Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ВЕЛИНОВСКА: Македонија е далеку од суверена држава, а за независна не правиме муабет!

ИНТЕРВЈУ ВЕЛИНОВСКА: Македонија е далеку од суверена држава, а за независна не правиме муабет!
“Во периодот во кој сме, среде произведена криза, а не е прва таква, Македонија е далеку од суверена држава, а за независна не правиме муабет. Напротив, денес, со сериозна странска интервенција со помош на домашен контрактор СДСМ и т.н. цивилен или невладин сектор и во 2001 година, е изведен преврат и суспенсиран легалниот правен и уставен поредок”, вели  во интервјуто за Фактор  еден од  активните ветерани и препознатливи новинари.   За економската транзиција со оценка - “Пљачката на општествениот капитал и распродажбата на националните богатства ги изведоа бившите комунистички партии. Односно, нивните раководни структури и нивните општетвени директори, поставувани со партиски благослов. Затоа мене ми е смешно денешното обвинение на т.н. шарени револуционери кои ги обвинуваат вмровците за пљачка на македонската економија”.  Како долгогодишен сведок на македонскиот пат од сукцесија до четврт век самостојна држава Мирка Велиновска и со (само)критика за урнисаниот углед на македонскиот журнализам -“Се ми се чини дека повеќето ,,угледни,, и ,,професионални,, новинари професијава ја избрале како транзиција кон административна или политичка функционерска кариера. Штом ги заболе за угледот на професијава. Штом сакаат да ја трампат за проститутска или спонзорушка и штом не водат сметка за сопствениот професионален и личен интегритет”. разговара Горазд ЧОМОВСКИ Фактор: Како новинар кој со децении понира во длабочините на македонската независност како гледате на овие  изминати  25 години  на развивањето на Македонија како самостојна држава и дали ја оправдавме самостојноста? Велиновска: На изминативе четврт век од прогласената самостојност гледам како на нормален процес на трансформација на општествената свест која транзитира од едни околности (во нашиот случај живот во федерација, а претходно во кралство СХС, па Југославија и уште порано во отоманската империја, па во Византија, во Римското царство...) во ситуација да добиеме своја шанса самостојно да го организираме општетвениот живот во своја држава за која самите ќе бидеме одговорни. Овој 25 годишен период е само една мала отсечка на патот државата и реално и фактички да се докаже како самоодржлива. Притоа морам да потсетам дека процесот во нашиот случај заради историски околности, е и тежок и болен зашто многу надворешни фактори намерно и плански го отежнуваа, блокираа политички и економски, влијаеа на внатрешните односи од свои политички, геополитички, стратешки и лукративни причини. Не се работи за ,, теории за заговор,, на какви се повикуваат оние кои сакаат да ги скријат своите валкани и криминогени потфати. Се работи за реалност која историјата секогаш по извесно време ја обелоденува. Фактор: Стекнавме самостојност, но дали имаме и суверенитет врз сопствената државност? Велиновска: Според тоа во периодот во кој сме, среде произведена криза, а не е прва таква, Македонија е далеку од суверена држава, а за независна не правиме муабет. Напротив денес со сериозна странска интервенција со помош на домашен контрактор СДСМ и т.н. цивилен или невладин сектор и во 2001 година е изведен  преврат и суспенсиран легалниот правен и уставен поредок. Од оваа оценка нема бегање. Ќе ја потврди историјата заедно со учесниците во епизодава но и од оценките за поведението на истурените ешалони збирно и поединечно. Фактор: Дали терминот транзиција стана синоним за големите грабежи и трансфери на националните богатства и владеење на клептократите во Македонија?  Велиновска: Транзицијата или преминот е симбол за дејство кое се изведува во етапи или како етапа. Транзицијата е делница што треба да се помине на патот до некоја цел. На пример, во случај на промена на еден политички и општествен или вредносен систем во друг што ќе одговара на времето и изменетите потреби на населението, до воспоставување и целосна функционалност на новата парадигма, општеството транзитира. Историски гледано, големите грабежи и трансфери на национални богатства се вообичаени ставки кога се случува прераспределба на моќта или редистрибуција на капиталот. Ние поминавме од социјалистички планска и самоуправна економија во либерал-капиталистичка предаторска економија. Нашата приватизација беше изведена по моделот на дивиот запад – преку првобитна акумулација. Интересно е што оваа етапа сите бивши социјалистички држави ја поминаа идентично. Пљачката на општествениот капитал и распродажбата на националните богатства ги изведоа бившите комунистички партии. Односно, нивните раководни структури и нивните општетвени директори, поставувани со партиски благослов. Затоа мене ми е смешно денешното обвинение на т.н. шарени револуционери кои ги обвинуваат вмровците за пљачка на македонската економија. Се ми се чини дека дел од младава транзициона генерација уште е под влијание на ,,доктрината,, дека само на една партија и припаѓа природното право и да владее и да краде, односно пљачка. Некои очигледно уште не го прифаќаат плурализмот и во политиката и во интересите и во економијата. Патем, последниот обид на либералната деммократија од западот опасно личи на тоталитарен вредносен концепт. Се вика ТТИП и ако прочитате делови од предлог договорот кој до скоро во тајност се подготвуваше ќе видите нешто што организационо и концепциски личи на уредувањето на нацифашистичка Германија и Режимот на Црвените кмери во Камбоџа. На пример контрола над водите или уредување на сферата на храната, па приватизација на државите и нивно реорганизирање како логистика на транснационалните компании, како и претворање на луѓето во робови. Денес 5отсто луѓе владеат со десет милијарди луѓе. Само 1 насто од човештвото има акумулирано богатство на половина планета. Нели се работи за клептократи или за монструозна парадигма која не смее да победи во никој случај. Целото човештво веќе се бори против ова. Фактор: Земјата и натаму е соочена со сурова реалност на разделби во македонското ткиво, на патриотги и предавнци, на “комуњари”или “вмровци“, па потоа и резервираност кај етничките Албанци кон симболите и настаните што ја формираа македонската државност. Дали сме општество со оспорен државен суверинитет? Последните години сведоци  сме на масовно дискредитирање , етикетирање.  Кому му одговара   македонското ткиво да биде поделено ? Велиновска: За делбите во Македонија имам да кажам само следново. Од Цезар па наваму на сила е тактиката ,,раскарај па владеј,,, раскарај за да победиш и завладееш. Во секое општество, во секое семејство, во секоја група луѓе, ако сакаш, можеш да внесеш смут или кавга па и тепачка. Нема држава која не можеш да ја дестабилизираш ако тоа ти е планот за да оствариш некој свој интерес или цел. Македонците го имаат одживеано ова искуство со Балканските војни. А сега само го повторуваат урокот. Оти имаме и генерациски “понављачи”. Значи не сме ние единствените и најлошите, иако некому така му изгледа. Кај нас преку пропагандата и домашните странски платеници (и тие се реалност) се шири вирусот на идеолошки антагонизам до таква омраза што се објаснува само со психолози и психијатри. Оти е искреиран во политичките и стратешките лаборатории на Западот, овој вирус е толку гаден што не може да се лекува со традиционални лекови. Говорам за индоктринација и фанатизам што најдобро се гледа на Блискиот исток па и во Ценрална Африка  каде стимулираниот антагонизам на сектарианскиот ислам го доведе регионот до прав и пепел. Реков веќе кога се фингира криза потребен е претходно конфликт. Ако не се случува природно и сам од себе, тогаш се произведува плански и се пушта да се шири како зараза на локален терен кој некој сака да го контролира или освои. За таа намена се потребни како преносници одредени категории од локалното општество. Пропагандисти се наоѓаат во медиумите кои штанцаат лафи, провоцираат наменски, шират паники, дезинформации а тоа радиоактивно или високотоксично ѓубре го продаваат како слободно и независно новинарство уверени дека ќе минат неказнето. Локални подизведувачи се ангажираат и од партиите и од средните слоеви на државната администрација и институции. Во екстремни случаи во акцијата се вклучуваат и полицијата и војската. Фактор: Македонските граѓани очигледно се  уморни од постојаните дневно-политички преврати и „куглањето“ на политичка сцена каде единствено тие се губитници. Зарем луѓето кои го докажаа својот дух на мирољубивост и изградба на стабилно и безбедно опкружување треба да бидат жртви на своите самоименувани лидери и државници? Се согласувам дека жителите на Македонија се уморија од ова 25 годишно пимплање меѓу партиските врхушки кои низ уредувањето на општествениот живот покажаа скромна способност, обилна несериозност и неодговорност а честопати неверојатна наивност, слаба професионална подготвеност и инфериорност. Не е само мое чувството дека народот е стопати попаметен, поодговорен и позрел од елитите кои божем треба да го предводат. Фактот што и после толку усилби од надвор и после толку потрошени пари на кризирањето на Македонија во етапи и наменски не успеаја да произведат граѓанска војна или меѓуетничка војна се должи само на воздржаноста на сомничавиот народ кој дува веќе и на матеница, а неверојатно е како инстинктивно ги распознава сматоците и од странство и од дома. Според тоа, нормално дека граѓаните нема да дозволат да бидат жртви на манипулации на некакви си партиски водства или медиумски и други пропаганди. Тоа се докажува на избори. Обидите тие да се изиграат или фалсификуваат макeа и со странска сила ќе доведе само до тоа да се добие власт која се протега на две улици или два каварта. Како во Авганистан, Ирак, Либија, Сомалија, Источен Судан,сега и Конго. Значи, врти –сучи, нема таков странски чадор или завојувач кој на ваков перверзен начин со превземање на контрола на изборите и цензурирање на изборниот процес ќе обезбеди успешна, народно прифатена стабилна марионетска власт. Ако во нешто сум сигурна, пак со проверка на историјата на човештвото, значи со консултација на искуствата низ кои минале илјадници генерации човештво, сигурна сум во тоа дека и ова низ кое минуваме ќе биде победа на оваа генерација жители на Македонија на кои им се случи да живеат во интересно и возбудливо време. Фактор:  Со какво  новинарство влеговме во создавањето јавна  свест и мислење за самостојна држава  и како би ги дефинирале (само)критиките дека македонскиот журнализмот го достигна дното во професијата? Велиновска: Во една од последните колумни кажав се што мислам за македонското новинарство денес. Тоа никогаш и не било бог знае колку квалитетно, но никогаш не стигнало до вакво дно каде што е денес. Кого и да обвинувам,  вината првенствено ја гледам во нас како занаетчии кои самите избрале да бидат новинари. Просто понекогаш кога ќе се одважам да прочитам нешто, ме фаќа таков срам од толкава неграмотност, што ме фрла во депресија. Се ми се чини дека повеќето ,,угледни,, и ,,професионални,, новинари професијава ја избрале како транзиција кон административна или политичка функционерска кариера. Штом ги забоеле за угледот на професијава. Штом сакаат да ја трампат за проститутска или спонзорушка и штом не водат сметка за сопствениот професионален и личен интегритет. Пак ќе кажам, не е само што не вложуваат во сопственото образование и знаење за стокмени да се појават во јавност со свои текстови или емисии и за да станат кредибилен фактор, бренд  во информирањето на публиката, туку гордо и гласно ја рашетуваат својата ништавност и неавтентичност како копипеист телали, пропагандисти. Интервјуто со Велиновска е дел од серијата разговори на Горазд Чомовски по повод Денот на независноста    
Слично

Поврзани вести