ИНТЕРВЈУ ВАСИЛ ТОЛЕВСКИ: Во Македонија нема невработени, секој работи против секого!
„Ех...2015, 2015, дечко наш. 12 месеци ти бевме девојка. Невработеноста боли до месо, од која сме кожа и коски; прислушкувања поради кое Пржино стана поважно од Скопје; политичка нестабилност од која народот се треси како лист на гранка, иако спасот е во стапот; странски инвестиции во земја од која многумина отидоа под земја: живеење со зајмувања од кои имаме наслушнати разни мувања...“ вели во интервју за Фактор познатиот сатиричар Васил Толевски.
Горазд Чомовски
Фактор: Каква година оставивме зад нас?
Толевски : 2015-та година е иста како и младите – ни летна. Mладите во странство, а годината кај останатите гладни години. Гладни години?! Секоја од нив живи нé јадеше. Сепак најубаво е тоа дека оваа година ќе ја помниме и по тоа што нé ни остана ниту еден невработен: Кај нас секој работи против секого! Тука невработеноста во фамилиите стана како кафеанска певаљка, со генерации се префрлува од колено на колено. А поради невработеноста и сиромаштијата стана наследна маана: Богатите раѓаат богати деца, а сиромасите мораат да раѓаат- ѓаволчиња!
Фактор: Дали во изминатите 365 дена Владата имаше слух за маките со кои се соочуваат граѓаните или станевме глува нација?
Има и такви кои се помирија со ваквата судбина, и велат: Што е мое само ќе си дојде! Е, во нашата земјичка таквите ги има најмногу, па ним им дојдоа сметките за струја, вода, парно, извршители... Обично за таквите луѓе нема помош ниту во државниот буџет, па и подигнување на новите споменици ќе се одвива само во кругот на фамилијата. Народот за невработеноста и сиромаштијата, нормално, плука по власта од сите страни. Нејзе плукањето не и пречи, затоа што околу неа има многумина кои за пристоен хонорара – ќе ја излижат!
НАЦИЈА НА ГЛУВТАРИ
Фактор: Аферата „Прислушување“ покажа дека во Македонија има луѓе со големи уши?
Обично се жалиме дека кај нас никој никого не слуша. Што може да наведе на погрешен заклучок дека сме глува нација. Нација на Глувтари! Затоа оваа функција мораше да ја превземат некои многу технолошки понапредни суштества.
Што беше речиси несфатливо дека некој има поголеми уши од нас. Македонец, кој со векови живее од прислушкување, шпионирање, поткажување. Нас и бувот ни одадава признание за квалитетот на ушите. Ама, ние ниту да претпоставиме дека не прислушкувале, ама со апаратура, а не со нормални уши. (Иако нашиве не се нормални). Не од оние апаратчиња што се пикаат во уши, туку од оние што се пикаат во шупак. На секого му напикале по едно-две, и, слушале. Слушале, прислушкувале, снимале, сецкале, лепеле, монтирале...!? Како за кого. Нашиот државен врв, врв на технолошкиот развој на земјава, веднаш заклучи дека нé прислушкувале преку канализацијата! Да, точно, низ канализацијата. Излезе и званично коминике: Странците ја користат канализацијаата за да ги слушаат работите за кои со години молчиме! Ваков заклучок се наметна како нормален, затоа што потекоа – фекалии! Утредента целиот македонски народ се крена на колена. (Македонецот не може да се крене на нозе-нема кичма).
Фактор: Кој си игра со судбината на народот и иднината на државата ?
Сé излезе црно на бело. Најголемите глави на партиите почнаа да играат шах. Нормално, без топови. Кај нас ни војската нема топови. Бидејќи не сме монархија туку Републиката во пламен, во нашиот филм нема ни крал ни кралица. А бидејќи сме и мирољубиви како јагниња, и лауферите ги исфрливме од игра. Во игра останаа само пиони и коњи! А со овој квалитет на фигури нема нормална игра. Затоа Европа ни додели врвни судии и аутриктери. И не подели на два дела. Што е навреда за нас, бидејќи ние имаме делбен капацитет за повеќе од два дела. Тие, токму тука, на наш терен, договорија дерби натпревар за, знам-незнам време. Тогаш ќе се реши најголемата енигма на денешницата: кои на која страна ќе седат?! Или, народски речено, кој на што ќе седне?! Единствено се знае дека народот пак ќе си биде публика. Дури и карта ќе плати за да гледа. Замислете, еееј, воајери, а карта да плаќаат!!
Тоа што ни е зинат газот е добар предуслов за влез на странскиот капитал, е наша главна карактерна особина. Е, тоа, нашиот карактерен капацитет, го знаеја и странските инвеститори, па почнаа да ни се пикаат од сите страни. Влегуваа без проблем. Знаат луѓето да подмачкуваат.
КАКВА МУЗИКА ВО НОВАТА ГОДИНА?
Фактор:Дали црно ни се пишува ако продолжиме во ист правец и со иста динамика и во наредните 12 месеци?
Македонија ја ставија на врвот на земјите кои во 2015 година дадоа максимум од себе. И тоа, во клекната положба. Станавме отворена земја, да не речам гроб. Подадовме рака на секого кој ни подаде барем и среден прст. За давеник, како нас, секој инвеститор е сламка на спасот. Нас секогаш сламки не спасувале, па затоа е донесена одлука да се распише тендер за два милиони сламки – за секој граѓанин по една. Од заводот за статистика не можат да одредат дали кај нас дојдоа повеќе инвеститори или мигранти. Иако и мигрантите и инвеститорите имаат иста брзина на бегање од Македонија.
Фактор: А народот?! Невработените?
Тие почнаа да работат, што не е ни некој проблем. И кај наш газда можат така да работат. Значи: Не е проблем работата, проблем е платата. Познавам еден среќен Македонец за кого бројот 13 е среќен. После 13 месеци работа доби плата од странскиот газда! Е, тој народ, вработен со труби и фанфари, со сечење црвени пионерски ленти, со културно-уметничка програма со селскиот џез оркестар, влегуваше во халите, фармите, компаниите. Го тапкаа по рамо, го испраќаа со Среќно, како во рудник да влегува. Како во земја да пропаѓаа, иако паѓаа од нозе од работа. Странците се чудеа како лакомо се лепиме на нивните проекти, како муви на лепка. Се чудеа како фабриките ни станаа гробишта, а гробиштата ни работат како фабрики. Странските банки до детали ги познаваат нашите финансови експерти. А ако има некоја банка која не ги знае, тогаш од таа банка 100% немаме земено кредити. Сега, покрај тоа што сме до гуша во лајна, сме и до гуша во долгови. Ај, да видиме кој прв ќе зине.
Ех...2015, 2015, дечко наш. 12 месеци ти бевме девојка. Невработеноста боли до месо, од која сме кожа и коски; прислушкувања поради кое Пржино стана поважно од Скопје; политичка нестабилност од која народот се треси како лист на гранка, иако спасот е во стапот; странски инвестиции во земја од која многумина отидоа под земја: живеење со зајмувања од кои имаме наслушнати разни мувања...
И?! Каде да се оди?! Шу праиме, како што прашува 102% од народот?
Знам решение...Знам дека пијаниот и будалиот се браќа. Затоа, пиј народе. Греота е некоја будала да остане без брат. Така, пијани, да ја дочекаме Новата 2016. Па ако не ја бива и неа можеме да се оправдаме дека не фати на пијано. Иако мерак имам некого да видам да свири на клавир. Па макар и во Шутка.
Слично
