Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Виктор Мизо: Охрид ќе добие ексклузивни содржини, какви што нема никаде!

Интервју Виктор Мизо: Охрид ќе добие ексклузивни содржини, какви што нема никаде!
Во интервју за Фактор Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони објавува дека во тек се преговори со повеќе инвеститори од автомобилската индустрија. Тој обелоденува детаљи за грандиозно најавениот проект на индискиот милијардер Субрата Рој-туристичката населба крај Охридското крајбрежје, но говори и за слабиот прилив на инвестиции што го констатираше Народната банка и за забелешките што ги имаат компаниите во земјава. „Ние не сме перфектни, но постојано работиме на подобрување на бизнис климата“ вели Мизо. Неодминлива тема беа и владините роуд-шоуа. Катерина Попоска ФАКТОР Неодамна се вративте од САД, од Детроит каде се одржа владиното роуд шоу. Кои инвестиции може да ги очекуваме од таму, имате ли најава за конкретна соработка наскоро со некој американски инвеститор? МИЗО Настанот во Детроит можеби беше најконцентриран, имаше највисок квалитет на присутни претставници од автомобилските компании во споредба со сите други роуд-шоуа на кои сме биле до сега. Присуствуваа околу 60-70 луѓе од околу 50 компании, но врз основа на моите лични активности и на промотерот кој претходно беше лоциран во Њујорк и го покриваше Детроит и на новиот промотер кој до сега беше во Чикаго, а сега е во Детроит, можам да кажам дека тој терен веќе 4 години активно се покрива. Голем дел од присутните беа луѓе со кои веќе сме оствариле контакти и директно дојдоа да слушнат изворно за инвестициските предности на Македонија од највисоките владини претствници, а од некои други компании пак, побаравме присуство на нивниот највисок менаџерски тим. Она што е важно според мене е не само што ние ги презентиравме инвестиционите можности на Македонија, истовремено Мајк Зафировски даде многу интересен вовед за неговото искуство за инвестирање во странски земји од страна на мултинационални компании. Самото присуство на Џонсон Контролс, Џонсон Мети и Кемет кои преку свои искуства и конкретни бројки и статистики покажаа по кој критериум ги ренгирале земјите каде планирале да инвестираат, врз основа на што и ја одбраа Македонија, значеше многу за нас. Голем број од присутните инвеститори таму сакаа да зборуваат со нив, за лично да ги прашаат за состојбите во Македонија. Претставниците на Џонсон Контролс, Џонсон Мети и Кемет го вложија својот личен кредибилитет, своето лично искуство пред американските инвеститори кои се нивни клиенти, конкуренти, добавувачи или нивни партнери како поддршка за Македонија. Самото тоа што по настанот имаше инвеститори  кои останаа уште час и половина за дополнителни прашања околу инвестициските можности на Македонија, што не се случува често, покажува дека има голем интерес од нивна страна за инвестирање во земјава. На роуд-шоуто во Детроит, како центар на автомобилска индустрија во светот, немаше само американски компании, туку и германски. На презентацијата во Детроит присутен беше претседателот за Северна Америка на една германска автомобилска компанија. Само една недела пред да заминам за Детроит, имав средба со заменикот претседател на Бордот на директори на таа компанија во рамките на автомобилскиот Конгрес во Берлин. Со дел од компаниите кои беа присутни во Детроит веќе во јануари закажавме директни состаноци за да разговараме околу можностите за евентуално производство во Македонија. Јас не велам дека сите тие компании имаат изготвено проект, но самото тоа што закажуваат конкретна средба со нас, укажува на интерес од нивна страна. Можам да најавам дека веќе следната недела во Скопје доаѓаат претставници на германска автомобилска компанија. Ни претстои и посета на друга американска компанија, поточно нејзиниот европски  оддел во Германија која има активен проект и со која сме во контакт веќе 3,5 години. Централата е заинтересирана за Македонија и за уште една друга земја, при што конечната одлука каде ќе инвестираат треба да ја донесат до средината на 2013 година, така што ќе се интензивираат средбите. ФАКТОР Веќе еден месец претставници на индиската корпорација Сахара имаат постојан престој во Македонија и интензивно работат на реализација на грандиозно најавениот проект кај охридското крајбрежје. Веќе се познати и некои детаљи од проектот. Кога може да очекуваме и официјализирање на инвестицијата и почеток на теренските активности? МИЗО Од страна на инвеститорот од Сахара Груп и нивниот проектант Аткинс Груп од Велика Британија, беше направена презентација на идејното решение, што тие начелно замислиле врз основа на набљудвањата изминатите неколку месеци. Важно е да се каже дека паралелно со изработката на идејниот проект тие имаат и континуиран контакт со охридската капетанија, од каде бараат каков вид на регистрација се потребни за различни пловни објекти, габарити на објекти и слично. Во меѓувреме, Владата на Република Македонија формира Координативно тело кое ги вклучува сите релевантни министерства и институции кои на каков било начин се засегнати во процесот на давање на мислење за проектот, како што се на пример Агенцијата за просторно планирање, Националниот парк Галичица, Охридската капетанија и други кои и по донесувањето на конечната одлука би биле задолжени за спроведување на активностите на терен и она што ќе значи нова туристичка зона во Охрид. Во овој период индиските инвеститори резговараа со многу од институциите претставувајќи која е нивната визија за  да ги добијат вистинските информации за да го реализираат планираното. Во текот на летото тие се среќаваа со претставници на Хидробиолошкиот завод, со нуркачки друштва, со Охридската капетанија за да дознаат за флората и фауната, да дознаат што има под површината на водата, да ги знаат сите карактеристики на поднебјето како брзината на ветрот, висина на бранови, снежни врнежи на Галичица, значи сето она што е потребно за да се реализира еден ваков голем проект, кој не е голем само за Македонија туку и во Европски рамки. Се очекува во текот на декември уште една посета на клучните луѓе на Сахара Груп, при што со Координативното тело подетално ќе се разгледуваат сите потребни активности за во иднина, да се разгледаат подетални информации за самата инвестиција, која е вредноста, која е временската рамка за да се реализра проектот, бидејќи една ваква инвестиција сигурно не може да се реализира за една или две години, туку сметам дека тоа ќе биде подолг период прво на планирање и проектирање, па дури потоа со активности на терен. Важно е да се напомене дека компанијата изрази цврст став дека при реализација на проектот ќе се зачува животната средина и ќе се применат највисоките еколошките стандарди, а воедно искажа и спремност да вложи во унапредување на екологијата на потегот кај Охридското Езеро. Повеќе од сигурно е дека Аткинс Груп ќе го вложи  своето реноме  при реализација на проектот. Во ниту еден момент нема да се доведе во прашање ниту задоволувањето на нависоките еколошки стандарди, токму поради фактот што Аткинс Груп  работи на многу значајни проекти во светски рамки. Охрид ќе добие универзални содржини вредни стотици милиони евра ФАКТОР Што вклучува проектот, може ли да откриете некои детаљи, во што се состои грандиозноста на проектот? МИЗО Архитектонското биро Аткинс Груп и архитектот Том Врајд (Tom Wright) кои го направи идејното решение за овој проект го имаат проектирано грандиозниот и најпознат хотел Буџ Ал Араб во Дубаи, единствен хотел со 7 ѕвезди во светот. Исто така тие се дизајнери на двата најлуксузни и најголеми патнички бродови во светот – Allure of the seas и Oasis of the Seas. Имаат дизајнирано луксузни објекти во Русија, Обединетите Арапски Емирати, Сејшелските острови, Индија, Тајланд, Кипар, Индонезија, и многу други земји. Тие планираат во Охрид да има еден специфичен пловечки хотел со казино, пристаниште, голф терен на многу високи ниво, спа центар, вили кои ќе можат да се купат... Предложени се хотелски сместувања, конференциски сали, шопинг центри и друго. Предвидуваат и неколку оргинални и ексклузивни содржини односно објекти кои во овој момент инвеститорот не би сакал да ги објави во јавност, но можеме да напоменеме дека тие содржини ќе ги има само во овој комплекс, односно на Охридското езеро и никаде на друго место во светот. Значи, сето она што е потребно за еден ваков проект од светски рамки. Колкава ќе биде финансиската конструкција се уште не знаеме, затоа што проектот се уште е во идејна фаза. Нормално дека  секој инвеститор ова го прави за профит, но според мене еден ваков проект сигурно би чинел неколку стотици милиони евра. Но, ова би било голема инвестиција која ќе креира илјадници работни места, ќе ја продолжи туристичката сезона во Охридскиот регион да биде 365 дена во годината, ќе наметне и повисоки стандарди во работењето и на околните објекти од сервисната индустрија, бидејќи клиентелата ќе бара високо ниво на услуга и квалитет.  Реализацијата на оваа инвестиција можеби во иднина ќе стимулира и други компании да влезат во земјава со слични проекти. Ќе има слободна економска зона во Тетово ФАКТОР Неколку пати до сега имеше неуспешен обид технолошко-индустриската развојна зона во Тетово да се даде под концесија, односно да се примени моделот на јавно-приватно партнерство. Останувале ли на напорите да се најде јавен приватен партнер за оваа зона и која  е предизвикот за инвеститорите? МИЗО На последниот тендер се јавија две компании, Турска и Норвешка, но тие не ги задоволија условите на тендерот во  втората фаза. Минатата недела повторно распишавме тендер за јавно-приватно партнерство за оваа зона, кој ќе се спроведе во една фаза, со што потенцијалните инвеститори имаат рок до средина на јануари да достават понуди. Ние ќе ги регулираме условите за влез во зоните, а приватниот инвеститор ќе ја има улогата на оператор. Државата ги задржува правата да ги определува поволностите за инвеститорите кои ќе влезат во зоните, без оглед дали се работи за приватен или државен оператор. Ние сме еден филтер во име на државата кој одлучува дали, кој и колку ги задоволува условите за влез во една ваква зона, како и тоа кој вид на компании влегуваат во технолошко-индустриските развојни зони. Сепак, тоа се компании со повисока додадена вредност и технолошки процеси. Тука не влегуваат компании од прехрамбената, текстилната или земјоделската индустрија. И во оваа зона условите од гледна точка на бенефиции би биле исти како и во другите ТИРЗ, но во овој модел приватниот партнер ќе одлучува кој ќе ја разработува зоната, ќе ја гради и менаџира... Токму нивниот бизнис план треба да покаже како тие планираат да креираат профит врз основа на внатрешната инфраструктура во зоната. Сметам дека бидејќи имаме успех во привлекување на мултинационални компании во другите зони, што беше поинаку до пред три години, сега и некоја странска компанија која оперира зони поразлично ќе гледа на работите. Да се привлечат вакви мултинационални компании дури и во време на криза, мислам дека ќе ги поттикне инвеститорите да видат дека Македонија има потенцијал. ФАКТОР Податоците од Народната банка покажуваат дека во првите три квартали во македонија влегле само 44,2 милиони евра странски директни инвестиции, што е дури пати помал износ во споредба со истиот период лани. Која е причината за лошиот резултат, ќе го ограничи ли Владата одлевањето на капиталот од Македонија МИЗО Ставот на Советот на странски инвеститори од неодамна, во однос на тоа дека не гледаат структурни проблеми за намалување на сумата на странски инвестиции во овој период, туку дека причината ја гледаат во економската состојба на Европа. На жалост дури и Германија е на работ на потенцијален негативен економски раст. Истовремено од Советот на странски инвеститори ги гледаат и барањата на мајките фирми кои во услови на криза извлекуваат профит. Дури и да има причина за намалување на сумата што преставува прилив во земјава, многу е поголема сумата која се јавува како одлив. Но, самото тоа што имаме три нови компании кои веќе функционираат во зоните, Џонсон Мети донесе одлука се реинвестирање, Ванхул, Дрекселмаер и Кромберг и Шуберт веќе треба да бидат функционални идната година, Џонсон Контролс во Штип веќе вработи 450 луѓе во привремениот објект, не охрабрува дека состојбите ќе се подобрат. Овие статистички податоци се резултат на она што се случува во ЕУ, и на она што се случува со компаниите кои зависат од некоја централа која диктира на кој начин се распределува профитот. Во однос на тоа дали ќе се ограничи одлевањето на пари од ќерките фирми кон мајките фирми не сум запознаен со детаљите и не би го коментирал, тоа е одлука на Владата. ФАКТОР Советот на странските инвеститори се пожали на бавната администрација кај локалната самоуправа, на правниот систем и на лошата инфраструктура, она што е рак-рана веќе подолг период. Најавија и дека ќе издадат и бела книга за проблемите со кои се соочуваат и со можните решенија. Се гледатали ли со нов, разговарате ли како да се премостат проблемите со кои се соочуваат?  МИЗО Апсолутно, остваруваме чести средби, поточно еднаш на две недели со сите инвеститори од зоните, каде дискутираме за сите предизвици со кои тие се соочуваат.  Во многу случаи она што за една компанија е предизвик, друга веќе на некој начин го има најдено решението. Истовремено согласно законските промени за технолошко-индустриските развојни зони, Дирекцијата ја презема целокупната грижа за корисниците во зоните, ги добивме ингеренциите и за издавање на градежни дозволи во зоните и за оперативните дозволи. Исто така, во седумчлениот состав на Управниот одбор на Дирекцијата, тројца се од самите компании корисници во зоните, кои ќе ротираат на една година. Тие луѓе директно м ожат да ги кажат проблемите со кои се соочуваат, за подоцна во форма на забелешка или препорака да се достават до Владата. Важно е да се каже дека тоа се мултинационални компании кои функционираат во различни земји, со различни законодавства и прописи, виделе и полошо и подобро. Точно, ние не сме перфектни, но ние постојано ја подобруваме бизнис климата и функционирањето на компаниите.
Слично

Поврзани вести