ИНТЕРВЈУ Зијадин Села: Тачи и Ахмети заедно тераат бизнис, а играат со Груевски!
Тешко е да се дефинира Зијадин Села. Навидум модерен политичар, а не бега од национализмот. „Не е ништо лошо да си националист, се додека не му наштетуваш на друг“, вели Села во ексклузивното мега интервју за Фактор. Во Струга е за соживот, во Скопје протестира за „Монструм“. „Имаме право да ја знаеме вистината“ вели Села, без разлика дали сме Македонци или Албанци.
Тврди дека на Македонија и недостасува елементарна дебата, критики за политичарите, за да можат да бидат подобри. Остро го напаѓа Тачи, но и Ахмети и Груевски. „Овие тројца играат заедничка игра“ вели Села во интервјуто за Фактор. Најавува смена на Тачи до декември. Во интервјуто Села зборува и за градот со кој раководи, проблемите со централната власт, следните чекори.
Фактор: Изминатиов период во јавноста името на Зијадин Села се споменуваше како фронтмен на трет политички субјект во албанскиот политички блок или како човек кој сака да ја превземе ДПА?
Села: Ниту едното, ниту другото не е точно. Јас никогаш не сум рекол дека сакам да ја преземам ДПА, само сакам ДПА да биде праведна и да ги респектира правилата и статутот кои ги носи самата партија. Сакам во ДПА да се отвори дебата и да се расправа зошто години наназад во секој изборен циклус ние губиме на избори. Јас не мислам дека кога губиш на избори проблемот е кај народот, бидејќи таков тип народ произведува ваков тип политичари како нас, ако имавме пообраозван народ и со друг менталитет, можеби немаше да има место за политичари како Мендух Тачи или Али Ахмети. Проблемот е во начинот на кој лидерот на ДПА се однесува, а тоа е по секоја цена да биде претседател на ДПА. Општа констатација е дека албанскиот народ се дискриминира. Ако самиот Тачи вели дека опозицијата е моралот на едно општество, морално е оваа опозиција еден ден на овие што лошо владеат да направат се за да ги симнат од власт и да бидат уште подобри, а минимално што еден претседател може да направи за ова што го велам е да даде оставка и да даде простор на некој друг кој ќе може ДПА да ја однесе во победа. Многу е важен новиот политички договор што ДПА го форсира од 2009 година и го нуди како решение, за да се зачува унитарниот карактер на државата, нели тоа беше најважната дебата која се случуваше во 2001 година во времето кога се носеше Охридскиот рамковен договор - македонците сакаат да го бранат унитарниот карактер на државата. Е сега самите македонски политички партии се однесуваат како да имаме федерализација или некој вид територијална автономија.
Фактор: На пример?
Села: Еве ќе ви дадам пример: унитарен каратктер на државата треба да значи еден устав, едно собрание, една влада, но треба да значи и граѓани кои уживаат еднакви права, а не да создаваат две категории на граѓани. Сметам дека дури и внатре и кај Македонците и кај Албанците има две категории на граѓани. Еве ќе ви дадам пример, законот за употреба на јазиците, дозволена е употреба само на локална власт. Во централна власт во тие општини каде албанците се над 25% имаат право да се обрат до институциите на мајчин јазик, а таму кај што се под 25% немаат право. Да земам еден случај, имаме двајца затвореници, бидејќи за жал таму има многу Албанци, еден од Охрид и еден од Струга, е сега до директорот, албанецот од Струга може да се обрати на албански јазик, а овој од Охрид не, а и двајцата се Албанци. Или имаш Македонец од Струмица кој има само еден службен јазик, а Македонецот од Струга има два службени јазици, е тоа не е унитарен карактер на државата.
Фактор: Што предлагате?
Села: Значи ако сакаме да имаме унитарен карактер тоа значи дека треба да има албански службен јазик на ниво на цела држава, без разлика дали тоа ќе се користи или не во Струмица бидејќи таму тоа никој не го бара, ама за да се зачува унитарниот карактер на државата и да важи Уставот за сите подеднаквко - албанскиот јазик да се користи на ниво на цела држава. Ако сакаш да го чуваш унитарниот карактер на државата минимум мора да имаме дводомен парламент во ваква консеталција каква што е Македонија, како држава. Македонците не се апсолутни по бројка во Македонија, а ако се апсолутни тогаш им следува национална држава, тогаш нема потреба од дводомен парламент, ниту од втор службен јазик. Бидејќи во повеќе наврати се прави споредба со Албанија, сакам да кажам јас сум за национална држава, но за тоа треба да се напарави попис, ако со пописот се докаже дека македонците во Струга се над 2/3 или над 80%, исто и во Тетово, тогаш никој не ги спречува да прават национална држава, ама реалноста на Македонија е мултиетничка и политиката така треба да се однесува, а не да се повикува на мултиетничност, а да се прават националистички проекти, како Скопје 2014.
Фактор: Според вас Охридскиот рамковен договор е мртов?
Села: Да, Охридскиот рамковен договор е мртов и нефункционален. А најголем букет треба да му се даде на Али Ахмети. Според рамковниот договор до 2004 година Албанците во полицијата требаше да бидат 25%, а таа правична застапеност значи правичност и кај раководните места, а таа бројка до никаде не е стигната. Затоа велам договорот е мртов и нефункционален и кога имаш некој договор кој е нефункционален и каде не можат да се најдат сите граѓани на една држава, тогаш може да се случи проблеми, кои веќе ги гледаме секојдневно. Сметам дека има уште време да се спречат проблемите, ама за тоа треба да се седне со ладни глави и да се земаат како примери држави кои многу порано од нас се соочиле со вакви проблеми и имаат најдено начини како да ги решат, а тоа е само преку взаемна почит, а не преку взаемна сила.
Фактор: Ќе формирате ли политичка партија?
Села: Нема да формирам партија. Мојата цел е Мендух Тачи да си замине од ДПА, да ја реформирам ДПА, да се свика конгресот, тоа го барам уште по изборите. Вие знаете како Мендух Тачи работи, ако го прашате сега кои се делегатите на конгресот тој или не ги знае или ќе ти даде други имиња. Ако зборуваш нешто против него, веднаш или не си делегат на Конгресот или не си претседател на огранокот или не си член на претседатлеството, е сега тој тоа право го има (да те отргне од претседателство), ама не може да те смени од делегат на конгресот.
МЕНЕ МИ ИЗГЛЕДА ДЕКА МЕНДУХ ТАЧИ ИМА ДОГОВОР СО АЛИ АХМЕТИ ЗА ЗАЕДНО ДА ТЕРААТ БИЗНИСФактор: Вашата цел е да го симнете Тачи и да го победите ДУИ? Села: Точно кажавте. ДПА е начинот, целта е ДУИ, да се победи ДУИ. Вака како што се однесува Тачи, мене ми изгледа дека тој има договор со Али Ахмети, договор за Ахмети да владее, а Тачи да биде во опозиција и да тераат бизнис. Вака како што е сегашната состојба, без да се повлече Тачи од челната позиција, ДПА не може да го победи ДУИ. Ако имаше некоја надеж, а јас дадов време за да се случи тоа, бидејќи одлуката за нешто да се промени во ДПА не беше пред избори, туку од поодамна, после локалните избори. Мендух Тачи го познаваш кога си блиску до него, а јас блиску до него сум кога станав пратеник во 2011 и нормално е дека треба време за некои работи да ги сфатите, бидејќи не е толку лесно да му се спротивставиш на некого на кого до вчера му верував. Од локални изборите наваму повеќе од јасно беше дека Мендух Тачи треба да си замине, откако го изгуби Тетово. Но, и тогаш одлучив да му се даде можност, за да победи ДПА на последните парламентарни избори. ДПА беше многу блиску до победа на последните избори, доколу Тачи во последен момент не ги рушеше сите работи и тоа ги прави постојано. Фактор: Според вас, Тачи е во игра со Ахмети или со Груевски? Села: Подобро е да се каже дека тројцата се во иста игра, ако не комуницира Тачи со Ахмети, комуницира Груевски со Ахмети и со Тачи за една цел. Сите тројца се во една игра. Мислам дека тврдењата на Тачи дека ДПА ќе биде дел од власта беа точни. ДПА ќе беше дел од власта и тоа ќе го прифатше и ДУИ, секако не јавно, ќе ја играше играта дека се незадоволни и ќе правеше протести, за да после година и половина повторно има избори. Зошто би му требало на Тачи да биде година и половина на власт, а ДУИ во опозиција и зошто би му требало сето ова на Груевски, бидејќи Груевски ќе ги тераше сите свои политики самостојно, оти ако ДПА влезеше во власта како губитник, со што ќе беа подобри во владеење од ДУИ? Зошто има потреба да се менува Тачи со Ахмети, ако оваа држава продолжи да функционира како и досега, да не дели буџет за општини каде мнозинството се Албанци, да не дели дотации за култура, да го спречува секој проект кој има за цел да се развие некоја општина.
НЕ СУМ ПРЕДАВНИКФактор: Има интелектуалци Албанци кои инсистираат на создавање на нов Албански политички субјект? Села: Знаете зошто не планирам нова партија, бидејќи тоа е најдобрата работа која сега може да му се случи на Тачи. Тој сака јас да формирам партија и да почне со својот вокабулар против мене, како што е и сега, дека јас сум предавник. Точно е само дека можеби сум го издал неговиот бизнис и неговиот договор што го има со Али Ахмети и Никола Груевски, но јас тоа го правам за да ги бранам интересите на обичниот гласач на ДПА и на Албанците, не го правам тоа за некоја си волја на Мендух Тачи. Како и да е, како што расте човекот, созрева и во политика со годините што ги има, дојдено е време оваа политичка партија која донесе демократија во албанско општество во Македонија во 1994 година да се демократизира самата. До 1994 година имавме само еден политички субјект ПДП и тогаш не можевме да тврдиме дека сме во демократија, оти ние немавме повеќепартиски систем внатре во албанското општество, демократијата практично ја донесе ДПА на политичка сцена и сега граѓаните имаат избор.Тоа е основата на една демократија. И сега јас настојувам на тоа дека ДПА како партија која тогаш донесе една промена , сега да донесе уште една промена, а тоа е сама да се демократизира, бидјеќи ако Мендух Тачи има приватна политичка партија, тогаш да не бара членови, туку нека си отвори конкурс за вработување, па и така голем дел од населението е невработено нека им дава барем плата на луѓето, а не вака да им зема, за потоа да вели партијата е моја.
ДО КРАЈОТ НА ДЕКЕМВРИ ЌЕ ИМАМЕ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДПАФактор: Што доколку не успеете во намерата за смена на Тачи? Села: Не сакам да мислам на тоа дека нема да успеам. Фактор: Имате ли делегати кои стојат зад вас? Села: Да. Знаете како во оваа ситуација единствената работа е што Мендух Тачи го има печатот на партијата, ништо друго. Но, без разлика јас планирам до крајот на декември да организираме конгрес, да имаме централно претседателство, да избереме претседател, да ги имаме сите структури и да му кажеме на Тачи дека повеќе не ја претставува ДПА. Фактор: Кога последен пат сте се виделе со Тачи? Села: Откога отидов за Америка и повеќе не се слушнавме. Двапати се сретнавме на седница на централното претседателство, последното на кое учествував беше расправата околу тоа дали треба да имаме кандидат за претседател на претседателските избори или не. Тачи тогаш велеше ние ќе истакнеме кандидат за претседател бидејќи 99% сум сигурен дека ДУИ ќе исфрлат свој кандидат и дека прават политички игри и на крајот се јавив за збор и реков дека ДУИ 100% нема да исфрли свој кандидат за претседател. Затоа што се што прави ДУИ е создавање на нереални проблеми. Нема зошто албанците да се занимаваат дали кандидатот за претседател треба да биде консензуален или не, бидејќи никој нема право на гласачот да му кажува гласај го тој или овој, бидејќи претседателот го избираат граѓаните. Освен тоа, со тоа што ќе добиеме претседател, не значи дека ќе се подобри животот на Албанецот, бидејќи сме имале ние претседатели и во комунизмот. Разликата е во тоа што јас сакам да направам еден концепт на партија која нема да се бори за бројот на министерски места, туку концепт со кој ќе барам да се направат уставни промени и да се регулираат некои проблеми внатре во државата, за да не се соочиме после со проблеми како сега. Фактор: Имате ли меѓународна подршка за реформирање на ДПА? Села: Треба да бидам коректен. За каква подршка зборуваме? Знаете што, во погрешна насока се изјавите на аналитичарите и интелектуалците дека ако влезете во американската амбасада и веднаш сите велат а-ха овој има подршка од американците. Не е вистина во се тоа што зборуваат. Се што прават дипломатите е што го следат процесот за доброто на државата, прашуваат сакаат да имаат информации, тие постојат за да придонесат за да се зачува мирот и стабилноста во државата. Јас имам дадено изјава дека реформите во опозицијата ги сакаат и странските амабасади и тоа не е ништо ново, амбасадите се грижат, а особено американската амабасада за да имаме добри институции, како што е институција власта, исто така институција е и опозицијата. Ако има силна опозиција власта ќе работи повеќе за интересот на граѓаните, зборуваме и за македонска и за албанска политичка партија. За да не дојдеме во ситуација, од САД да дојде Викторија Нуланд и да ни вели ние ќе инвестираме во албанските средини. Зошто го вели тоа? Затоа што нема инвестиции во албанските средини. Мислам дека странските дипломати се за секоја инцијатива која води кон демократизација на општеството.
ИМАМ ПОЧИТ КОН СЕБЕ, НЕМА ДА БИДАМ ЧЛЕН НА ДУИФактор: Сте имале ли понуди од ДУИ, по расколот со Тачи? Села: Имаше неколку обиди. Секако, не директни. Беа пред изборите. Пуштаа абери овој сака да се види со тебе и сл..На никаков начин тоа нема да го прифатам, бидејќи мислам дека оваа иницијатива за реформа во ДПА, има за цел демократизација на општеството и да им кажам на интелектуалците дека може да се напарават промени и за луѓе за кои тие мислат дека се многу силни како што е Мендух Тачи. Ама тоа мислам дека ќе има ефекти и внатре во ДУИ, за да еден ден ако луѓето видат дека Ахмети не раководи добро со партијата, да го сменат од лидерското место и на негово место да дојде друг политичар кој ќе работи во интерес на граѓаните кои ги претставува. Фактор: Сметате дека падот на Тачи, може да значи многу и за Македонија? Села: И затоа инсистирам дека ова е многу важна работа и повторувам не сакам да правам нова политичка партија бидејќи во повеќе наврати е пробано. Сакам да придонесам за да вистински нешто се промени. И мислам дека е променето мислењето и затоа не инсистирам оваа работа да се одвива многу бргу. Сакам да има дебата. Луѓето да зборуваат - што се случува, што погреши Села, што направи Тачи, што прави Ахмети, за да луѓето имаат свое мислење. Фактор: Прашањето беше за разговори со ДУИ... Села: Извинете јас како прво имам почит кон себе и никогаш нема да бидам член на ДУИ. Тоа го имам кажано во повеќе наврати. Не сакам по секоја цена да бидам во политиката. Исто така не мислам дека инцијативата која јас ја отворив за промени во ДПА, значи дека јас морам да бидам претседател на ДПА. Не, нека биде некој уште подобар од мене, можеби има и такви. Ама не бегам од одговорност, ако се реши јас да бидам, ќе бидам. Ќе бидам на фунцкијата се додека придонесувам за оваа политичка опција, а со тоа и правата на граѓаните кои ги претставувам се повеќе ќе излегуваат на виделина. Нема да бидам во оној момент кога ќе видам дека нема ефект. Фактор: А ако не успеете? Села: Ќе се повлечам од политиката и ќе го облечам белиот мантил, ништо лошо нема во тоа. Во политиката треба да бидеш се додека си продуктивен и имаш подршка, во моментот кога ќе ја изгубиш подршката треба да си заминеш. Кога зборуваме за ова ние треба направиме се, особено кај албанците за да имаме критична маса. Критична маса се интелектуалците, бизнисмените за да имаме една вечна опозиција, оти опозиција не е само политичка партија, пред се се интелктуалците, бизнисмените една маса која нема да биде директно вклучена во полтиката, а која би гласала, за да имаме контрола. Фактор: Дали со реформирањето на ДПА ќе падне ДУИ? Села: Да, убеден сум во тоа. Фактор: Како реагира јавноста на вашите најави? Села: Јавноста добро го прифати ова. Свесен сум дека ќе има противења од сите страни и од Тачи и од Ахмети и од власта.
НЕ Е НИШТО ЛОШО ДА СИ НАЦИОНАЛИСТ СЕ ДОДЕКА НЕ МУ ШТЕТИШ НА ДРУГ НАРОДФактор: На протестите за случајот Моснтрум се појавувате, од кои причини? Села: Заради демократија. Сега ДПА има добиено мандат за да биде во опозиција. Многу сме желни и бараме граѓаните да ни дадат подршка за избори, ама на никаков начин не сме присутни кога граѓаните не повикуваат. Овие протести треба да ги предводи ДПА. Има и една друга симболика. Јас преку моето присуство сакам да им кажам на парламентарците дека имаат имунитет и тој не е за да се бранат самите себе си, туку да го бранат и народот ако има потреба и од полиција и да не дозоволат протестите да излезат од контрола, како што се случи првиот пат, кога јас не бев на протестите. Фактор: Како да ве дефинираме како политичар. Како националист или умерен политичар. Од пратеник кој со запалка в рака симболизираше палање на Собранието до појавување на протести за Монструм? Села: Оставам јавноста да ме дефинира како што сака. Не е ништо лошо да си националист се додека не му штетиш на друг народ. Но, во ниеден случај не мислам дека јас треба да делувам политички за да нешто зло или лошо им направиме на Македонците. Никогаш ние во овие 20 години не сме барале нешто да им се одземе на Македонците, се што бараме - сакаме да го земеме тоа што нас ни припаѓа. Јас не тврдам дека кај Албанците треба да се инвестира над 50% од буџетот, туку да се инвестира онолку колку што не има на број, а не е во ред да се инвестира само 4%. Е сега јавноста за ова што го кажувам може да ме оквалифкува како што сака. А јас за себе си мислам дека сум праведен политичар. Околу палењето на Собранието, тоа беше една симболика, прво не сум пироман. Требаше да се следи целата работа како се случи, да дозволи едно собрание да се менуваат правилниците како што ќе им текне на пратениците, за кратење на дискусиите итн. Таа установа е запалена во самиот факт што не се почитуваат одлуките, во самиот факт што се работи по наредба на Владата. Фактор: Уште колку ќе владеат ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Има ли опозиција и во албанскиот и македонскиот политички субјетк? Села: Ви тврдам дека во албанскиот политички блок има опозиција, ама треба да му се понуди нешто на народот за да те гласа, треба да бидеш со народот за да те гласа. Затоа реков дека ДПА треба да ги предводи протестите. Мене ми е јасно зошто тоа не го прави Тачи, јас се чуствувам безбеден помеѓу народот. Не ги предводам јас протестите, туку само учествувам како функционер и граѓанин. Мислам дека протестите треба да излезат со политички барања. Не смеам јас да кажам да се ослободат тие што се казнети, никој таму не брани убијци, ама начинот на кој е водена постапката беше: половина држава каде што живеат албанците, половина полиција правеше рации, се со цел за да се најдат факти, се споменуваше и некој автомобил која подоцна се испостави дека била на специјалните единици, е сега со сите тие факти за кои министерката тврдеше дека се сигурни, целиот случај заврши со еден говор на обвинителот дека бил Велики петок, дека убиството било заради христијаните. Дали Македонците веруваат во ова? Дали родителите на тие жртви заслужуваат да ги знаат вистинските злосторници? Јас мислам дека заслужуваат да ги знаат, тие вистинските убијци никој не се на нивна страна. Фактор: Мора ли да се протестира за тоа, не им верувате на институциите? Села: Затоа треба да се протестира, за да внимаваат институциите и дали сега Албанците треба да му веруваат на судството, јас мислам не. А ние како политичари треба да направиме се за да ја вратиме довербата на судството ама како од кога овие институции ќе бидат транспарентни. Како да верувам јас дека ова не е монтиран политички процес. Вака се гради правна држава? Или каков е овој правен систем, тие кои протестираа во Тетово добија условни казни оти судијата беше Албанец, а во Скопје судијата Македонец им даде казна затвор. Имам ли ние судска независна власт? Немаме. Бидејќи ние пред да бидеме политичари, ние сме хумани суштества, ние сме луѓе и имаме право да размислуваме. И мене сега ми е јасно зошто Мендух Тачи не учествува на протестите. Не е сигурен дали ќе му аплаудираат или со камења ќе го маваат.
ВЛАДАТА ЗА ОХРИД Е МАЈКА, А ЗА СТРУГА МАЌЕАФактор: Задоволен ли сте од досега постигнатото како градоначалник на Струга? Села: Не сум задоволен. Мислам дека Струга заслужува многу повеќе од тоа што е направено, иако тоа што навистина беше проблем подолг период за Струга и стружани јас го решив во првите два месеци. Се што треба да се направи за да се има чист град е да се има стимул. Не може да се дозволи администрацијата во општината да зема и тринаесета плата, а врабтените во комуналното претпријатие да немаат земено 10 плати. Тие се категорија на граѓани кои земаат мала плата, а најголем дел од нив се и социјални случаеви. Ги третирам како што треба, од моментот кога станав градоначалник јас им давам плата секој месец, а постепено им ги враќам и заостанатите плати. Преку програмата за одржување на јавeн простор и зеленило секој месец плаќам по милион денари за да опстане комуналното претрпијатие, бидејќи без комунално претпријатие нема град. Фактор: Како е со пари општината? Села: Имаме проблеми. Општина Струга е меѓу општините кои реализираат буџет. Ние имаме многу печалбари кои купуваат или продаваат и на тој начин општината остварува приходи, но се соочуваме со една чудна и нејасна политика на централната власт. Еве ќе ви кажам еден пример одкога сум јас градоначалник на Струга од буџетот на општината одземени се 700 илјади евра. Фактор: Кое е образложението? Села: Образложението е плаќаме долг на ЈП „Проаква“ кое е заедничко јавно претпријатие на Охрид и Струга за еден кредит што е земен во време кога ова претпријатие е во рацете на централната, а не на локалната власт и земени се околу 4,5 милиони евра за инвестиции. Целата инвестиција е направена во Охрид, а сега во моментот кога зборуваме за тоа во Охрид не можете на најдете една азбесна цевка, а во Струга имаме и сега чудно е тоа што инвестицијата е направена во Охрид, а долгот го плаќа општина Струга, заради тоа што ЈП било заедничко. Целта на ваков вид политика е да се продолжи од општина Струга да се продолжи да се земаат пари.
ВО СТРУГА Е МНОГУ ПОЕВТИНО ОД ОХРИД, А И ПЛАЖИТЕ НИ СЕ ВО ЦЕНТАРОТФактор: Дали вашиот впечаток е дека централната власт инвестира само во Охрид, а Струга е запоставена? Села: Да, тоа е повеќе од јасно. Во неколку наварти сум правел споредби, не дека не сакам да се инвестира во Охрид, но не е во ред да не се инвестира во Струга. Ни требаат инвестиции бидејќи на крајот на краиштата тоа се пари на граѓаните, ако одиме по тоа колку даноци се плаќаат во Струга, а колку во Охрид, ќе видите дека во Струга повеќе се плаќа данок, ако ништо друго ние имаме некои 2000 жители повеќе од Охрид со последниот попис. Чуден е овој однос што централната власт го има кон Струга. Струга како град е пријатен за туризам, ние имаме многу пониски цени отколку во Охрид. На пример едно кафе во Струга се пие за 30 денари, а во Охрид за 80 денари и повеќе. Имаме и други поволни услови ја имаме и реката Дрим, планини на кои може да се развива туризмот имаме и одлични услови за скијачки центар каде имаме 1800 метри надморска височина (Горна Белица и Лабунишки бачила), а досега не е работено на овој вид туризам кој може да донесе развој. И затоа мислам дека ваквиот начин на кој ВМРО ДПМНЕ и ДУИ владеат е за секаква критика, бидејќи не можеш да работиш против твоите граѓани. Еве ќе ви кажам еден пример, имам поднесено барање за да го регулиран сообраќајот на главната крстосница пред влезот во Струга (тоа е магистралата од која кога се влегува од Скопје, прво е кон границата Ќафасан, десно кон Дебар, а лево кон центарот на Струга) тоа е во надлежност на централната власт, а на таа крстосница 15 години не работат семафорите. Ако ги земете статистиките, секоја година на тоа место има над 100 сообраќајни несреќи и десетици одземени човечки животи и кога јас ќе го подготвам барањето дека сакам да инвестирам, односно проблемот да го решам со кружен тек пред се заради безбедноста на граѓаните се случуваат чудни работи односно треба да се испазарам за да ја добијам таа дозвола треба да дадам нешто за возврат за што јас немам против. Фактор Може ли да ни посочите некој пример? Села: Да, јас кога седнав во градоначалничката фотеља затекнав проект на Владата за да се направи канализација во село Мороишта, етничко чисто македонско село, тој проект чекаше повеќе од 4 години, веднаш го потпишав тој проект и денеска е реализиран. Можеби сте слушнале, кога ја славев градоначалничката победа во Враниште имаше проблем помеѓу моите подржувачи и враништани, а имаше еден проект за тротоар таму да се направи, а јас веднаш го направив, затоа што сакам да испратам јасна порака дека јас не ги гледам инвестициите по тоа во кое село какви граѓани живеат македонци или алабнци или труци, туку сум заинтересиран за инвестирање во Струга. Од друга страна гледам дека централната власт е насочена да инвестира само во македонски села и не знам ДУИ зошто молчи за ова. И да се вратам на проектот на главната крстосницата на влезот на Струга, јас сакам таму да направам кружен тек на тој начин сообраќајот послено ќе се одвива, а и би се намалил бројот на сообраќајни несреќи. За сметка на тоа централната власт бара дозволи за градба за повеќенаменски спортски игралишта (проект на Агенцијата за млади и спорт) едното е во Нерези каде просочната возраст на населението е над 60 години, а селото едвај има 100 жители, потоа во Мороишта, Мислешево, Ложани сите етнички македонски села. Струга е мултиетнички град, јас немам против да се изградат игралишта таму, но ако веќе градиш таму тогаш да изградиме повеќенаменски спортски игралишта и во четири албански села и тие граѓани исто плаќаат даноци на државата. Фактор: Дали владата за Охрид е мајка, а за Струга маќеа? Села: Да, тоа е повеќе од јасно.
ВО СЕПТЕМВРИ ЌЕ ГИ ТРГНАМ СИТЕ ТРАФИКИ ОД СТРУГАФактор: Кога дојдовте на градоначалничката позиција ги тргнавте масите околу кејот на Дрим, најавивте средување на плажите во Струга? Села: Јас во првите 100 дена како градоначалник, како што ветив, средив неколку работи ги тргнав паркинзите од главниот пат кој води кон плажите. Исто така ветив дека ќе го исчистам кејот, тоа и го направив, нормално дозволив во текот на летото да има маси и затоа плаќаат давачка на општината и тоа се почитува. Друг проблем кој ќе го решам сега во почетокот на септември е што ќе ги трнам сите трафики во градот. Можеби сте приметиле дека во градот има плави, зелени, бели, руинирани трафики ги има насекаде, дел од нив се поставени во време на поранешниот градоначалник, а од друга страна никој не плаќа на општината давачки и така е со години и имаме донесоно одлука и на советот за да се тргант тие објекти и од септември ќе почне нивното трнување. Овде сакам и еден друг ефект да се постигне - не можеш да дозволиш како градоначалник да бидеш бесправен пред граѓните. Ако некој има инвестирано за да гради куќа во централно градско подрачје има откупено поскапа земја, а има предвидено еден дел од куќата да му биде за издавање дуќани за да зема некоја кирија, не можеш пред дуќанот да дадеш дозвола на некого пред дуќанот да си изгради привремен објект. И после овој со инвестиција од (да речеме) 200 илјади евра да остане без кирија, а другиот со инвестиција од 5 илјади евра да си зема кирија и плус е поставен бесправно..Тоа е целта, а плус мислам дека градот ќе добие друг изглед со тоа. Во исто време носиме одлука за да одредиме места каде треба да има трафики и сите да бидат униформирани, со една боја. Се со една цел за да заличи Струга на град, цивилизирано место, а не хаотично како што било досега.
МАШКА И ЖЕНСКА ПЛАЖА ЌЕ БИДАТ НА ГРАЃАНИТЕФактор: Што е со плажите? Села: Со плажите затекнав една ситуација во која мислам дека поголемиот проблем го има направено Министерството за транспорт и врски во соработка со локалната власт. Некој во министерството сигурно си има играно со парите на граѓаните на Струга и како последица на тоа имаме една одлука за концесија на плажите, а од друга страна не се запазени законските регулативи. Со генералниот урбанистички план за плажа е предвидено само спортски реквизити, чадори и лежалки, јас не гледам дека тие рестирани направени таму се спортски реквизити. Ако е спорт да си играш со плажите на граѓаните тогаш е во ред, но ќе треба да се дефинира тоа. Од друга страна ако се дадени плажите под концесии, дозволите за објектите треба да се зема во општината, бидејќи општината е таа која дава дозволи за градба, било да е времен објект, било да е урбана опрема, било да е тврда градба. Тоа не е направено досега. Сакам да бидам коректен пред сите, кога носам одлуки. Јас кога дојдов на градоначалничката фотеља половина од концесионерите веќе имаа обезбедено продолжување на концесијата за уште две години, а другата половина не. Сега ги чекам овие на кои им е одземена концесијата, им ги немам продолжено и сега законски треба да бидат срушени, но тоа е работа и на органите на централната власт, затоа што тие продаваат пијалоци и треба да издаваат фискални сметки, како УЈП им дозволува кога нема дозвола за објектот, тие имаат и вработени, а како трудовиот инспекторат им дозволува да работат и не ги казнува, а немаат дозвола за објектот. Како им дозволува и пазарната иснпекција. А што се однесува и до мојот дел јас кога ќе им заврши концесијата и на женска и машка плажа ќе почнам да ги рушам тие објекти. Фактор: А што е вашата идеја? Села: Мојата идеја е градските плажи да бидат на граѓаните. Да бидат слободни, бидејќи тоа е богатството на Струга. Туризмот во Струга чини помалку, одколку во Охрид. Сакам тие плажи да бидат слободни. Планирам проект за да има шанкови само и тие шанкови ќе бидат униформирани и можно е тие шанкови да бидат на општината. Од друга страна, сакам во потегот накај Калишта до Бисер целиот тој потег да се направат плажи од типот на „Версус“ и „Аквариус“, да се направат приватни плажи, за да граѓаните и туристите имаат две можности. Да имаат и градски плажи кои ќе бидат бесплатни, и приватни. Мислам дека не треба да бидат граѓаните објект кој некој треба да ги под контрола. Сакам плажите да ги регулирам со детален урбанистички план, со тоа што секој што има некој имот натаму или секој што ќе купи имот таму да има маркица и да гради објект и да го има не за 5 туку за 500 години. Фактор: Ќе можете ли да го направите тоа, можно е минстерството за транспорт и врски да каже дека немате ингеренции тоа да го правите? Села: Не се нивни надлежности. Предлогот Генералниот урбанистички план го носи општината, е сега министерството за транспорт и врски дава забелешки. За жал овде се случува со години да се даваат само забелешки, на пример делуваш по тие 5 или 10 заебелешки и после тие ти враќаат назад други забелешки. Фактор: Очекувате реакција од локалните бизнисмени кога станува збор за плажите? Села: А што да им правам јас, да работам против законски. Концесиите се дозволени само 5 години. Е сега имам две работи или јас да им дозволам да работат и да завршам во затвор или да работам согласно законот..
МНОГУ УЧИЛИШТА НИ СЕ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИФактор: Која е најболната точка моментално во Струга, освен крстосницата, што друго како проект планирате да направите? Села: Болна точка за Струга е пристапот кон Струга. Тоа опфаќа серија проблеми со кружни текови и проблемот со тоа што ни одземаат пари за проекти кои не се инвестирани во Струга, туку во Охрид итн. Болна точка е и тоа што секое лето за Охридско културно лето се даваат милионски евра суми, а ништо за Струга, затоа велам болна точка е пристапот кој централната власт го има кон Струга. Паркинзите се болна точка, како и во сите други градови проблем кој треба да се реши за кој Струга и ден денес нема сообраќајно решение. Јас сега подготвувам и предлог сообраќајно решение со генералниот урбанистички план и се надевам ќе најдеме решение за тоа. Центарот на Струга не е регулиранкако што треба и сега ќе се фокусирам и на тоа за да се уреди и тоа прашање. Голема болка за Струга е и образованието. Дотациите за образование се исти за секоја општина и се плаќа по глава на ученик. Колку ученици имаш, толку дотации добиваш, без да се води сметка дека учениците во Струга имаат повеќе трошоци отколку учениците во Центар. Еве зошто - во Струга голем дел од населението живее во село и ако Струга месечно плаќа патни трошкови за 2000 ученици и троши некаде околу 500 илјади евра годишно за транспорт на ученици, општина Центар не троши за транспорт, бидејќи учениците се тука, нема потреба да користат транспорт. Ова е само еден пример, ако ние земаме по 10 евра од ученик, толку зема и Центар, а ние имаме трошоци, а тие немаат. И плус не се менаџирало како што треба и се земало пари од таму од каде што нема и сега буџетот за образование е многу оптоварен, исто е и со греењето, ако во 2012 се потрошени 500 илјади евра за нафта, јас годинава потрошив 100 илјади, е сега некој ќе каже дека немавме ладна зима, ама пак парното мораше да се запали. Јас го контролирав секое полнење на школите со нафта. Тоа е домаќинско работење. И тоа е проблем што сите школи ни се со блокирани сметки, се соочуваме и со недостиг на деца, граѓаните немаат перспектива и се повеќе луѓе ја напуштаат Струга. Струга е меѓу градовите кои од поодамна имаат печалбари и многу е лесно за стружани да ја напуштат оти има кај да отидат додека да се снајдат, Исто така болна точка е и јавниот превоз, Струга нема јавен превоз, сакам за овие три години колку ми се останати да обезбедам и јавен превоз. Р.Ф.
Слично
