Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Здравко Савески: Победата на нашите другари е охрабрување за Балканот и Македонија!

ИНТЕРВЈУ Здравко Савески: Победата на нашите другари е охрабрување за Балканот и Македонија!
Како едно левичарско движење во Македонија гледа на подемот  на  Сириза и изборот на грчките граѓани да му дадат шанса на еден харизматичен радикален левичар Алексис Ципрас да ја води државата? „Тоа што по долго време во една европска земја победи автентично левичарска партија ќе охрабри голем број обесправени ширум Европа, наместо да апстинираат од избори, да излезат да гласаат и да им дадат шанса на автентично-левичарските партии во нивните земји, вели во интервју за Фактор Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“. разговараше Горазд Чомовски Фактор: Дали изборните резултати во Грција се бегање од кризата и влез во нови  уште подлабоки проблеми? Савески: Економската криза и во светот и во Грција трае веќе шест години. И нема догледни изгледи дека и’ се ближи крајот. Тоа само по себе кажува дека неолиберализмот не успеа да го реши проблемот што самиот го креира. А, пак, тоа значи дека излезот на кризата треба да се бара надвор од неолибералистичките стеги, а не на линија на слепото мантрање на неолибералистичките догми. Победата на Сириза во Грција значи дека цената на кризата нема да мора да ја плаќа обичниот човек и дека крупниот капитал ќе мора да биде подложен на „мерки за штедење“, ако се сака излез од кризата. ПОБЕДАТА НА СИРИЗА ЌЕ ИМА ПОСЛЕДИЦИ ВРЗ ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ Фактор: Како гледате што за првпат после 30 години во една европска земја ќе биде формирана радикално левичарска Влада  ? Савески: Со големо задоволство и јас лично и Левичарското движење „Солидарност“ ја поздравува победата на нашите другари во Грција. Тоа што по долго време во една европска земја победи автентично левичарска партија ќе охрабри голем број обесправени ширум Европа, наместо да апстинираат од избори, да излезат да гласаат и да им дадат шанса на автентично-левичарските партии во нивните земји. Фактор: Што значи победата на Сириза  за Европа  и за земјите од регионот може доаѓањето на власт на оваа партија  да има последици и врз земјите од опкружувањето? Савески: Дефинитивно ќе има последици и по земјите во регионот. Прво, ќе ги охрабри левичарските организации ширум Балканот да почнат да размислуваат пооптимистички околу она што тие можат да го направат во сопствените земји и, второ, како и во цела Европа ќе ги охрабри сиромашните и обесправените да не ја отпишуваат можноста да ја поддржат автентичната левица во своите земји. ГРЦИЈА  НЕМА ТАКА ЛЕСНО ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД  ЕВРОЗОНАТА Фактор: Треба ли  Европа да се плаши од победа на харизматичниот  Алексис Ципрас? Савески: Капиталистите во Европа имаат причина за загриженост, народот во Европа има причина да се надева дека можни се реформи кои нема да бидат на негова штета. Фактор: Напуштање на еврозоната, отпишување на долговите, крај на европската политика на штедење. Дали едно вакво сценарио е на повидок со превземањето со доаѓањето  на власт  на Сириза ? Савески: Она што е сигурно е дека Сириза ќе се обиде кризата да не се решава на грбот на обичниот човек во Грција. Досега во Грција имаше влади кои многу лесно го прифаќаа спротивното. Европскиот капитал ќе мора да сфати дека веќе нема послушници во Атина и дека не може секогаш да очекува само неговите интереси да бидат реализирани. Напуштањето на еврозоната веројатно засега е надвор од прашање за Сириза. Но отпишувањето на долговите е ставено на маса и ако дел од екстрабогатите во Европа изгубат дел од своето баснословно богатство ниту тоа ќе предизвика економски турбуленции, ниту пак е нешто трагично над што треба да тагуваме. Што се однесува до антисоцијалната политика на таканаречено штедење, победата на Сириза може да доведе до преиспитување на таа политика и на ниво на ЕУ и во другите земји на ЕУ. Европскиот капитал сигурно нема да сака тоа да го направи, но не може уште долго да се игнорира фактот дека „штедењето“ не понуди излез од кризата. ПРЕДУСЛОВ ЗА НАПРЕДОК ОКОЛУ СПОРОТ СО ИМЕТО Е  ДА СЕ ПРЕСТАНЕ СО НАЦИОНАЛИСТИЧКАТА РЕТОРИКА НА МАКЕДОНСКА ВЛАДА  Фактор: Што за Македонија  значи победата на Сириза,  можеме ли  да очекуваме  поголема флексибилност во односите меѓу двата соседа особено во напорите за изнаоѓање на решение околу спорот со името? Савески: Сириза е партија која е против грчкиот национализам. Но, во услови на национализам кој континуирано се продуцира од македонската влада, не може да се очекува дека може да има некое поголемо поместување во спорот околу името. Ако македонската влада сака да добие позитивно поместување во спорот на името од новата влада на Сириза, ќе мора и самата да направи некој потег во таа насока. На пример, да го врати изворните имиња на аеродромот, автопатот и стадионот во Скопје. Но, колку нашата сегашна влада е способна за антинационалистички потези сите добро знаеме. За антинационалистичко решение на спорот за името не е потребна промена само во Грција. Потребна е и во Македонија. Фактор: Идниот  премиер  на Грција  Алексис Ципрас како  да го омекна речникот кон Брисел,  може ли ова да значи дека офцијална  Атина  сепак ќе ги испочитува превземените обврски од меѓународните кредитори? Савески: Останува да се види. Сигурно дека никој не може преку ноќ да ги оствари сите свои политички намери. Меѓународниот капитал ќе сака да исцица колку што може повеќе пари од народот на Грција. И ќе ја притиска Сириза тоа во што поголема мера да го испорача тоа. Но, народот на Грција не мора да ја остави новата влада сама во спротивставувањето на притисокот од меѓународниот капитал. Демократија не е кога профитот на капиталистите имаат приоритет пред барањата на граѓаните. Стремежот на меѓународниот капитал да ја поткопа демократијата не мора да значи дека секогаш мора да заврши успешно.
Слично

Поврзани вести