Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Трајко Славески: Задолженоста од 40% не треба да се надминува!

ИНТЕРВЈУ Трајко Славески: Задолженоста од 40% не треба да се надминува!
Случувањата во Украина и на Блискиот Исток, но и можното отцепување на Шкотска од Велика Британија претставуваат ризици за светската економија, вели поранешниот министер за финансии Трајко Славески. „Долгот на централната влада, со последното задолжување преку издадената еврообврзница, го надмина нивото од 40 отсто. Лично мислам дека 40 отсто долг на централната влада би требала да биде границата што не треба значително да се надмине“, вели Славески за Фактор. Според него, иако со уставните измени се предвидува нивото на јавниот долг да не надминува 60%, сепак овој лимит не треба до крај да се троши - здраво е во  оваа рамка секогаш да има простор за евентуално зголемување на јавниот долг како резултат на вонредни ситуации – кризи, природни катастрофи и сл. Фактор: Се погласни се скептиците дека светот и посебно европската економија, каде гравитира 5о насто од македонскиот извозен потенцијал, влегува во нова криза. Постои ли опасност и од студената војна и колапс на малите економиии? Славески:  Ризиците за глобалната и за европската економија се сè понагласени. Доминира неизвесноста од интензивирањето на конфликтот на Блискиот Исток, состојбата во Украина, а деновиве се особено актуелни последиците од евентуалната сецесија на Шкотска од Обединетото Кралство. Во минатиот понеделник, ОЕЦД ги ревидираше надолу своите прогнози за растот за 2014 година за сите големи економии, освен Индија. Најновата оценка за еврозоната е економски раст од само 0,8 отсто, што е блиску до стагнација. Ретко кој може да го предвиди исходот од големата геополитичка игра НАТО-Русија, преку Украина. Ескалацијата на меѓусебните санкции му штети на процесот на глобализација и го јакне изолационизмот. Ова не е од полза за малите економии. Малите и отворени економии ќе ги почуствуваат евентуалните негативни шокови, но токму флексибилноста што произлегува од малиот обем може да се искорити за побезболно абсорбирање на тие надворешни шокови. Фактор: Како го оценувате  континуираното задолжување на државата.  Владата  ги објавува своите долгувања. Но нема спецификација на долговите на јавните претпријатија, општините... Критичарите и дел од економските експерти предупредуваат  дека тој е поголем од 50 порценти од БДП. Влегува ли Македонија во должнички амбис, која е оптималната граница на задолженост на државата? Славески: Педантните аналитичари ги имаат на располагање сите неопходни податоци за да ја согледаат состојбата со јавниот долг. Долговите на општините, јавните претпријатија, гаранциите издадени за долгот на претпријатија во државна сопственост (како, на пр., ЕЛЕМ), Агенцијата за патишта и сл. се јавно достапни информации. Износот на долгот на последниве е релативно мал во споредба со долгот на централната влада, кој најчесто се користи за презентација на задолженоста на државата, дома и надвор. Факт е дека долгот на централната влада во последниве неколку години има тенденција на пораст, што одговара на реализираните дефицити во централниот буџет, кои е неопходно да се финансираат. Долгот на централната влада, со последното задолжување преку издадената еврообврзница, го надмина нивото од 40 отсто. Лично мислам дека 40 отсто долг на централната влада би требала да биде границата што не треба значително да се надмине. Во наредната година можно е намалување на ова ниво под 40 отсто заради претстојните отплати на доспеани долгови. Фактор: Колку овој модел на риволвинг-задолжувања, директно кај кредиторите или преку издавање на обврзницата, влијае врз поттикнување на економскиот развој? Славески: Емитирањето на долг во форма на хартии од вредност е редовна практика на сите современи влади во светот. Пазарот на долгорочни вредносни хартии си има свое место и улога во економијата на земјата. Што се однесува до настапот на Република Македонија на меѓународните финансиски пазари, тој е спорадичен и не мнјогу интересен за инвеститорите, освен во одредени периоди, како што беше случајот со третата еврообврзница кога светот „плива“ во ликвидност и стануваат интересни и нашите обврзници заради релативно високиот принос во споредба со тој што го нудат другите земји. Што се однесува до ефектите од задолжувањето врз економскиот развој, важи правилото дека е многу битна намената на средствата. Сето она што се вложува во подигање на долгорочниот производствен потенцијал на земјата (инфраструктура, комуникации, образование и сл.) има мултиплицирачки позитивни ефекти врз БДП ефекти не само на долг, туку и на караток и среден рок. Фактор: Има ли  Македонија фискален капацитет и фискална издржливост за потребите на социјалните фондови за да продолжи со непродуктивни трошења  ако се земат во превид податоците дека во првиот квартал од годинава во однос на последниот квартал од лани, бруто-надворешниот долг на Македoнија се зголемил за 407 милиони евра? Славески: Мислам дека Владата треба да посвети поголемо внимание во оценката на одржливоста во финансирањето на социјалните фондови, особено системот на пензиско-инвалидското осигурување. Таму трансферите од централниот буџет, поради растечкиот недостиг на средства, се во постојан пораст. Проблемот не се решава со последната законска измена за продолжување на старосната граница за пензионирање за лицата кои сакаат подолго да останат на работа. Потребно е подлабоко преиспитување на досегашните реформи, вклучително и воведувањето на вториот столб, т.е. задолжителното приватно пензиско осигурување, по примерот на повеќето земји што своевремено ја направија оваа реформа. Се разбира, секое непродуктивно трошење во услови на економска криза претставува луксуз. Фактор: Со уставните измени се предвидва  нивото на Јавниот да не смее да ја премине границата од   60 проценти  од БДП и на буџетскиот дефицит до 3 проценти од БДП. Дали уставниот цензус значи и горна граница на издржливоста на македонската економија да создава новосоздадена вредност за да враќа и  кој ќе се справи  оставениот, наследениот, долг за идните генерации ? Славески:  Границата од 6о отсто е стандард за земјите од ЕУ, воспоставен кон крајот на 90-тите години од минатиот век. Со уставниот амандман Владата смета дека 60 отсто треба да претставува горната граница на јавен долг во република Македонија. Најпрво, треба прецизно да се определи точната дефиниција за опфатот на категоријата „јавен долг“, за да нема недоразбирања. Здраво е во  оваа рамка, т.е. граница, секогаш да има простор за евентуално зголемување на јавниот долг како резултат на вонредни ситуации – кризи, природни катастрофи и сл. Неприфатливо е просторот за задолжување да се искористи во услови на непостоење на некој посилен неповолен шок, било да е внатрешен или надворешен. Инаку, долгот претставуава и интергенерациско прашање. Обврска е на тековната генерација да има сериозно оправдување за секоја единица долг пред генерациите кои следат. Долгот што се остава во наследство е оправдан единствено доколку бил неопходен за зголемување на благосостојбата на идните генерации! Фактор: Дали меѓународните финансиски зони се неопходни. Има ли кадровски ресурси за нивно сервисирање, ќе биде ли загорзен домашниот банкарски истем, дали е тоа софистицирана варијанта за амнестија  на капиталот за посттранзициското и криминално стекнато богатство во Македонија? Славески: Оправдан е интересот во јавноста за идејата за создавање правна рамка за основање меѓународна финансиска зона. Во идеални околности, идејата е благородна. Замислете простор од околу 50-тина хектари, кој во моментов не продуцира никаква економска вредност, одеднаш да започне да зрачи со економски придобивки, како, на пр., ангажирање на локална работна сила со различни квалификации, од мануелни до најсофистицирани; зголемена побарувачка за домашни производи и услуги и сл., а сето тоа да не продуцира негативни ефекти за домицилната земја, во смисла на обезбедување уточиште за „валкани“ пари (перење на пари), избегнување на даноци, нечесна конкуренција кон домашните економски субјекти и сл. Мислам дека токму во оваа насока се движи владиниот предлог во уставниот амандман. Но, убеден сум дека патот „одовде до таму“ не е воопшто едноставен. Неопходни се огромни инвестиции во физичка, комуникациска и правна инфраструктура пред да се поканат заинтересираните меѓународни субјекти да пренесат дел од своите операции во зоната. Немаме изградено инфраструктура и имиџ на регионално, а уште помалку светско, собиралиште на бизниси, вклучително и такви од областа на финансиите, што ќе понуди услови и целосен амбиент за работа и живот на заинтересирани странски компании. Фактор: Анализата на податоците покажува дека 30% од најсиромашното население во Македонија годишно располага со 6 илјади евра, додека пак 30% од најбогатото население во земајва има годишен поединичен приход од 30 700 евра. На што се должи  постојаното социјално раслојување на општеството каде богатството се концентрира кај се помал процент на населението, на сметка на масовното осиромашување, особено на т.н. средна класа? Славески: Повозрасните граѓани помнат дека за социјално раслојување кај нас се дебатираше и во времето на социјализмот, особено откако земјата достигна дадено ниво на развиеност, поврзано со можноста да се задоволат основните потреби на најголемиот дел од населението. Социјалната нееднаквост се зголемува со ширењето на просторот за пазарни решенија во повеќе сфери на економскиот и социјалниот живот. Ширењето на нееднаквоста како социјално и политичко прашање е на врвот на агендата на повеќето земји во светот. За жал, ниту постојат едноставни објаснувања за причините, ниту пак рецепти за смалување на нееднаквоста. Во нашиот случај проблемот се усложнува заради промената на општествено-економскиот систем што се случи пред дваесетина години и ефектите од болната транзиција. Делумно, социјалните разлики се прошируваат и заради одделни решенија во даночниот систем (на пр., рамниот данок, даночниот третман на наследство и подароци и сл.) за кои се оценило на политички план дека се неопходни во оваа фаза на развојот заради поттикнување на претприемништвото и намалување на невработеноста. Фактор:Колку е стабилен банкарскиот систем со оглед на растечкото ниво на лошите пласмани? Славески: Централната банка е институцијата која врши супервизија на банкарскиот сектор и оттаму не убедуваат дека тој е стабилен. Лично имам доверба во оценките на НБРМ, знаејќи, покрај ова, дека повеќето релевантни банки кај нас (тие што се од системско значење) имаат конзервативен пристап при одобрувањето кредити. Сепак, треба да се прифатат препораките на одделни светски познати економисти за потребата од зголемување на акционерскиот капитал на банките како инхерентно нестабилни институции, заради поголема безбедност и отпорност на финансиски турбуленции. Фактор: Дали на Македонија и се случува економски  неоколонијализам. Од една страна се отвораат нови компании во економските зони, со привелигирани статуси, од друга пак сме сведоци на обезвреднување на работниот труд? Зошто не се планираат аутсорсинг бизниси кои ангажираат поквалификувана и обрзовна и далеку поплатена работна сила? Славески: Со влезот на странски компании, меѓу другото, се зголемува можноста за вработување и изборот на работни места на квалификуваната работна сила. Никој не може да го обезвредни трудот на луѓето како што тоа може да го направи отсуството на работни места и можноста за избор. Состојбата на македонскиот пазар на труд е комплексна. Многу работодавачи се жалат дека не можат да обезбедат квалификувани работници. Доколку се навистина сериозни во бизнисот, сигурно ќе понудат и повисоки плати за квалитетните работници. Зголемената побарувачка за труд има тенденција да го подигне општото ниво на плати, процес кој е виден во сите земји кои во одделни фази од својот развој неминовно се потпирале на ниска цена на трудот за да привлечат инвеститори од надвор, во отсуство на домашен капацитет на решавање на проблемот со невработеност. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести