Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Васил Пишев: Струмица ќе биде македонски лидер во инвестициите и аграрот!

Интервју Васил Пишев: Струмица ќе биде македонски лидер во инвестициите и аграрот!
Васил Пишев, кандидат за градоначалник на Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.  Пишев е актуелен пратеник во Собранието на РМ, инаку во Струмица завршил средно образование, а вонредно студира Менаџмент. Роден е во 1965 година. Пишев е бизнисмен кој својата кариера ја почнува во 1984 година бавејќи се најпрво со угостителство, но набргу дејноста ја проширува  во трговијата и транспортот.  Подоцна ја основа компанијата АЛ-МАКС, за производство на масло за јадење. На својот противкандидат од редовите на СДСМ, Зоран Заев, му порачува да ги погледне анкетите бидејќи ако пред почетокот на кампања, анкетите му давале предност на Заев, сега таа разлика се стопила како коцка лед на сонце. Фактор:Каква е вашата визија за Струмица? Пишев: Мојата визија за Струмица најдобро е изразена во мојот слоган  “Струмица општина на сите”. Нашиот опонент во Струмица тоа не може да го сфати бидејќи ги дели граѓаните на оние кои се со нив, и на такви кои не се со нив. Визијата за Струмица ќе ја реализираме така што ќе посветиме внимание на рамномерниот развој на селото и градот,  ќе го подржиме стопанството така што да ги ангажира максимално капацитетите на Струмица,  ќе инвестираме во образованието така што ќе може да го искористи максимално кадровиот капацитет на Струмица, ќе  донесеме странски инвеститори,  нашите села ќе станат поурбани, а во сите нив ќе се вратат културните манифестации. Фактор: Се чини дека Вие ќе ја имате најтешката задача, со оглед на противкандидатот, кому анкетите му даваат предност, но, во кој дел очекувате дека можете да го победите? Пишев: Mожеби пред почетокот на мојата кампања, анкетите му даваа предност. Но, сега погледнете ги резултатите од анкетите добиени  во текот на кампањата. Разликата се стопи како коцка лед на сонце. Тоа се должи на мојата модерна кампања, правена по мерка на народот. Тоа се должи на објавувањето на Отчетот за она што мојата партија го направи за Струмица, со кој не само што го демантиравме градоначалникот дека во Струмица владата не сработила ништо туку се покажа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ сработила неспоредливо повеќе од градоначалникот.  Понатаму, се должи на обемната  програма  која  нуди конкретни проекти, за  разлика од неговата програма,  која лошо ја препишал од нашата ама го испуштил најважното - сумите  и роковите. Фактор: Велите, во вашата програма, создавање работни места преку привлекување на странски и домашни инвестиции, има ли веќе разговори за конкретни проекти? Пишев: Странските инвеститори со економската политика на Влада на ВМРО-ДПМНЕ почнаа сами да доаѓаат. Но, каде се во Струмица. Ги нема. Доаѓаат ја гледат моменталната бизнис ситуација во Струмица и си одат. Инвестираат во Василево, Штип, Радовиш, Валандово, Кавадарци. Тоа е така бидејќи актуалниот градоначалник не сака конкуренција на своите фирми во Струмица. Ако странскиот инвеститор види дека конкуренцијата е нелојална тој си заминува. Тоа е главниот проблем што го создадоа оние кои ја изведоа транзицијата во Македонија. Не сакаат да има конкуренција и не ги сакаат инвестициите дури ни од сопствената дијаспора.  Мојата програма предвидува Технолошко индустриско развојна зона, намалување на даноци кога некоја домашна фирма ќе сака да инвестира, зголемување на соработка со бизнис секторот. Фактор: Како ќе му помогнете на струмичкото земјоделство, дали сметате дека треба да се оди на окрупнување на стопанствата? Пишев: Струмица е земјоделска општина. Струмичките земјоделци се гордоста на македонското земјоделие. Во овие седум години додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт земјоделието во Струмица е во подем.  Добија преку 200 милиони денари субвенции во претходните неколку години. Владата во Струмица го отвори и Агрокор, ивестиција од 20 милиони евра. Владата можеше да стори уште доколку општинската самоуправа соработуваше со неа. Во мојот мандат Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе инвестира во изработка на систем на наводнување на браната Маркова река, во соработка со мене како градоначалник ќе се отвори и нова агро берза помеѓу селата Банско и Куклиш. Во рамките на општината  ќе се формира  тело за поддржка на земјоделието, ќе се направи систем на е-земјоделие, трибини и саеми за земјоделците. За поголем пласман на земјоделските производи ќе се отвори и современ градски пазар. Сите овие  мерки Струмица ќе ја направат број еден во земјоделието и пошироко од Mакедонија. Фактор: Во програмата наведувате подобрување на постојната и изградба на нова инфраструктура, на што конкретно мислите? Пишев: И во инфраструктурата ВМРО-ДПМНЕ инвестираше многу. По 20 години предизборни лажења од претходните влади, ВМРО-ДПМНЕ изгради нов магистрален пат Струмица – Радовиш. ВМРО-ДПМНЕ инвестираше и во патиштата Струмица – Валандово, Куклиш-Банско, Муртино – Свидовица, Водоча – Вељуса. Изгради  многу, но има уште толку да се сработи. Актуелно општинско раководство многу не е заинтересирано за подобрување на патна инфраструктура. Нивниот урбанизам смислено ги стеснува улиците, до неможност за проширување. Но тоа на 24-ти март нема да им го дозволат граѓаните на Струмица. Тие ќе гласаат мојата програма која нуди 3 нови булевари во Струмица, реконструкција на патниот правец до Добрејци, до Баница и Водоча, нови патни правци од Водоча до брана Водоча, нов патен правец до Сачево, нова инфраструктира до индостриските зони во Свидовица. Фактор: Со кои други, нови проекти ќе му се спротивставите на актуелниот градоначаник? Пишев: Мојата програма нуди конкретни 263 проекти. Кога велам конкретни мислам на проекти во кои има контретни рокови, конкретни суми и начини на финансирање. За голем број проеки има изработено 3Д визуелизација. Покрај проектите во земјоделиете, патната инфраструктура и стопанство кои ги споменав погоре Струмица ќе добие и нов народен театар, ќе доживее развој на културата со изградба на Спомен куќа на Гоце Арнаудов, спомен музеј на Гоце Делчев, клуб на уметници посветен  на Ристо Шишков. Ќе се направат нови училишта во Баница и Водача, ќе се направи нова противпожарна станици, градски читални и студентски дом, нови детски градинки и уште многу големи капитални проекти. Насeлените места ќе добија нови паркови и плоштади кои ќе ги направи поубава средина за живеење. Фактор: Како го оценувате текот на кампањата? Пишев: Во Струмица водиме модерна кампања – изненадување за сограѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е позната како партија која гради нови теркови како во политиката така и  кампањите за избори. Комбето во кое се вози мојот тим е препознатливо насекаде во градот, се одржуваат концерти со класична музика на многу локации во градот и населените места, имаме модерна програма како што граѓаните сакаат да видат, младински забави на кои се присутни сите млади без разлика на нивната политичка определби, сретнавме многу здруженија и сограѓани. И затоа очекуваме да победиме. Фактор:  Што би му порачале на Зоран Заев? Пишев: Да има доблест и да му каже народот како неговото семејство чијшто фирми ги добиват тендерите за снабдување на градинките на општината краделе струја, и да им објасни зошто не плаќале даноци. Народот  на 24 –ти нема повторно да го аболицира за гревовите што ги направил на Струмица.
Слично

Поврзани вести