тоа што Тачи и ДПА најавуваат поддршка на Груевски, очигледно е дека е потребен гласот на повеќемина пратеници од ДПМНЕ и од коалицијата на владеачката партија за да се урне Владата на Груевски и/или да се создаде преодна влада со ново парламентарно мнозинство. Мислам оти премиерот на митингот во салата „Борис Трајковски“ упати приземна закана до опозицијата и до евентуалните „бегалци“ – ајде, нека се обидат да формираат преодна влада без ДПМНЕ! Знаеме дека на располагање му се пари, бизниси, коруптивни понуди и уцени до пратениците за да ги замолчи и да ги дисциплинира, а многумина му се одамна верни „до смрт“. Затоа Груевски и порача на опозицијата дека нема мнозинство за преодна влада без ДПМНЕ! Втората димензија е дека дури и да успее да формира таква влада – да речеме со пратениците на ДУИ, ДПА и со внатре-коалиционите партнери на ДПМНЕ – таквата влада ќе биде „предавничка“ (т.н соросоиди, плус „шиптари“, плус внатрешни предавници), а народот потоа ќе и ја расплаче мајката. Значи, нема искрен приод од Груевски за решение на кризата, туку закана од позиција на моќ. Фактор: Има ли во Македонија личности  со интегритет и кредибилитет кои би можеле да ја извадат земјата од кризата и кои би се нафатиле во можеби најкритичниот период од осамостојувањето да ги решаваат прашањата: како што се прочистување на избирачкиот список, спроведување на попис, департизација на институциите, деполитизација на судството и организирање на избори со чисти списоци? Димитровски: Владеачката партија негира дека има ваква политичка криза. Напротив, таа вели дека има друг тип криза - странски служби и домашни предавници од опозицијата го загрозуваат уставниот поредок на државата! Тоа е воена реторика, за која Груевски предвидува судска разрешница, како што вели – транспарентна, со набљудувачи од ЕУ! Натаму, премиерот и ВМРО-ДПМНЕ постојано велат дека сите досегашни избори биле фер и демократски и не сакаат да се согласат нив во иднина да ги спроведува неутрална администрација - техничка, експертска и тн. влада. Прво, важно е да има политички договор, кој сега е далеку, дека политичката криза треба да се разреши со компромис што подразбира департизација на институцииите, деполитизација на судството, организирање фер и демократски избори, враќање на демократијата, на човековите права и сл. Значи, прво ќе треба да прифатат дел од тие политички оценки, што не е за верување, а дури потоа да се согласат да се создаде преодна влада. Нема сомнение дека во Македонија има луѓе со интегритет и кредибилитет, експерти, поранешни функционери, активисти на НВО и политичари, блиски до владеачките или до опозициските партии, но проблемот е ако за нив треба да се согласат сите парламентарни партии - и СДСМ и ДПМНЕ и ДУИ и ДПА! Секогаш ќе има сомневања и од власта и од опозицијата дека тие би можеле да работат за „другата страна“. Затоа многу поприкладна за политичката свест на нашите партии би била концентрациска влада или влада од личности – експерти или политичари, помалку или повеќе блиски или поддржани од едната или од другата страна. Но, за да се стигне до таква влада, прво треба власта да признае оти политичката криза не може да се разреши со едностран судски, полициски, обвинителски прогон на лидерот на опозицијата. Фактор: Дали можеби на Македонија и е потребна Владата на широка коалиција во која сите  би ја понеле одговорност и за успесите но и за неуспесите. Димитровски: На Македонија и е потребно враќање на основните вредности на демократијата и слободата, но мислам оти ќе биде ѓаволски тешко, ако не и невозможно владеачката партија да се убеди во тоа. Фактор: Како ги оценувате потезите на ВМРО-ДМНЕ кој во услови на криза се обидува да ја зациментира својата позиција нудејќи им на ДПА да бидат дел од Владата предводена од  премиерот Груевски? Димитровски: ДПА и Тачи уште од минатите избори и пред тоа се на врвката на ДПМНЕ. Мислам оти таа можност – најавата за влегување на ДПА во Владата е насочена во два правци – првиот, да ги дисциплинира „интегративците“ на Ахмети кои упатуваат сигнали на политичка нелојалност и да ги вразуми дека и без нив се може, вториот, да им соопшти на странците, на меѓународната заедница, дека, еве, доминантните политички претставници на Албанците – и ДУИ и ДПА се со власта, со ДПМНЕ, а противници се само „предавниците“ од СДСМ на чело со Заев! Фактор: Дали во македонската демократија е проблем отсуството на луѓе  приврзани кон вистината ако се има во предвид постојаната поделба на ваши и наши, на опозицинери и провладини, на патриоти и предавници? Димитровски: Поделбите се дојдени дотаму, што патриотите и предавниците се бројат не само во редовите на власта и опозицијата или во политичките и партиските табори, туку и во семејствата, фирмите, на факултетите, во училиштата, во општествените субјекти, институциите... Сведоци сме дека секојдневно браќа, сестри, братучеди, снаи, свекрви, зетовци, золви, чичковци, тетки, вујковци, вујни и други блиски крвни сродници се скарани, напизмени, напикани во ровови, не зборуваат, се мразат, мајки си пцујат, небаре едните навистина ќе ја бранат Македонија од душманите, а другите со бомби ќе ја парчосуваат. Ситуацијата прилега на братоубиствените судири од Втората светска војна на просторите на поранешна Југославија, кога едните беа „четници“, „врховисти“, а другите „партизани“, „комунисти“ и сл. Не гледам чаре, зашто не верувам дека власта ќе отстапи и ќе почне да ја демократизира Македонија. За едните – вистината е во „бомбите“, за другите во пропагандата на Груевски. Засега пропагандата функционира супериорно, а „бомбите“ допрва треба да се наметнат. Мислам оти ако опозицијата отстапи од некои свои барања за сметка на помирна разврска, тоа сепак ќе биде на сметка на демократијата и слободата. Но, којзнае, можеби и тоа е подобро, од решеноста на врхушката да оди до крај. Зашто крајот може да биде и крвав. Каде го гледате излезот од  политичкиот ќорсокак,  во меѓународно медијаторство или сепак на ќе проработи совеста кај власта и опозицијата и на крај ќе седнат на заедничка маса и ќе изнајдат ненаков заеднички јазик? Димитровски: Излез од политичкиот ќорсокак би било силно меѓународно медијаторство, од ЕУ и САД, за „разумен компромис“ но не верувам дека во ваква констелација на политичките и геостратегиските односи во ЕУ на Балканот, токму такво медијаторство брзо ќе се реализира. Сепак, мислам оти владеачката партија на среден рок драматично ќе ги арчи своите ресурси, финансиски, политички, кадровски, интелектуални и разголена од „бомбите“ полека ќе се движи кон крајот на своето владеење. Се надевам оти Груевски ќе избере меко приземјување. Тврдото нема да чини ниту за него, ниту за граѓаните.
Слично

Поврзани вести