ИНТЕРВЈУ ВЕЛИЧКОВСКИ: СДСМ не смее да прифати преодна Влада со Груевски на чело!
Преоптимистички е да се очекува дека криза што систематски е создавана 9 години ќе се реши за 9 дена. Неучеството на опозицијата во Собранието може да престане само со оставка на Груевски и нова „широка“ влада без него, со поддршка од пратениците што не се од владејачката партија плус онолку ВМРО-ДПМНЕ колку што е подготвено да ја води Македонија кон ЕУ и НАТО без алтернатива, вели во интервју за Фактор Ивон Величковски, претседател на Либералната партија.
Според него, СДСМ не смее да се согласи на формриање преодна (концентрациона) влада на која премиер би бил Груевски, затоа што таквото решение може да му го пролонгира политичкиот век, но гарантирано ќе произведе нова, подлабока криза која уште потешко ќе не оштети како држава и општество.
„Секој од опозицијата што би влегол во подземно договарање со Груевски на ваква основа, ќе поништи три работи: сопствената политичка иднина, политичката иницијатива и енергија на опозицијата, и помошта на странските пријатели за темелно оспособување на македонските институции и политички елити за одговорно владеење. Никој нема право да ја попречи можноста за ресетирање на системот задржувајќи го Груевски на чело на Владата“ потенцира Величковски.
„Концентрационата Влада за која се залага ЛП е влада со времетраење определено од процесите што треба да ги спроведе. Истовремено, концентрационата Влада не смее да го устоличи СДСМ на власт без избори. ЛП не зборува за кадровска шминка, туку за политичка Влада со поддршка од партиите што се инволвирани или нудат решенија за надминување на кризата, заснована на политички договор.
Величковски во интервју за Фактор говори кои би можеле да бидат реперкусиите врз Макеоднија доколку на подолг рок останеме надовр од НАТО и ЕУ, за последните пораки од соседите и рускиот интерес кон Македонија. Лидерот на Либералната партија смета дека предупредувањата на гувернерот Димитар Богов се реални.
„Девалвацијата што гувернерот тивко ја најави, се плашам дека е неминовна, ќе удри по социјално ранливите категории, вработените во нестопанството и пензионерите, без да генерира раст на економијата, пораст на конкурентноста на нашиот извоз или пораст на вработувањето“.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Европската комисија во своите редовни извештаи за напредокот на Македонија подолг период укажува на негативен развој, особено во областите како што се независноста на судството, слободата на медиумите, проблемот со јавната администрација итн. Брисел е свесен дека Република Македонија веќе подолго време назадува во процесот на приближување кон ЕУ. Дали ЕК требаше многу порано да се вклучи во надминувањето на политичката и институционална криза за да се спречат овие негативни трендови?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Иако Брисел за тоа не зборува, истиот негативен тренд се однесува и на слободата на пазарот и пазарната иницијатива. ВМРО-ДПМНЕ веќе во 2008 „торпедираше“ два системи – судството, кое ја загуби независноста, и администрацијата – што се партизираше до степен на блокада. Тие ги изгубија кредибилноста и способноста на мериторно одлучување откако груевизмот ги пара(ле)лизираше со партиски вработените „комесари“, па веќе никој не верува дека одлуките и процедурите се носат/спроведуваат професионално и по закон. Потоа, по принцип на предрасуда и приземна компромитација системите перманентно беа партиски окупирани еден по друг – безбедноста, образованието, здравството, медиумите... На крајот самиот домашен бизнис и бизнис-заедница се доведоа во прашање, бидејќи нема институции што ќе ги заштитат врз основа на закон и право. Затоа, најавивме дека застапуваме реституција на сопственоста преземена со употреба на лостовите на моќта и власта. Овие состојби за ЛП го вклучија алармот уште во 2008. Притоа не ме изненадува што Брисел реагира подоцна, туку ме разочарува што опасноста не беше препозната и пресретната навремено овде, во Македонија. За жал, сега ќе треба многу повеќе енергија и напор да го надоместиме пропуштеното и да го достигнеме потребното, одошто ако водевме конзистентен процес на развој спротивставувајќи се на бранот на популизмот.
Затоа, не е прашање дали Брисел требал порано да се вклучи во надминувањето на институционалната и политичката криза. ЕУ природно очекуваше Македонија, која се стекна со кандидатскиот статус по сопствена желба и одлука, да води процеси на унапредување по критериумите и вредностите што ги прифатила како свои – барајќи членство во Унијата, наместо процесите да ги доведе до застој и назадување. Македонија е суверена и самостојна земја, и како таква (требало да) има влада што ги спроведува преземените обврски на државата, одредени врз основа на ставот на граѓаните. Затоа, можеби побитно прашање е каде и кога владата отстапи од ЕУ и НАТО агендата и дозволи со намигнувањата кон исток да им ја пресече западната магистрала на македонските граѓани.
Фактор: Наспроти опозицијата која бара политичка одговорност за прислушувањето и за содржината на снимките што ги објавува, владејачката партија инсистира на институционални решенија - што подразбира и прекинување на опозицискиот бојкот на парламентот. Значи ли ова дека целиот овој процес ќе трае подолго време, односно дека нема да заврши единствено со неколку рунди разговори меѓу домашните преговарачки тимови и европарламентарците во Брисел и дека ќе биде неопходно ангажирање на дипломат-булдужер од калибарот на починатиот Ричард Холбрук или Карл Билд?
Содржината на „бомбите“ е клучна: се додека низ нив не се разоткри дека неколкумина во владејачката пирамида по сопствена волја одлучувале за многу работи, наместо институциите (по закон и Устав), во јавноста постоеше илузија дека само спорот за името не кочи во интеграциите. Откако се слушна што се се разговарало и одлучувало и како тоа се правело, стана јасно дека кризата во која се наоѓаме е генерирана многу долго. Лично мислам дека нејзиниот вовед е некаде од изборите 2011, со видлив развој во 2013, а од изборите 2014 стана само прашање на време кога таа ќе се развие до денешниот обем. Во однос на временската рамка на решението, преоптимистички е да се очекува дека криза што систематски е создавана 9 години ќе се реши за 9 дена. За почеток, од зрелоста на домашните политичари ќе зависи за колку време ќе се надмине илузијата дека ова може да лесно да се стави „под ќилим“ и дека за тоа насамо ќе може да си се договараат „четирите поглавици“.
Инаку, вистински правен епилог може следи само откако судството (вклучително) и обвинителството ќе бидат ослободени од вазалството кон владејачката партија и естаблишмент. И, да не заборавиме, ако противправно стекнатото не биде одземено, секоја следна гарнитура ќе смета дека ќе може да продолжи да владее со истиот манир и само ќе влегуваме во нова криза, со се послаб институционален капацитет. Истовремено, за разлика од сите оние што сметаат дека кризата е врамена во нашите државни граници, препознавам еден битен процес – дека таа криза е дел од расчистувањето со „корпоративниот менаџмент на државата“ како покритие за врските на многу естаблишменти во регионот со организираниот криминал, порозноста на границите за трговија со наркотици и луѓе... Овие слабости во регионот, од БиХ на север до Македонија на југ, државите ни ги прави ранливи и неодржливи и тоа мора да заврши. Притоа, принципот на непроменливост на границите ќе биде почитуван до крај. Да резимирам, длабочината на кризата и перспективите што треба да произлезат низ нејзиното решавање и за Македонија (но и за регионот) ќе го одреди форматот на оние што ќе помогнат во постигнувањето решение.
Фактор: Последните протести во Македонија, особено оние на опозицијата, покажуваат дека земјата не е до тој степен поделена по етнички критериуми. Може ли пораката која заедно ја испратија Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, да се толкува како почеток на будење на граѓанска свест?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Оваа криза (конечно) не е меѓуетничка, иако некои се обидоа да ја направат и таква. Напротив, денес таа кулминира поради децениска злоупотреба на институциите и нарушувањето на основните, а не на колективните човекови и граѓански права. Тоа значи дека потребно е решение што ќе го одреди и зацврсти институционалниот капацитет во државата и институционалниот инстинкт на граѓаните, особено на Македонците, како влог во вистинското градење на македонска политичка нација. Низ нашата Доктрина „Пресврт 2018“ пред две години ја најавме определбата за консолидирана и успешна македонска политичка нација. Оние што тогаш не доживуваа како утописти, сега ги очекувам во поддршка на овој пристап, бидејќи концептот на политичка нација во модерна смисла на зборот од XXI век само ќе го засили граѓанскиот карактер на општеството и државата. Ако пак некој се обиде да го злоупотреби овој позитивен моментум, неповратно ќе ја уништи вака создадената кохезија и државата. Или конкретно, флоскулата „братство-единство“ треба да ја замени реалноста на „слобода, еднаквост, праведност“, ама не еднократно и не за потребите на еден митинг или на една влада.
РАЗБИЕН Е МИТОТ ЗА НЕПОПУСТЛИВОСТА НА ГРУЕВСКИ
Фактор: Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не отстапува од својата цврста позиција дека нема да поднесе оставка. Заев и опозицијата исто така од барањето за формирање на преодна Влада. Во ваков распоред на силите и јасна рововска поставеност, какво се шансите за компромис?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Неучеството во Собранието може да престане само со оставка на Груевски и нова „широка“ влада без него, со поддршка од пратениците што не се од владејачката партија плус онолку ВМРО-ДПМНЕ колку што е подготвено да ја води Македонија кон ЕУ и НАТО без алтернатива. По оставките на Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков, и митот за непопустливост на Груевски е разбиен. Но, не го потценувам Груевски: тие поднесоа оставки дури откако Груевски им го осмисли натамошниот (партиски) ангажман. Негово очекување беше со ваквиот маневар да добие и бонус и да си го намали притисокот врз него настанат со објавувањето на „бомбите“.
Фактор: Колку се реални барањата на лидерот на СДСМ за формирање на преодна Влада без во неа да учестува ВМРО-ДПМНЕ. Може ли да се игнорира волјата на граѓаните кои го дале гласот за оваа партија дури и ако се потврдат наводите за изборна манипулација?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Изборните манипулации произведуваат прашално легални, а комплетно нелегитимни институции. Оттука нелегитимни се и сите правни и кадровски решенија на таквите институции. Тоа значи дека органите произлезени од избори со изборни манипулации не ја одразуваат волјата на гласачите, па газење на волјата на гласачите е вака добиениот изборен резултат, а не преодната влада. Всушност, преодната влада е само средство за доаѓање до реален изборен резултат, легални и легитимни институции, односно за почитување на волјата на граѓаните. Во однос на партиската застапеност на ВМРО-ДПМНЕ во „преодната влада“, концептот на ЛП е онолку ВМРО-ДПМНЕ во неа колку што има подготвени во таа партија за водење на Македонија во НАТО и ЕУ без алтернатива и намигнување кон „исток“.
Фактор: Може ли излезот од политичката криза да се бара преку формриање на концентрациона Влада на чело со Никола Груевски, а во која опозицијата би добила три-четри клучни министерски места?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Не. Таквото решение може да му го пролонгира политичкиот век, но гарантирано ќе произведе нова, подлабока криза која уште потешко ќе не оштети како држава и општество. Секој од опозицијата што би влегол во подземно договарање со Груевски на ваква основа, ќе поништи три работи: сопствената политичка иднина, политичката иницијатива и енергија на опозицијата, и помошта на странските пријатели за темелно оспособување на македонските институции и политички елити за одговорно владеење. Никој нема право да ја попречи можноста за ресетирање на системот задржувајќи го Груевски на чело на Владата.
Потребна е концентрациона Влада во која се знае и кој, и што и зошто работи. Затоа, концентрационата Влада за која се залага ЛП е влада со времетраење определено од процесите што треба да ги спроведе. Притоа, мислењата дека таа треба да трае шест до девет месеци се преоптимистички, а барањата таа да трае најмногу три месеци се желба на власта ништо да не се реши и да ни се повторат избори како досега, но некој друг да ја носи одговорноста. Истовремено, концентрационата Влада не смее да го устоличи СДСМ на власт без избори и, слушајќи ги ставовите на лидерот на СДСМ, Заев, во оваа премиса не се разликуваме. Значи, ЛП не зборува за кадровска шминка, туку за политичка Влада со поддршка од партиите што се инволвирани или нудат решенија за надминување на кризата, заснована на политички договор. Ваква влада е потребна за да го декомпонира „груевизмот“ како „мантра“ на (до)сегашното политичко и институционално функционирање и за да го елиминира партискиот клиентелизам – да спроведе попис, како основа за суштински прочистен избирачки список, и да го промени изборниот модел – во една изборна единица и отворени листи.
СЕ ОХРАБРУВААТ МРАЧНИТЕ СИЛИ ОД МИНАТОТО
Фактор: Албанија го означува за проблематично „постоењето македонска држава“, српските медиуми потсетуваат на „опасноста од Голема Албанија“, Бугарија испрати трупи на границата заради запирање „бегалски бранови“, Грција кризата ја користи како аргумент дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Што подолго сме надвор од НАТО и ЕУ, толку повеќе се охрабруваат мрачните сили од минатото и силите загрозени од владеењето на правото и функционирањето на системот и во земјата и во соседството. Истовремено, останувањето надвор од ЕУ и НАТО за една мала европска земја по територија и население како Македонија, секогаш (ќе) го отвора ризикот таа да биде предмет на калкулација на оние што посакуваат ривалитет со ЕУ и САД. Затоа, ако изземеме некои изјави за дневно-политичка и домашна употреба, ќе забележиме дека соседите (што веќе се во ЕУ и НАТО), не ги напуштаат рамките на европската заедничка надворешна политика и принципите на Алијансата и не ги разгоруваат страстите ниту во нивната домашна јавност, ниту во Македонија, ниту во регионот.
Фактор: Дали Македонија е новото „јаболко на раздорот“ меѓу Западот и Москва поради планираниот руски гасовод во Турција, „Турски тек“, кој предвидува новиот гасоводот да минува и низ Македонија и така да се заобиколи Украина и токму затоа земјата е последното делче од служувалката која му недостига на Кремљ. Зошто Русија би имала интерес владата предводена од премиерот Никола Груевски да остане на власт?
ВЕЛИЧКОВСКИ: На ова делумно одговорив и во претходното прашање, но да прецизирам: во однос на т.н. „Турски тек“, има и други држави низ кои тој треба да минува, и согласноста на Македонија за гасоводот е битна и колку и согласноста на другите земји. Потсетувам, за „Јужен тек“ имаше согласности од земји што потоа беа повлекувани, а денес овој проект веќе не е актуелен. Нашиот приод кон прашањето на енергетските текови е принцип на имање алтернативен пристап до енергенси. За илустрација, оценувајќи го како спротивен на опишаниот приод, ЛП не го гласаше решението за „Јужниот тек“, ниту правевме кворум при носењето на законот.
За ЛП, како и за убедливото мнозинство македонски граѓани, нема алтернатива на интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО. Оттука, се спротивставуваме на секоја влада и политичка гарнитура што ќе се обиде да владее нудејќи ја земјава како дел од геостратешките (економски и политички) равенки, додека таа влада и гарнитура ја држи земјата надвор од Алијансата и Унијата. Македонија има избран пат и ние, либералите, ќе ја водиме нашата земја по тој пат. Време е јавноста да расчисти со политичари, партии и политики на кои устата им е полна со НАТО и ЕУ, а сонуваат да орбитираат макар околу политичките подруми на Кремљ. Таквите ја оштетуваат суштинската, принципиелната соработка со сите земји во светот и со години ни ја прават неразбирлива и неконзистентна надворешната политика.
ГУВЕРНЕРОТ ТИВКО НАЈАВИ МОЖНА ДЕВАЛВАЦИЈА?
Фактор: Како ги оценувате најавите на гувернерот на НБРМ, Димитар Богов кој не исклучува можно заострување на монетраната политика, се говори и за раст на каматите доколку продолжи политичката криза па дури и дека денарот е преценет?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Богов најавува реална опасност, што над Македонија се надвиснува веќе подолго време. Постојат оправдани размислувања за долготрајната преценетост на вредноста на денарот, што повеќе имаше социјална, одошто развојна функција. Но, девалвацијата на денарот во денешни околности и во овој период би ја изгубило функцијата на позитивно раздвижување на македонската економија. Ако ова беше таргетирано применето пред неколку години, веројатно ќе дадеше позитивни ефекти, ќе ни ги направеше производите извозно поконкуретни, ќе ја зголемеше вработеноста, анулирајќи го социјалниот притисок. Во денешни услови, девалвацијата што гувернерот тивко ја најави, а се плашам дека е неминовна, ќе удри по социјално ранливите категории, вработените во нестопанството и пензионерите, без да генерира раст на економијата, пораст на конкурентноста на нашиот извоз или пораст на вработувањето. Комбинацијата на социјалниот амбиент што притоа ќе се создаде и веќе неповолниот политички амбиент, најавува тешка втора половина од 2015.
Фактор: Заострената монетарна политика директно ќе влијае врз вкупната економија. Тоа пред се значи дека ќе се зголемат каматите за кредитите, што ќе предизвика намалена кредитна активност. Бизнис заедницата стравува од можен банкрот?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Бидејќи живееме во период на „скапи пари“, конзервативната кредитна политика на банките, потхранета со буџетскиот апетит на оваа Влада, која во 2015 проектирано се задолжува пред се на домашниот пазар, ги засили тешкотиите на бизнисот. Ова особено се однесува на пристапот до поволни кредити за фирмите, особено оние од мал и среден обем. По принципот на врзани садови, ова ги засега и големите компании, кои, впрочем ниту живеат во изолиран економски систем во земјава, ниту не се имуни на пролонгираните ефекти на економската и финансиската криза од која тешко заздравува целокупната светска економија, а Македонија и регионот ќе ги чувствуваат и подолго. Поттикот на потрошувачката низ минорното зголемување на платите во администрацијата и на пензиите перманентно го сметав за реклама, а не за суштинска мерка на Владата, додека продуктивните инфраструктурни зафати дојдоа премалку и предоцна; ако се имаат предвид условите на кинеските кредити – и преспорно. Има уште многу параметри кои се дел од тезата, но заради ограничениот простор, ќе сублимирам: Се плашам дека горенаведено, заедно со долгата политичка криза во земјава, ги оправдува стравувањата од можен банкрот.
Слично
