ИНТЕРВЈУ ЗДРАВКО САВЕСКИ: Пад на режимот, па слободни избори!
Штом режимот ќе се тргне, треба со полн погон да се работи на обезбедувањето услови за демократски и фер избори. Избори во октомври?! Сепак, проценката е преоптимистичка. Професорот и еден од основачите на Левица во Македонија докторирал на тема „Демократија“, идентично како Ѓорге Иванов, но Претседателот кој „аболира криминиалци” ја убива правдата и еднаквоста на граѓените.
“Нема демократија кога се воспоставува контрола врз секоја институција и центар на моќ. Нема демократија кога се вршат масовни притисоци врз граѓаните за кого да гласаат на избори. Без целосно повлекување на аболициите не може да стане збор за какви било разговори со режимот. Во договорот за излез од кризата мора да биде вклучен граѓанскиот сектор, оние што секојдневно протестираат”, вели за Фактор членот на президиумот на Левица .
Според Савески , на Македонија во моментов и е потребна експертска влада , составена од луѓе кои се стручни во своите области и кои имаат морален интегритет .
„Премиер не треба да биде политички експонирана личност, но треба да располага со висок морален интегритет и да работи на тоа граѓаните да се убедат дека неговата влада ќе стори се’ на следните избори да победи оној што ја ужива мнозинската поддршка кај граѓаните“, дециден е Савески .
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Протестите траат речиси два месеца. Шарената револуција најавува бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања. Каков расплет на ситуацијата очекувате, и што може да се очекува од “секташите“, како што ги оквалификува лидерот на ВМРО ДПМНЕ и екс премиер Никола Груевски луѓето кои протестираат?
Савески: На овие протести, за разлика од претходните, постои голема верба во конечната победа. Режимот е раздрман, целосно го изгуби легитимитетот на владеење. Во самите редови на ВМРО, помеѓу нивните обични членови, се поставува прашање колку има поента да се поддржува еден човек кој се консултира со гатачка, кој очигледно е заболен од мегаломанија и кој многу веројатно има извршено тежок криминал. Кога една власт ќе го изгуби легитимитетот за владеење, прашање на време е кога ќе падне. Отворено е прашањето само кога ќе се случи тоа. Верувам дека блиску е победата и дека наскоро ќе се радуваме на раѓањето на новото сонце на слободата над Македонија.
Фактор: Што е целта на кршењето, фарбањето и палањето на споменици и институции и каква порака сакате да испратите со вандализмот и сквернавењето врз објакетите кои се изградени со пари од нас граѓаните?
Савески: Приврзаниците на режимот имаат многу чудно сфаќање на вандализмот. За нив не е вандализам она што му го направија на Скопје, менувајќи го неговиот лик до една грандиозна гротеска? Или, бидејќи се фрлени огромни пари, од кои значителни суми завршија во нечии џебови, тоа не може да се подведе под вандализам?
Да, тоа не е вандализам, тоа е хипер-вандализам! Скопје 2014 е монструозно скап проект кој е монструозно грд. За неговата изградба им се земаше лебот од устата на гладни луѓе. Наместо да им го подобрат животниот стандард на живи луѓе, на народот му направија споменик „Питач“. За разлика од режимот, нашето разубавување на спомениците на Скопје 2014 не го оштетува џебот на граѓаните, подразбира бесплатна уметност. Режимот, во својата уметничка ограниченост, не го разбира тоа, мисли дека се работи за вандализам и ја уништува таа бесплатна уметност на Шарената револуција, но одамна е кажано, уште од римско време, бисери не се фрлат пред свињите.
СУДОТ ВРШИ РЕПРЕСИЈА
Фактор: Дали власта преку одредување мерки притвор за учество во толпа и насилство, дела од Кривичниот законик за кои следуваат и парични, но и затворски казни се обидува да ја замолчи т.н. „Шарена револуција“?
Савески: Дефинитивно тоа им е намерата. Како и на секоја недемократска власт. Наместо да ги слушне барањата на демонстрантите, таа сака да ги замолчи. Но, народот се охрабри. Секогаш кога режимот излегува со некоја репресивна мерка, бројот на демонстранти не се намалува, туку се зголемува.
Фактор: Повеќе од еден месец сте во домашен притвор. Неколку пати се одложува судењето против Вас и Владимир Куновски, обвинети за демолирање на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов. Каква судска разврска очекувате?
Савески: Намерно се одолговлекува почетокот на судскиот процес. Се работи за судски процес по скратена постапка. Каква е таа скратена постапка која не може да започне по повеќе од месец и половина? Целта на одолговлекувањето е да не’ оневозможи да протестираме и кога веќе не можат да докажат дека сме учествувале во толпа што врши кривично дело, барем куќниот притвор да ни биде казна. Ние се надеваме на фер судење. Се’ помалку од тоа ќе го разобличи режимот и многу експлицитно ќе се покаже на виделина неговата репресивна природа.
Фактор: Вие како и македонскиот претсдетел Ѓорге Иванов имате докторирано на тема „Демокартија “. Основни елементи на современата демократија се : еднаквост, учество, мнозинско владеење и малцински права, владеење на правото и правично судење, заложба за човекови права, политички плурализам, слободни и фер избори и на крај поделба на власта. Што од ова и недостасува на македонската „демократија“?
Савески: Не би навлегувал во оваа прилика во детална анализа на кршењето на демократијата во Македонија. Нема демократија во една земја во која власта не ги слуша граѓаните кои протестираат речиси два месеци. Нема демократија кога се воспоставува контрола врз секоја институција и центар на моќ. Нема демократија кога се вршат масовни притисоци врз граѓаните за кого да гласаат на избори. Режимот сака да пласира едно чудно сфаќање на демократијата. Демек, бидејќи сме имале право да си кажеме што не’ мачи, поради тоа сме имале демократија.
Не. Демократија нема кога има глува власт, која не го слуша гласот на својот народ. За да има демократија не е доволно граѓаните да имаат право да го изразат своето мислење, туку и тоа мислење да биде слушнато. А ако еден режим забранува и изразување на мислење, тогаш не ја укинал демократија, туку вовел црна диктатура. Баш би сакал да го слушнам мислењето на мојот колега Ѓорѓе Иванов, што мисли тој на оваа тема, дали во Македонија според него има демократија. Бидејќи ова е прашање на кое и тој има докторирано, претпоставувам дека нема да му биде проблем да го елаборира.
СЛЕДНАТА ВЛАДА НЕМА ДА СМЕЕ ДА РАБОТИ ПРОТИВ НАРОДОТ
Фактор: Ако ерата на Груевизмот дефинитивно завршува, прашањето е какви ќе бидат последиците врз земјата и дали верувате во правна разврска на кризата?
Савески: Специјалното јавно обвинителство мора да има одврзани раце, без никаков притисок од страна, да си ја заврши својата работа. Оној што има извршено криминал и кривични дела мора да ја добие заслужената казна. Така е во секоја држава која претендира да биде правна држава. Верувам дека се’ уште има можност од правна разврска на кризата. И верувам дека, кога ќе го тргнеме режимот, дека ќе имаме голема шанса конечно, четвртина век од независноста, да ги поставиме работите на здрава основа во нашата земја. Следната влада, која и да е таа, нема да смее да работи против интересите на граѓаните. Зашто против себе ќе има разбудено граѓанство, граѓанство кое скапо ја извојувало слободата и граѓанство, кое, поради тоа, повеќе нема така лесно да дозволи злоупотреба на власта.
Фактор: Лидерската четворка досега неуспеа да постигне договор за излез од кризата. За СДСМ услов за продолжување на разговорите е целосно повлекување на аболицијата. Дали е потребно проширување на форматот на преговори во кои би партиципирале граѓанскиот сектор и новпарламентарните партии ?
Савески: Без целосно повлекување на аболициите не може да стане збор за какви било разговори со режимот. Во договорот за излез од кризата мора да биде вклучен граѓанскиот сектор, оние што секојдневно протестираат. Не е толку невозможно тоа колку што сака да се наметне впечаток. Од редовите на луѓето кои протестираат може, по пат на договор, да се утврди преговарачки тим, кој ќе ја претставува целата разноликост на протестното движење и кој транспарентно ќе комуницира со јавноста околу она што се договара на преговарачката маса.
ПОТРЕБНА Е ЕКСПЕРТСКА ПРЕОДНА ВЛАДА
Фактор: Како ја оценувате изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека тие се откажуваат од барањето за одвојување на партијата од државата и дека изборите би можеле да се одржат во октомври или најдоцна во март следната година . Од друга страна, во извештајот на Рајнхард Прибе департизацијата на институциите е еден од клучните услови за фер, демократски и кредибилни избори?
Савески: На Македонија не и’ требаат избрзани избори. И’ требаат демократски избори. За да имаме такви избори, треба да се работи на тоа да се создадат услови. Штом режимот се тргне, треба со полн погон да се работи на обезбедувањето услови за демократски и фер избори. Можеби тоа може да се направи до октомври, но многу веројатно проценката е преоптимистичка.
Фактор: Техничка, концентрациона, експертска.. Каква влада би го отворила патот за враќање на државата во демократски колосек и како профил на премиер и е потребен во моментов на Македонија?
Савески: Владата која ќе ги подготви следните фер и демократски избори треба да биде експертска, составена од луѓе кои се стручни во своите области и кои имаат морален интегритет да бидат министри во таа преодна влада. Левица смета дека во Македонија имаме доволно такви луѓе. Така што, ако има волја, може да се формира експертска преодна влада. Истото важи и за премиерот на таа преодна експертска влада. Треба да не биде политички експониран, да располага со висок морален интегритет и да работи на тоа граѓаните да се убедат дека неговата влада ќе стори се’ на следните избори да победи оној што ја ужива мнозинската поддршка кај граѓаните.
Слично
