Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Зоран Димитровски: Нема спас за владиниот брод кој тоне, но Груевски сака кризата да ескалира!

Интервју Зоран Димитровски: Нема спас за владиниот брод кој тоне, но Груевски сака кризата да ескалира!

Незнам дали е доцна за политичко решение , но знам дека Никола  Груевски не сака да преговара.Премиерот најверојатно ќе оди до крај  во битката со опозицијата, зашто неговите потези немаат врска со логиката,  оценува  во интервју за Фактор новинарот Зоран Димитровски. Одговорниот уредник на неделникот Фокус  смета дека   Груевски  е убеден дека ќе остане на власт и покрај  револтот  игневот кој секојдневно расте особено по обeлоденувањето на разговорите за случаиiте „Нешковски“ и „Младенов “

„ Ако не го уапси Заев веднаш заради „поттикнување насилство“ за уривање на уставниот поредок, тогаш сигурно очекува „независното судство“ брзо да му пресуди во случајот „Пуч“, да го стави зад решетки, а потоа вечно да владее. Но, таквото сценарио може да го забрза неговиот пад, кој е неминовен, посочува Димитровски.  Груевски    порано или подоцна очекувам политичка разврска на кризата во парламентот. Премиерот  прави се кризата да ескалира, но пратеници од владеачката коалиција, па и цели партии ќе почнат да се повлекуваат, а потоа ќе мора да дојде до пад на Владата и избор на техничка влада. Клучот ќе биде повлекувањето на чергичката од ДУИ, под силен домашен и меѓународен притисок, оценува  одговорниот уредник на неделникот Фокус.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Јавното обвинителство  пред  две години  по кратка постапка   се  произнесе дека загинувањето на новинарот Никола Младенов   било  несреќен случај.  По обелоденувањето  на т.н бомба за сопственикот на неделникот Фокус  СДСМ   побара  реобновување на истрагата.  Власта  нема ништо против нова истрага. Нели  ви е ова малку индикативно ?

Димитровски: Очигледно е оти оваа „бомба“ на Заев силно погоди во целта. Со одлуката да прифати нова истрага, Груевски се обидува да постигне неколку ефекти - да го нашминка барем малку грдото лице на власта после обелоденувањето на вистината за убиството на Мартин Нешкоски, која предизвика спонтани масовни протести на граѓаните. Второ, сака да упати порака дека нема што да крие за трагедијата на Младенов и како што на конгресот на ДПМНЕ вети оти и покрај тоа што аудио-снимките биле сечени, лепени, монтирани и креирани ќе имало истрага и за нив за да се отстранела секаква дамка на сомневање од него и од неговите соработници, така направи и сега. Јасно е оти сериозна истрага за случајот Младенов со вакво МВР и обвинителство не може да има, без оглед колку режимот е спремен да вклучи независни експерти, новинари и сл. во мониторингот на таквата истрага. За да се открие вистината за трагедијата на Младенов, не е доволно само да се направат нови вештачења на сообраќајните околности на неговото загинување – техничката исправност на автомобилот, можноста за учество на друго возило во настанот, експертиза на траекторијата на движење и сл. Многу поважно е да се испита каде бил, со кого се сретнал, кој го зел неговиот телефон, што УБК мора да знае, што се случувало во месеците пред неговата смрт. За таква истрага мора луѓето во МВР, особено во УБК, да се ослободат од политичките канџи на власта за да можат да ги откријат причините што посредно или непосредно доведоа до неговата смрт. Значи, сериозна истрага може да има само со нова власт,

Фактор: Како го оценувате примитивиот речник  во разговорите наводно на владините функционери, каде повеќепати се слушаат навредливи зборови за Младенов, како „хохштаплер, корумпиран, злобен“, како и за повеќе новинари, кои се нарекувани „комуњари“, „лудаци“ и „будалетинки“ ? 

Димитровски: За Младенов сите досегашни власти, неможејќи да се справат со новинарските откритија на нивниот криминал и башибозук измислуваа и му лепеа етикети од типот „рекетар, хохштаплер“ и сл. Така го нарекуваа и некои олигарси од 1990-тите години кои го стекнаа богатството со приватизацискиот грабеж и беа постојано на мета на „Фокус“. Но ниту еден од нив никогаш не изнесе докази дека бил „рекетиран“ од Младенов. Напротив, во приватни разговори сите од ред му оддаваат признание дека рекет немало. Примитивниот речник на шампионите на Фамилијата кон своите политички противници го видовме и во другите „бомби“. Така тие ги третираат и критичките новинари, ги гледаат како душмани и ги честат со најпогрдни зборови. Зборот „комуњари“ е класика на речникот на ДПМНЕ. Не е тајна дека сме го употребувале и ние во „Фокус“ во 1990-тите за претходната власт на СДСМ, но етикетата сега најмногу им прилега на Груевски и неговите соработници. Тие се вистински „комуњари“ – болшевици, партиски комесари, популисти и бандити одлепени од народот, какви што беа најозлогласените егзекутори на поранешна УДБ-а. Впрочем, фактот што во врвот на старата гарда на ДПМНЕ која е во првите борбени редови на т.н. ГДОМ - има припадници на КОС, сам за себе зборува.

Инаку, најиндикативен е моментот од аудио-снимките кога Иво Котевски, и самиот некогаш новинар, и вели на Горде - на некоој од истражувачките новинари да му ја дадат информацијата дека новинарот Героски последен му испратил СМС на Младенов и со тоа „го испратил во смрт“ при што сугерира и наслов. Тоа не говори само за злобата на овие луѓе, туку и за разбирањето на критичкото, истражувачкото новинарство како спин, подметнување гнасни напади против противниците од разузнавачки местенки и полуинформации на тајната полиција. Така тие ги полнат своите партиски билтени со „истражувачки приказни“ за Заев и опозицијата. Новинарите за нив се обични џандари – позорникари, ретко „началници“ на кои тие им даваат пендреци, гумени куршуми, шок-бомби за да стрелаат во нивните политички непријатели. Багра!

Фактор: Поранешниот   разузнавач  Јанко Бачев  во  едно интервју за  Фокус  ќе рече „Едноставно така му било пишано на Никола Младенов да биде под постојан надзор на македонската тајна полиција, без оглед дали на власт е ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.  Зошто  Младенов  бил  трн  во око   на политичките гарнитури особено на актуелната  и постои  ли простор да се сомневаме  дека тој е ликвидиран?

Димитровски: Младенов веруваше во визијата дека новинарството односно медиумите треба да бидат четврта власт, коректив на другите три, како и на секоја друга политичка или бизнис моќ. Тој беше прислушуван и на крајот од минатиот режим, од социјализмот, кога во „Млад борец“ во фиксните телефони пронајде прислушни уреди поставени од тогашната УДБ-а. Неговата храброст и решителност да не потклекнува на лажни авторитети, да им пркоси и да се бори за вистината, беше опасна за секоја нечесна и корумпирана власт. За жал, немавме многу среќа во македонската независност да доживееме медиумски слободи. Но последниот режим отиде најдалеку во контролата, притисокот против критичкото новинарство. Очигледно е од десетте илјади страници прислушувани телефонски разговори на Младенов дека тој бил државен непријател бр. 1 за оваа власт. Ако се бара мотив за негова евентуална ликвидација тоа е повеќе од доволно. Се додека нова сериозна истрага не ги утврди деталите и причините за трагедијата, сомневањето останува.

Неколку месеци пред да загине, Младенов беше загрижен за својата судбина. Не беше причината само финансискиот притисок за неговиот медиумски бизнис, туку и фејсбук најавите за негово апсење, кои ги упати „гласноговорникот на братучедот“ – Миленко, дека Младенов ќе заврши наскоро како Велија Рамковски. Неколку месеци подоцна, по неговата смрт, Д. П. Латас во една своја колумна во „Вечер“ напиша оти и Младенов требало да биде апсен во аферата „Шпион“. За каква било нова истрага и за отстранување на сомненијата дека станува збор за ликвидација, и овие двајца, како и припадници на УБК, треба да се изјаснат што знаат околу тоа што му подготвувала владеачката врхушка на Младенов пред да загине. Тоа може да е поврзано со неговата „сообраќајка“. Зошто му вршеле притисок да го продаде „Фокус“ на Фамилијата – за тоа има податоци - и со што му се заканувале?

Постои ли опасност овој револт да се зголеми,  по објавувањето на  случајот  со Младенов и најавата дека  ќе следуваат  аудио-снимки поврзани  со ликвидцијата на момчињата кај  Смилковско езеро кои  наводно содржат материјали кои се контроверзни или откриваат одредени непријатни моменти?

Димитровски: Револтот оправдано ќе се зголеми, а вистината за Смилковско езеро, доколку содржи слични докази како и другите „бомби“ бездруго ќе изнесе многу граѓани на улица од сите етнички бои. Власта сака да создаде впечаток во јавноста дека вистината за „Монструм“ ќе направи меѓуетнички или меѓуверски конфликт, но протестите досега докажаа дека Албанците и Македонците сплотени му се спротивставуваат на режимот и на неговите лаги и местенки. Сигурен сум оти револтираните граѓани, без оглед дали се Албанци, или припадници на исламската вера, знаат да проценат против кого да го насочат својот гнев. Граѓаните Македонци сигурно не се виновни за нивните маки. Владеачката коалиција – Ахмети и Груевски е таа која ќе трпи најмногу шлаканици од нивниот револт.

Фактор:  Каква разврска  очекувате  на кризата, опозицијата најавува протести за 17 мај, не се исклучуваат и контра протести. Можно ли е  ситуација да излезе ескалира?

Димитровски: Јасно е оти Груевски прави се кризата да ескалира. Најавите во владините барабани дека опозицијата наводно подготвува Украинско сценарио, муџахедини, борци на ИСИЛ и сл. глупости, додека Заев повикува на мирни и ненасилни протести, се токму тоа. Премиерот говореше и за наводниот притисок од членството за пожесток одговор – апсење на Заев, контра протести и сл. Ќе видиме до каде ќе оди во своето бунило, но не исклучувам таков развој. Впрочем, што е подготовката на специјалците – стрелачки вежби, воинствени охрабрувања на безбедносните сили од министерката Јанкулоска за предизвиците што ги очекуваат во текот на протестите што следуваат, видливото снабдување со оружје и гумени куршуми, освен создавање атмосфера за крвави судири со граѓаните. Најстрашно од се е тоа што меѓу протестантите се уфрлаат вандали и насилници за да ги легитимираат бруталните акции на полицијата. Фамилијата посакува да падне крв, за да ја легитимира својата лага дека Заев сака по насилен пат да дојде на власт. Таа има намера на насилен начин, со се повеќе приведени и притворени демонстранти, со втерување страв кај граѓаните, да го задуши отпорот. Не верувам дека ќе успее во тоа, туку само ќе се зголемува гневот. Порано или подоцна очекувам политичка разврска на кризата во парламентот. Еден по еден, пратеници од владеачката коалиција, па и цели партии ќе почнат да се повлекуваат, а потоа ќе мора да дојде до пад на Владата и избор на техничка влада.

Фактор: Дали Груевски се бори да остане на власт, или веќе   бара  решение  да  се спаси од евентуално кривично гонење по објавувањето на наводните инкриминирачки материјали  на опозицијата?

Димитровски: Немам информации дали бара решение да се спаси од евентуално кривично гонење, иако за тоа веќе зборуваше еден од лидерите на опозицијата – Андреј Жерновски. Но, кога би бил рационален, во пакетот политичко решение на кризата би требало да побара и некаква амнестија за себе и за Фамилијата. Но тој не сака да преговара. Незнам дали е доцна за политичко решение, веројатно се уште има шанси, но речиси сум сигурен дека ќе избере да оди до крај, зашто неговите потези немаат врска со логиката. Тој е убеден дека ќе остане на власт со се поотворена диктатура, со полиција, војска, со гумени куршуми, со водени топови против народот. Ако не го уапси Заев веднаш заради „поттикнување насилство“ за уривање на уставниот поредок, тогаш сигурно очекува „независното судство“ брзо да му пресуди во случајот „Пуч“, да го стави зад решетки, а потоа вечно да владее. Но, таквото сценарио може да го забрза неговиот пад, кој е неминовен. Не сум наивен и свесен сум оти кризата може да се пролонгира и да потрае неколку месеци, но режимот нема на подолг ресурси да издржи рок. Клучот ќе биде повлекувањето на чергичката од ДУИ, под силен домашен и меѓународен притисок.

 

Слично

Поврзани вести