ИНТЕРВЈУ ТУНЕВА: Потребно е новинарство ослободено од стегите на власта!
Ако се почитува саморегулацијата ќе се почитува и идејата да се излезе од ситуацијата во која медиумите се контролирани од власта и политичарите и ќе се влезе во ситуација во која тие ќе бидат контролирани од граѓанското општество. Секој треба да ја превземе својата одговорност. Новинарите и уредниците треба да им се вратат на стандардите на професионално известување. Тие не смеат да бидат заложници на нечии интереси. Одамна ни е потребно новинарство ослободено од стегите на власта, од стегите на бизнисот...Најголемата лојалност на новинарот е кон публиката, а тоа значи да се избегне компромитирање на спoсобнoста да се дејствува независно. Новинарите треба да ги критикуваат и препознаваат прашањата од интерес на публиката и да и овозможат на јавноста да го знае она што и е потребно за да носи зрели одлуки и ставови, а особено за време на изборите-вели во интервју за Фактор, Марина Тунева- извршен директор во Советот за етика во медиумите на Македонија.
Фактор: Колку медиуми ја потпишаа Повелбата за етичко известување за изборите и какви се состојбите во пракса?
Тунева: Повелбата за етичко известување за изборите досега е потпишана од 92 медиуми. За жал, тенденции на непрофесионално известување забележуваме и понатаму. Советот за етика во медиумите продолжи и во оваа фаза да добива жалби за медиумското известување, по повеќе основи, кои јасно укажуваат на прекршување на Повелбата, дури и од оние што застанаа зад овој документ. По само неколку дена од потпишувањето на Повелбата, Советот за етика мораше да се обрати до јавноста по повод некои случаи на непрофесионално известување во одредени медиуми. Притоа, новинарите и уредниците беа повикани да ги отстранат таквите практики во своите редакции и да се стремат кон професионално информирање и заштита на професијата преку исклучиво служење на интересот на јавноста.
Фактор: Изборите се нов предизвик за медиумите кој ќе ги стави на тест професионалноста и етичноста за објективно, точно, избалансирано и непристрасно известување на што и најголемиот дел се обврзаа. Но дали овие обврски и нивниот потпис за дел од нив се само декларативна заложба, во услови кога има краток рок до датумот за избори на 5 јуни, а неиспочитувани договори кои произлегоа од Пржинскиот договор, кои може да допринесат за засилен притисок во делот на известувањето во медиумите од страна на уредувачката политика?
Тунева: Токму поради таквиот ризик ја користиме секоја можност да потсетиме на големата улога и обврски на медиумите за професионално информирање и придонес во подобрување на состојбите во медиумската сфера. Ако се почитува саморегулацијата ќе се почитува и идејата да се излезе од ситуацијата во која медиумите се контролирани од власта и политичарите и ќе се влезе во ситуација во која тие ќе бидат контролирани од граѓанското општество. Медиумите се тие кои треба да имаат примарна улога во бранењето и следењето на професионалните стандарди. Оттука, постојано апелираме да се надмине тој отпор и да не се потценува моќта на моралните санкции во медиумите, кои самите по себе можеби и не се доволни за да се спречи политичкото влијание и притисок, но може да резултираат со значителни подобрувања во професионалното работење на медиумите. А тоа ќе упати и добра порака врз тие што се носители на притисокот и влијанието врз медиумите. Ние како СЕММ сакаме да го помогнеме тој процес и да бидеме точка каде што се вкрстуваат и отваруваат интересите на медиумите и граѓаните.
Фактор: Колку медиуми го прекршиле Кодексот за етичко известување и на што конкретно се однесуваат тие?
Тунева: Комисијата за жалби периодов работеше на над 20 жалби. Од нив, повеќето се однесуваат на неточно и нефер известување, клевета и нарушување на приватноста. А има и случај на дискриминација и говор на омраза. Новинарите честопати шпекулираат, не ги проверуваат информациите, не го назначуваат изворот на информации, не прават разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот и забораваат дека известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано, да не се дискриминира, како и дека мора да се обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти. Има и случај кога новинарите не се придржуваат до општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на разликите. Конкретните случаи од одлуките во целост можете да го видите на интернет страницата на СЕММ (www.semm.mk).
Фактор: Што треба да значи принципот за професионално известување и како да се реши проблемот со цензурата која се врши врз новинарите односно нивната работа?
Тунева: Само професионалниот пристап и транспарентното информирање е начин да се стекне и одржува довербата, а медиумите воопшто треба да сносат одговорност за своето известување и да бидат форум за јавна критика, лојалност и одѕив кон граѓаните. Постојат фундаментални принципи и стандарди во инфомирањето што е потребно да се почитуваат во секое време.
Новинарите и уредниците мора да водат грижа за принципите на вистинитост и објективност, за избалансираност во известувањето, за јасна динстинкција меѓу информациите и коментарите, за принципите на чесност и неутралност. Очекувавме да се почитува принципот за професионална солидарност, почитувајќи ја различноста на ставовите, а медиумите истовремено да не се пресметуваат меѓусебно. Потребно е да се почитува и принципот на уредувачката независност и професионалниот интегритет. Тоа подразбира и слобода во она што се работи, но и одговорност за сработеното, а посебно одговорност пред јавноста за пораките што се упатуваат кон неа и последиците од нив врз поширокото општествено опкружување. Во борбата со цензурата најмногу помага аргументираната, вистинита и сеопфатна новинарска сторија.
Фактор: Како ќе делувате во иднина, особено поради фактот што кус е рокот до изборите, но постои и отворена можност тие да не се случат во јуни, особено поради се погласната порака на меѓународната заедница дека поважен е квалитетот од датумот и има уште многу работа за спроведување на кредибилни избори?
Тунева: Ќе работиме на градење доверба и користење на сите наши расположливи механизми за афирмирање на саморегулацијата, разбирање и соработка од уредниците, новинарите и сопствениците на медиумите. Исто така, максимално ќе ја вклучуваме јавноста во нашето работење, особено преку нејзино мотивирање да доставува жалби за новинарското известување, бидејќи притисокот што ќе дојде оттаму го сметаме за ефективна алатка во спречувањето на лошите практики во медиумите. Мораме заеднички да го поставиме новинарството таму каде што припаѓа, а тоа не е производство на содржини, туку сервис за доследно, етичко и вистинито информирање на публиката.
С.Б.
Слично
