Интервју Виктор Цветковски, ГРОМ: На Македонија и треба нова политичка понуда
Целта која си ја поставивме пред нас како нова партија, е да им понудиме на граѓаните повеќе избор на политичката сцена, конкуретност на идеи и проекти, позитивни настапи на нови и енергични лица, на луѓе кои се борат за Македонија, овде и сега, вели во интервју Виктор Цветковски, генерален секретар на ГРОМ.
Господине Цветковски, Вие сте еден од иницијаторите и основачите на Граѓанската опција за Македонија, а сега и на една од највисоките функции-генерален секретар. Која мисла Ве водеше за влез и „ разигрување“ на политичкиот простор во центарот?
- Разигрувањето не само на политичкиот простор во центарот, туку разигрување на политичката сцена, генерално во Република Македонија доаѓа како неминовност, како потреба, пред се на граѓаните да добијат нова понуда, да им се даде нова можност, да им се решаваат проблемите, да им се задоволуваат потребите,едноставно да тргнат работиве на подобро. Сето тоа во изминативе години може слободно да кажеме дека не е случај.Од една страна имате многу комотна власт која цврсто и сигурно си го менаџира системот на власта,а напредок нема, ниту државата оди напред, уште помалку граѓаните го чуствуваат тоа.И кога на тоа ќе го додадете односот на опозицијата, на која основна цел и е да се занимава самата со себе-исходот е поразителен. Битно е кој ќе ја добие внатре партиската битка и за нив е доволно, да се задоволат самите себе си, и тука застануваат,тоа е доволно за да имаат сигурност за нивните семејства и бизниси, а за граѓаните ако нешто „остане по пат „. Вие сепак не сте дебитант во политиката, дури повеќе. Пред околу шест месеци бевте во фокусот на вниманието со вашите оставки и исклучувања од поранешната матична партија СДСМ. Дали ГРОМ е само артикулација на континуитетот во Вашето политичко дејствување или сепак носи некоја новина, автентичност која недостасуваше во политичкото поднебје во Македонија? -Многу често во животот ме води интуицијата, кога нешто од внатре ми кажува дека нешто не е во ред, нешто „не штима,„ и нешто ќе мора да се направи, дека некој потег мора да се повлече, го повлекувам без многу размислување, и секогаш сум бил во право. Тоа се случи и со мојата оставка од член на ИО на ЦО на мојата поранешна партија. Прв јасно и гласно се спротиставив на погрешните политики, за што бев подготвен да ги поднесам и сите навреди, понижувања како и реваншизмот према сите кои ме подржаа во таа битка. И тој процес трае, не е завршен. ГРОМ може слободно да се каже дека ги обедини сите оние кои, пред се, се слободоумни, горди, достоинствени, храбри и истрајни луѓе. Сите оние кои знаат да препознаат, оние што не калкулираат, туку едноставно се убедени дека во Македонија може повеќе, може подобро и мора поинаку, не вака, не како до сега.ГРОМ се повеќе ги привлекува младите луѓе, неопределените, оние кои што за прв пат влегуваат во политиката. Желбата да се променат работите во Република Македонија е многу силна, енергијата секојдневно ја чуствуваме. Да, ГРОМ е тој што ги обединува граѓаните околу изборот на третата опција. Ќе се согласите дека како ГРОМ влеговте во борба со „титани“ односно со речиси двеиполдецениска поделеност но и устоличеност на биполарен, лево-десен политички блок. Дали сте подготвени за соочување со нив и какви се притоа шансите на ГРОМ? -Да не заборавиме дека јас лично влегов во таа битка со “титани “ уште на локалните избори, бев независен кандидат за градоначалник во мојот град Куманово.Таква судбина имаа уште многумина од ГРОМ. И еве уште сум политички “жив “ но,исто така и како човек горд. И тие локални избори покажаа дека не има многу кои сме подготвени да се соочиме со нив, да им се спротиставиме на политичката сцена, да им покажеме дека не има многу кои мислиме поинаку, кои делуваме поинаку, дека вака не оди. Ако се погледне наназад, на локалните избори се појавивме во неколку града,некаде независни кандидати за градоначалници со независни листи, некаде само советнички листи, но погледнете сега, нема град во кој немаме општинска организација на ГРОМ, на нашите основачки собранија ги полниме културните центри, кино сали, граѓаните ни пристапуваат. А за потсетување, подготвеноста наша ја изразивме и преку јасно дефинираниот партиски став за предвремени парламентарни избори на кои ГРОМ ќе настапи со свои листи.А за шансите на ГРОМ, нема да говорам само ќе споменам 2 примера и јасна ни е сликата, прво, ГРОМ се повеќе е мета на одредени политички партии, и се повеќе ни приоѓаат членови на други политички субјекти, тоа говори за силата на ГРОМ која се повеќе јакне и многумина ја чувствуваат.. Според сондажите што ги имате од теренот, какво е расположението на граѓаните во Република Македонија за една навистина граѓанска опција? Всушност како котирате кај народот? -Веќе медиумите излегоа со анкети, на кои ГРОМ се наметнува како релевантен политички субјект, и јас во овој момент не би ги коментирал. За нас најважно е што кај граѓаните наидуваме на голема подршка, што нашите собранија се преполни, што веќе во 26 општински организации избравме раководства, што многу интензивно ја градиме нашата партиска инфраструктура. Ме радува што веќе може да кажеме дека се профилираат неколку општински организации кои се над 1.000,2.000, 3.000 члена или некои дури и го надминаа тој број. Сето тоа покажува дека ГРОМ на првите парламентарни избори ќе направи солидни резултати, со своја пратеничка група во Републичкото Собрание. Што е она најквалитетното што го нуди ГРОМ? По што сте различни? -По многу што сме различни. ГРОМ е партија за која нема табу теми, а и партија која ги надминува стереотипите на досегашното плуралистичко живеење. Партија која силно го нагласува граѓанскиот концепт, а уште повеќе го негува мултиетничкиот и мултикултурниот соживот. Живот на едни со други, а не едни покрај други. Затоа во нашето највисоко централно раководство, во ИО на ЦО ќе сретнете Македонци, но и Албанци, Срби, Турци итн. Но, според мене, како човек кој подолго време е во политиката најважно нешто што не разликува од сите останати е одговорноста, која сметам дека одамна ја нема на политичката сцена во Република Македонија. Одговорниот пристап, реалниот однос, квалитетната работа и законското работење се основните начела кои не водат, а дел од нас, кои и до сега сме практикувале власт, сме го докажале тоа. Првиот и најголем тест како трета, центристичка опција Ви следи веќе напролет, на претседателските и многу веројатно, парламентарни избори. Кои се Вашите желби, очекувања и проценки? Како ГРОМ ќе мине на нив по оптимистичко и песимистичко сценарио? -За себе, а тоа можам слободно да го кажам и за другите членови на потесното раководство на ГРОМ, никогаш не сме се воделе од нашите желби, туку од актуелните политички состојби во општините од кои доаѓаме, а и во Република Македонија во целост. Целта која си ја поставивме пред нас како нова партија, е да им понудиме на граѓаните повеќе избор на политичката сцена, конкуретност на идеи и проекти, позитивни настапи на нови и енергични лица, на луѓе кои се борат за Македонија, овде и сега. Р.Ф.
Слично
