ИНТЕРВЈУ Цветков: Земјоделците не треба да бидат загрижени!
Исплатата на субвенциите за земјоделците ќе заврши до крајот на годинава, вели во интервју за Фактор, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Михаил Цветков. По влезот на новиот дополнителен- заменик министер Љупчо Николовски, земјоделците се заинтересирани каква е соработката на министерот и дополнителниот заменик- министер, дали тоа може да влијае врз политиките за земјоделство, пред се врз исплатата на субвенциите и распределбата на земјоделското земјиште.
„Го замолив новиот заменик-министер и неговиот тим кој што се состои од 6 советници по негов избор, да даде придонес со идеи и решенија кои би можело да се вградат во Програмата за 2016 година во Програмата за рурален развој и во ИПАРД Програмата, се со цел да се добие нивно подобрување и целосно искористување“, вели во интервјуото министерот Цветков.
Фактор: Добивте нов заменик-министер , каква е соработката и дали имате взамени консултации за одредени активности од интерес на земјоделците?
Цветков: Веднаш по изборот на дополнителниот заменик министер од страна на Собранието на Република Македонија имав средба со него која траеше околу еден час. На средбата во кратки црти му ги пренесов досегашните активности во земјоделството и плановите за наредниот период. Воедно, на оваа средба го замолив дополнителниот заменик да ја ставиме дневната политика настрана, имајќи предвид дека и двајцата потекнуваме од селска средина и дека ги знаеме нивните маки и колку тешко се заработуваат парите од земјоделството. Исто така, го замолив, неговиот тим кој што се состои од 6 советници по негов избор, да даде придонес со идеи и решенија кои би можело да се вградат во Програмата за 2016 година во Програмата за рурален развој и во ИПАРД Програмата, се со цел да се добие нивно подобрување и целосно искористување.
Фактор: Колку соработката со дополнителниот заменик-министер може да влијае врз одлуките и политиките за земјоделството?
Цветков: Доколку се конструктивни и предложи добри идеи и решенија кои се во интерес на земјоделството, секако дека ќе бидат прифатени. Впрочем, ова во министерството и досега е практика, односно при донесување на документи од значење за земјоделството секогаш се прават широки консултации со сите заинтересирани страни.
ОЧЕКУВАМ НИКОЛОВСКИ ДА ДАДЕ ПРЕДЛОЗИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА
Фактор: Дали досега добивте некои предлози поврзани со земјоделските политики од дополнителниот заменик-министер?
Цветков: За жал и покрај моите инсистирања, досега немам добиено ниту еден предлог поврзан со земјоделската политика од страна на дополнителниот заменик и неговиот тим, освен што од сите сектори во МЗШВ побара да му се дадат извештаи за нивното работење во изминатите 4 до 7 години. Согласно измените на Законот за Влада, дополнителниот заменик министер го има ова право, но со тоа ги ангажира вработените и нивното внимание и енергија ги насочува, не во правец на донесување на Програмите за следната година, туку во изготвувањето на извештаите. Со тоа, го блокира работењето на секторите во Министерството, бидејќи за да се одговори на овие барања, за некои информации ќе бидат потребни неколку месеци. На ова, од моја страна му беше укажано и му предложив, со оглед на тоа дека од Државниот Завод за ревизија веќе цела година работат на ревизијата на секторите, извештајот да му се достави на увид. И покрај овие укажувања, тој остана на своето барање.
Фактор: До каде е исплатата на субвенциите, дополнителниот заменик-министер ве обвини дека исплатата доцни и најави ревизија на досегашната исплата на субвенциите?
Цветков: Во повеќе наврати изјавив дека исплатата на субвенциите се извршува согласно Програмата за директни плаќања за 2015 година, каде што се предвидени 101 милион евра. До овој момент исплатени се 88 милиони евра за најразлични мерки. Во однос на изјавата на дополнителниот заменик министер сакам да појаснам дека по одредени мерки има задоцнување од еден месец, пред се во поледелството, бидејќи имавме продолжување на рокот за пријавување на субвенции и наместо до 31 мај, земјоделците барањата ги доставуваа до 30 јуни. Ова продолжување се должи на природните непогоди што се случија на почетокот на годинава, односно поради поплавите во тој период. Во тој правец сакам да кажам дека земјоделците не треба да бидат загрижени бидејќи средствата ќе им бидат исплатени до крајот на годинава, односно цениме дека Програмата ќе биде целосно реализирана.
ЏУМАЈЛИЈА ЌЕ ОДИ НА ЈАВЕН ОГЛАС
Фактор: Кога ќе биде изготвена Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2016 година и дали во новата Програма се планираат промени во однос на распределбата на субвенциите по гранки и какви?
Цветков: Предлог Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2016-та година е веќе изготвена и доставена до сите подсекторски групи во земјоделството на разгледување каде што членуваат претставници од земјоделските здруженија,од науката и од стопанските комори. Ги очекуваме нивните мислења и предлози кои ќе бидат разгледувани на јавна трибина која ќе се одржи најдоцна до 5-ти декември.
Фактор:Дали е познато кога ќе биде објавен новиот повик за распределба на земјоделско земјиште во Свети Николе, поточно за Џумајлија, со оглед на тоа дека на пртходниот оглас беше доделена само една географска целина?
Цветков: Во текот на идната недела ќе излезат три Јавни огласи на кои ќе бидат понудени околу 7.600 хектари земјоделско земјиште во државна сопственост. Бидејќи се нудат површини над 3 хектари, изборот ќе биде извршен по пат на електронско јавно наддавање. Во овие огласи ќе биде понудено и земјиштето од некогашниот комбинат Џумајлија кое на претходниот оглас не беше доделено.
Фактор:Тутунарите побраа откупот на тутун да почне порано, со образложение дека нема каде да го чуваат, има ли реални можности за тутунските компании да почнат порано со откуп?
Цветков: Ние како Министерство секако дека ќе им излеземе во пресрет на тутунарите за откупот на тутунот да започне порано, но за да се направи тоа треба да бидат подготвени и тутунарите и откупните компани. Согласно Законот за тутун, рокот за отпочнување на откупот на тутун е 15-ти декември, но доколку некој од откупувачите има обезбедено финансиски средства, согласно законот, ние ќе дозволиме да почне откупот. За да им се олесни на откупувачите да обезбедат финасиски средства за откуп на целокупните количества договорен тутун, Владата на РМ достави измени и дополнување на Законот за тутун, што е барање на откупувачите и на тутунските здруженија и со кое решение откупувачите ќе бидат ослободени од банкарските издатоци за обезбедување на финансиските средства.
Р.Ф
На следниот линк е вчерашното интервју со дополнителниот заменик министер за земјоделство:
ИНТЕРВЈУ Николовски: Власта манипулира со маката на земјоделците, на тоа ќе му ставам крај!
Слично
