Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Здравко Коцев: Со сета почит кон против кандидатот Захариев, ама тој во Штип нема заковано ниту една шајка!

Интервју Здравко Коцев: Со сета почит кон против кандидатот Захариев, ама тој во Штип нема заковано ниту една шајка!

Здравко Коцев, кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Штип. Коцев е магистар по безбедност. Дипломирал на факултетот за физичка култура во Скопје.Роден е во 1961 година во Штип. Претседател бил и на боречкиот клуб Балканец. За неговиот противкандодат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев, вели: „Со сета почит кон господинот Захариев и неговите лични напредоци во областа на фармацијата, но тој нема ни шајка заковано во Штип.“

Фактор: Дали сметате дека градот инфраструктурно е добро поставен  во последниве години?

Коцев: Градот не само што не е добро поставен инфраструктурно, туку го има изгубено и компасот. Тоа значи дека во изминатиов четиригодишен период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, власта на Штип му нанесе штети од поголеми размери, кои градот и граѓаните ќе го чинат многу.

Фактор: Кои големи проекти ги планирате Вие?  Коцев: Во наредниве четири години, јас со мојот тим ќе работиме на исполнување на приоритетите од програмата која Сојузот за иднината им ја нуди на штипјани. Станува збор за проекти кои им се потребни на граѓаните.

Најважно од сѐ ќе ми биде гасифицирањето на нашата општина, бидејќи тоа драстично ќе го намали трошењето на парите на граѓаните.

Понатаму, изградба на мост  на реката Брегалница, кој ќе ја поврзува индустриската зона со населбата Сењак. Уредување на кејот на реката Брегалница со спортски терени, како и уредување на коритото на реката Отиња. Особено задоволни ќе бидат играчите од ФК „Брегалница“, како и нивните навивачи од штипската Фаланга, бидејќи на местото на постоечкиот стадион, ќе се изгради комплетно нов стадион. Ќе биде изграден старечки дом, ќе се реконструира и адаптира култниот Дом на млади, а паркот кај К’р Теке, кој беше изграден во времето кога управував со ЈП „Исар“, ќе биде доизграден и адаптиран за летни забави и културни настани. Сите влезови на градот ќе бидат проширени и хортикултурно уредени. Месноста Бриони со Суитлак ќе биде комплетно уредена и претворена во спортско-рекреативен центар. Уличното осветлување на територијата на цела општина ќе биде подобрено, а сите улици ќе бидат асфалтирани. Ова се само дел од решенијата кои ги нудиме, а за кои сум сигурен дека граѓаните ќе ги препознаат и ќе ги одберат на 24 март. Фактор: Развојот на Штип како универзитетски центар му помага на градот. Што ќе правите за подобрување на студентскиот стандард? Коцев: Вистина е дека со студентите градот заживеа. Прво што треба да се направи е да се изгради студентски дом, што ќе го подобри животот на студентите. Исто така, треба да се подобри културно-забавниот живот, а  исто така моето размислување е да се направи спој помеѓу бизнис-заедницата и студентите. Со тоа, студентите во летниот период би  имале соработка со бизнис-заедницата. Преку оваа соработка, студентите од една страна ќе го стекнат потребното искуство во одредена област, а од друга страна ќе добиваат одреден паричен надоместок за сработеното, со што ќе го зголемат сопствениот буџет. Фактор: Како ќе ја добиете битката со невработеноста? Коцев: Залудно е да правиме фонтани, паркови, игралишта, ако имаме луѓе со празни стомаци. Мојата идеја е да ги  вложам сите сили, сите искуства што ги имаме, а кои доаѓаат од непосредното опкружување (Инџија, Јагодина-Србија), кои важат како примери на кој начин може да се реши овој проблем. Тоа значи дека локалната самоуправа ќе направи сѐ за да створи поволни услови за развивање на бизнисот. Токму тогаш ќе се надмине проблемот со невработеноста во Штип, бидејќи домашните или странски фирми ќе увидат дека за нив е поволно и соодветно да отвораат свои погони во нашиот град. Фактор: Ќе успеете ли административно да одговорите на барањата за пристап до ЕУ фондовите? Коцев: Имајќи го предвид досегашниот ангажман и ефектот од работата на ЛЕР тимот во Штип, кој е крајно негативен, ќе се направи нова селекција со луѓе кои знаат како тоа да го направат. Во краен случај, ако такви луѓе нема во Македонија, ќе се обидеме да ги најдеме во нашето опкружување. Важно е членовите на ЛЕР тимот да бидат стручни и способни, а не да ги исполнуваат партиските критериуми на ВМРО-ДПМНЕ. Фактор: Какви мерки предвидувате за руралните средини? Коцев: Живееме во 21 век. Срамота е да нема водовод, да нема канализација, да нема патишта, со други зборови да нема ништо.

Со систематска работа планираме овие проблеми да ги решаваме дел по дел. При тоа, воопшто и не помислуваме да бидеме како нашите политички противници, кои  само ветуваа на празно. Во наредните четири години, ние ќе настојуваме да направиме што е можно повеќе.

Фактор: Како и за колку време планирате да го средите коритото на реката Отиња, што во моментов е една од најболните точки на градот?

Коцев: Во 2009 година, имав проект кој предвидуваше дека средувањето на коритото на река Отиња ќе биде преку јавно-приватно партнерство. Меѓутоа, актуелниот градоначалник го избра најлошиот начин - да ги задолжи граѓаните на Штип со 2 700 000 евра и сега неговата неспособност ќе нѐ чини дополнителни милион евра за да се санира целата работа. Јас верувам дека ќе го вратам првобитниот план и со постепено решавање поголем дел од коритото ќе биде саниран.

Фактор: Во екот на кампањата заработивте и кривична пријава поради настаните пред полициската станица. Вие обвинивте дека кривичната пријава е политички мотивирана. Зошто? Коцев: Јас бев повикан на информативен разговор. Меѓутоа, кога пристигнав пред полициската станица, не ми беше дозволено да влезам. Одеднаш истрчаа до заби вооружени полицајци, небаре ние сме некои терористи кои сакаат да ја заземат полициската станица. Со овој потег, актуелната власт си го покажа своето лице, покажа дека нема демократски капацитет и покажа дека се плаши од сопствениот народ. Фактор: Очекувате ли поддршка од централната власт? Коцев: Да, очекувам, но кога ќе ја смениме. Фактор: Каква битка очекувате за Штип, кој важи за едно од упориштата на ВМРО-ДПМНЕ?  Коцев: Како власт на централно и на локално ниво, во изминативе седум години, а особено во последните шест месеци, ВМРО-ДПМНЕ презеде бројни недемократски потези. Имајќи ги предвид токму тие нивни потези, логично е да очекувам да нападнат со сета нивна дрскост, недемократичност, расипништво, со закани, уцени и притисоци, односно во стилот на најлукавите и најбескрупулозни диктатори. Од друга страна, пак, она што тие треба да го очекуваат е дека на 24 март ќе бидат победени, ќе бидат поразени од слободарските, правдољубивите, луѓето кои за Македонија го посакуваат само најдоброто. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат поразени, затоа што народот е заситен од нивните лаги и неисполнети ветувања, а сака тим кој исполнува и работи. Токму таков е тимот на Сојузот за иднината. Фактор:  Што би му порачале на Вашиот против кандидат?

Коцев: Моја цел, а и цел на сите од Сојузот за иднината, во текот на оваа предизборна кампања е да им излеземе во пресрет на граѓаните и на нивните барања, како за проблемите кои ги произлегоа од неспособностите на локалната власт, така и за проблемите кои намерно ги создаде централната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Наша цел е да им понудиме решение за овие проблеми со кои граѓаните секојдневно се соочуваат, но и да им дадеме верба дека работите можат да бидат многу подобри.

Дозволете ми да бидам малку нескромен, но граѓаните знаат дека тоа ќе се случи само доколку јас застанам на чело на општина Штип. Со сета почит кон господинот Захариев и неговите лични напредоци во областа на фармацијата, но тој нема ни шајка заковано во Штип. Така што, немам што нему лично да му порачувам или да влегувам во конфронтација со него. Порака сакам да упатам до сите мои сограѓани, кои ги повикувам на 24 март да го дадат својот глас за кандидатите за советници и кандидатот за градоначалник од редовите на Сојузот за иднината, бидејќи токму оваа група на луѓе ќе му обезбеди на Штип подобри денови.
Слично

Поврзани вести