Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ ТРАЈАН ГОЦЕВСКИ: Политичката криза го загрозува унитарниот карактер на Македонија!

ИНТЕРВЈУ ТРАЈАН ГОЦЕВСКИ: Политичката криза го загрозува унитарниот карактер на Македонија!

Македонија се соочува со најдлабоката криза од нејзиното осамостојување. Актуелната состојба ги загрозува темелите на државата како што се унитарниот карактер, стабилноста на политичкиот систем, евроатланските интеграции, меѓуетничките односи, безбедносниот систем, правосудниот систем, медиумите, образованието“,  вели Трајан Гоцевски , првиот министер за добрана на Македонија.

Според него, неопходни се брзи и ефикасни, а  не краткорочни и парцијални решенија, додавајќи дека промените треба да почнат од модернизацијата на политичките партии, воведување на системот на владеење на правото, демократизацијата на општеството, афирмација и почитување на уставните вредност, поделбата на власта, независно судство, слобода на изразување.

Гоцевски си спомнува за деновите кога се носела одлуката за раздружување од Југославија.

„Понекогаш имаше влечење на потези од страна на наши луѓе  кои не беа координирани  и можеа да и наштетат на идејата за прогласување на Македонија за независна и суверена држава. Трансформацијата на општествениот капитал во приватен, растурањето на економската база на државата без строги законски одредби и јасни услови и обврски и осиромашување  на нашите граѓаните е првата покрупна грешка на независна Македонија. На политички план наместо плурализам, демократија слободно мислење се воведе целосната партизација на процесите во општеството и на институциите.  Непочитувањето на принципот на поделбата на власта, кочењето на процесите на демократизација на општеството, монополизација на медиумскиот простор од страна на новосоздадени моќници едновремено и политички фугури кои си го штитат капиталот а не јавниот интерес, објаснува проф. Гоцевски чие име се спoмeнува  како можен ректор на новиот    универзитет Дамјан Груев 

Поранешниот декан на Филозофскиот факултет оценува дека клучот на внатрешната стабилност на Македонија се добрите меѓуетнички односи, тоа политичките актери  мора да го разберат сериозно, во спротивно стабилноста на нашата  држава постојано ќе биде на испит“, порачува  првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски со кого го завршуваме серијалот интервју по повод 25  самостојност.   

Разговараше Горазд ЧОМОВСКИ

Фактор: Деновиве го одбележуваме 25 годишниот јубилеј од прогласувањето на независноста на Македонија. Од оваа временска дистанца како го оценувате овој период од четврт век  самостојоност ?

Гоцевски: Генерацијата од деведесетите години по распадот на Југославија успеа да прогласи независна македонска држава. Тој период не беше ниту краток, ниту безбеден, ниту мазен како што некои денеска тоа го претставуваат.

Напротив,  тоа беше еден бурен, ризичен,непрдвидлив, динамичен, период со провокации, закани, трупање на војски на нашите граници, обиди за повторни делби, обиди за втурнување на Македонија во војна преку отварањето на т.н. јужен фронт обиди земјата  да се втурне во меѓуетнички конфликт  и сл.

Тој период траеше долго  и може со сигурност да се каже дека беше толку динамичен што не се знаеше ниту кога е ден ниту кога е ноќ, ниту дали преговарате или сте затворени некаде без можност за пристап на некој до вас или ваш пристап до некого.

Понекогаш имаше влечење на потези од страна на наши луѓе  кои не беа координирани  и можеа да и наштетат на идејата за прогласување на Македонија за независна и суверена држава. Имаше притисоци и закани и од страна на сојузните институции да ја напуштиме таа идеја и да останеме во некоја скратена федерација во која македонскиот народ по не знам кој пат пак би бил подреден и се разбира без своја независна држава.

Од денешен агол на гледање тој период до прогласувањето на нашата независност со сигурност може да се подели на 6 етапи

Првата беше од неуспешниот 14 ти вонреден Конгрес на СКЈ, преговорите за некаво ново преуредување на Југославија кои завршија на 14 март 1991 се разбира неуспешно, повеќепартиските избори кои се случија 1990 година  во Македонија  а потоа почна војната во Југославија

Втората фаза го опфаќа периодот од 14 март до последната седница на новиот формат на преговори кој го сочинуваа претседателите на републиките  но  тој формат не даде резултати.

Третата фаза започна по 6 јуни 1991 кога пропадна последната седница на претседателите на републиките. кога македонското раководство и македонската влада одлучија да се оди на референдум кој се случи на 8 септември. Има уште еден настан кој е многу значаен за нас а тоа е донесувањето на Декларацијата за сувереност на Република Македонија во  јануари 1991 година за која малку се знае дека по нејзиното донесување се направија многу притисоци од страна на претседателството на СФРЈ и останатите сојузни институции за нејзино дерогирање, а се покрена и иницијатива за нејзино укинување од страна на Уставниот суд на тогашна Југославија значи немаше расположение Македонија да прогласи независност.

Четвртата фаза го опфаќа периодот по референдумот во неа следуваше донесувањето на новиот Устав...на 17 ноември со кој де факт Македонија се коституира како независна држава. Пристигна и предупредувањето на Лорд Овен кој беше преговарач за тогашна Југославија во кое тој имплицитно ни стави до знаење дека нема независна држава без обезбедени и признаени граници и без сопствена армија које ќе биде гарант на независноста и територијалниот интегритет на државата.

Петата фаза беше решавање на таа непријатна положба прогласена независна држава со туѓа војска на нејзината територија почнаа  преговри за исселување на ЈНА и  формирањето на сопствена армија  како гарант на нашата независност

Шестата фаза е битката за меѓународно признавање на Република  Македонија како независна држава и нејзиното зачленување во ОН  и другите меѓународни асоцијации

Најзагонтни беа игрите околу можната поделба на Македонија, договорот помеѓу Милошевиќ и Туџман за Македонија во кој тој го ,,овластува“ Милошевиќ заедно со Грција да ја подели  Македонија а за возврат да добие подржка за прогласување на Хрватска за независна држава и остварување на неговите интереси во Херцеговина. Потоа следуваше иницијативата на Грција и Србија за  одржување на конференција за Македонија ама за нејзина поделба, уцените за одлагање на прогласувањето на независноста.

Фактор:Со оглед на огромното значење на тој чин на прогласување  на македонската независноста, дали со такво достоинство и го одбележуваме тој настан?

Гоцевски: Ако се има предвид дека и денеска не заврши нашата голгота на патот на евроатланските интеграции, не заврши битката за нашето уставно  име, битката за афтокефалноста за нашата црква, битката за јазикот културата нацијата, тогаш одбележувањето требаше да биде позабележително, помасовно. Но ако се има во вид економската и политичката криза во која западна нашата земја можеби ќе се најде оправдување за овој концепт на одбележување иако кога се работи за државата тоа нема цена. Исто така неприфатлива е одлуката без разлика од кој орган или носител на државна функција да е донесена пратениците од првиот парламентарен состав и министрите од првата Влада на независна Македонија кои ги носеа клучните одлуки во тој период  да не бидат поканувани на централната свеченост  тоа се случува постојано. Тоа е  некоректно и неприфатливо  за континуитетот во нашата држава.

Фактор:  Што може да се издвои како особено постигнување  со чинот на прогласување на Македонија како независна држава?

Гоцевски: Постигнавме многу, добивме независна држава дали има поголемо и подоблесно постигање за еден народ кој со векови се борел да создаде своја држава да ја оствари таа своја цел тој вековен идеал секако дека нема, воведовме нов политички систем кој се темели на повеќепартискиот систем и системот на парламентарна демократија

Воведовме нов економски систем кој се потпира врз функционалана пазарна економија, пазарната логика и пазарните законитости.

Воведовме систем на високи стандарди на човекови права и слободи слобода на изразувањето, слобода на печатот.

Формиравме одбранбен систем и своја армија...која дотогаш ја немавме воведовме своја национална валута ги формиравме сите државни институции кои се својствени за сите демократски и современи држави го промовиравме граѓанскиот концепт на уредување на општеството и многу други нешета го воведовме системот за поделба на власта   на законодавна извршна и судска која е основа за стабилно функционирање на секоја демократска држава, го воведовме принципот на владеење на правото тоа можеше да го имаме само како независна и суверена држава и тоа нема цена.

Фактор: значи ли тоа дека направивме и многу грешки во овој 25 годишен развој на македонското општество и држава ?                               

Гоцевски: Имаме многу направено но имаме и многу погрешено без разлика дали само ние сме виновни за тоа или објективните услови тоа  го диктирале. За потемелни оценки на некои процеси кои ни се случуваа во државата е потребна нужната временска дистанца, но сепак  дел од грешките се поврзани со следните процеси:

На економски план трансформацијата на општествениот капитал во приватен, растурањето на економската база на државата без строги законски одредби и јасни услови и обврски и осиромашување  на нашите граѓаните е првата покрупна грешка на независна Македонија.

На политички план наместо плурализам, демократија слободно мислење се воведе целосната партизација на процесите во општеството и на институциите се разбира.  Формирањето на еднонационални политички партии во мултиетничко општество се исто така погрешни приматот на извршната власт над законодавната и судската, непочитувањето на принципот на поделбата на власта, кочењето на процесите на демократизација на општеството, монополизација на медиумскиот простор од страна на новосоздадени моќници едновремено и политички фугури кои си го штитат капиталот а не јавниот интерес

Непреземање мерки за спречување на исселувањето на младата популација од Македонија, злоупотребата на безбедносниот систем во разни афери и политички пресметки. Ова се само дел од  процеси кои се извори а не сакам ниту да помислам како ќе се одвиваат работите во иднина доколку тие процеси не се запрат.

Фактор: Спомнавте дека во разните кризи кои ги имавме во минатото  како по правило се злупотребува безбедносниот систем на државата...вие од првите денови на независноста  учествувавте во неговото креирање особе нио што додека Вие бевте министер  беше формиран системот на одбраната и АРМ. Можете ли да дадете оценка како се одвиваше тоа и каде е сега системот за безбедност на р.македонија ?

Гоцевски: Македонија како и во сите други области и во безбедноста започна процес на формирање на безбедносна заедница според моделите на сите модерни европски држави. Се постави прашањето за тренсформација на некои безбедносни структури како што беа: државната безбедност, територијалната одбрана, цивилната одбрана . Се пристапи кон моделирање на интегриран систем за национална безбедност на Македонија како независна држава. За жал тој процес не е завршен и денеска за тоа пред се нема политичка воља со изговор дека би се создал нов центар на моќ во државата што не е вистина.

Сепак Македонија денес има современ безбедносен систем оспособен да одговори и на најсложени безбедносни ризици и предизвици кои би се појавиле во државата, тоа се покажа досега во десетици случаи.

АРМ се покажа како достоинствен партнер на сите армии во меѓународните мисии за што Македонија стана земја за почит...тоа го подобри нашиот углед кај земјите членки на нато и на ЕУ.

Армијата и полицијата се покажаа на највисоко ниво во сите елементарни и други непогоди , се покажаа достоинствени во заштитата на нашите државни граници од 1990 година до  денеска .

Но има неколку клучни работи кои мора да ги направиме брзо и ефикасно со цел да ја одржиме кондицијата на нашиот безбедносен систем како целина

Прво,  дозакрожување на започнатите реформи и создавање на услови за функционирање на нашиот безбедносен систем како интегриран систем за национална безбедност на државата тоа подразбира обединување на безбеднсоната заедница во една целина.

Второ , да се напушти практиката во секоја политичка криза да се инволвира безбедносниот систем и тој од тие кризи да излегува ранет понеефикасен разединет поделен тоа е недопустливо .

Потоа  реафирмирање на системот на цивилна одбрана во рамките на министерстввото за одбрана. Сегашните решенија не го положуваат испитот на ефикасност во услови на кризи и елементарни непогоди и други безбедносни ризици со кои се соочуваме речиси секоја година. Неопходно е стабилно и по обем доволно финансирање на сите сегменти на безбедносниот систем без исклучок и без одлагање особено на АРМ   МВР Тоа подразбира и модернизација и технолошко унапредување на нивните системи .

Фактор: Споменувате многу безбедносни ризици со кои се соочувавме во изминатите 25 години. Сепак преовладува мислењето дека конфликтот од 2001 година е најризичен за нашата држава. Во тоа време вие бевте член на Советот за безбедност на Македонија. Дали можевме да го одбегнеме тој конфликт ?

Гоцевски: 2001 година е една од најтрагичните за новата македонска држава,  имавме внатрешен конфликт кој не успеавме да го совладаме навреме па тој прерасна во вооружен конфликт, па доби меѓуетнички предзнак, па ја инволвира меѓународната заедница .доведе до редефинирање на уставното уредување...

Најнегативно од се е губењето на човечки животи што неможе да се оправда со никакви образложенија

На Македонија во тој период и недостасуваа добри и афторитетни аналитичари и  политичари кои заедно можеа да ја предвидат и да ја превенираат кризата во 2001 година...

Сплет на геополитички односи, регионални случувања, безбедносни етаблирања, економски интереси, интереси за големодржавни проекти и сл. се само дел од причините кои ја доведоа Македонија на работ  од граѓанска војна. Тоа некој го посакуваше и во почетокот на 1992 година, но тогаш успеавме да го превенираме тој конфликт и ние во такви турболентни периоди и недефинирани односи во регионот не дозволивме да има внатрешен конфликт и уште помалку тој да биде на меѓуетничка основа. Клучот на внатрешната стабилност на Македонија се добрите меѓуетнички односи тоа политичките актери  мора да го разберат сериозно , во спротивно стабилноста на нашата  држава постојано ќе биде на испит.

Фактор: По прогласувањето на независноста  како две наши стратешки  цели беа определени -членството во НАТО и ЕУ . Како ја оценувате нашата сегашна позиција на тој пат ?                        

Гоцевски: Иако не сакав  да  зборувам многу на таа тема сепак еве неколку констатации.  Сметам  дека Македонија ги исполни сите критериуми кои беа побарани од нас за прием во НАТО. Во однос на ЕУ ,  исполнивме се што беше побарано од нас, се разбира со одредени забелешки. Добивме препораката за почеток на преговорите , но до денеска нашиот статус  е  ист па би можело да се заклучи дека тој е и влошен.

Заложници на минатото, повторно го плаќаме данокот на делбите на Балканот.       Можеби еден ден и ЕУ и НАТО  ќе се срамат за своите постапки и за постапките на некои нивни членки..  Сега ние го плаќаме цехот на таа нерационална политика особено на нашите соседи.

Фактор: Одбележувањето на 25 години независна  се одвива  под превезот на длабоката политичка криза која трае речиси две  години. Дали таа удира и врз  темелите на државата

Гоцевски: Македонија како држава во изминатите години помина четири сложени кризи  ја доживува или преживува петтата...а ако се има во земе во предвид  и бегалската криза која некои ја најавуваат повторно  таа би била шеста сериозна криза за македонската држава во овие 25 години независност.

Денешната политичка криза е најсложена, најслоевита, непредвидлива со голема поделеност помеѓу граѓаните по разни основи со голема инволвираност на странски фактор во решевањето на кризата и со злоупотреба на безбеднсониот систем во таа криза...

Точна ви е констатацијата дека сегашната криза ги потресува и самите темели на државата како што се унитарниот карактер, стабилноста на политичкиот систем, евроатланските интеграции, меѓуетничките односи, безбедносниот систем, правосудниот систем, медиумите, образованието..

Поради  ваквата слика на полоитичката сцена   неопходни  се брзи и ефикасни а не краткорочни и парцијални решенија

Промените треба да почнат од модернизацијата на политичките партии, воведување на системот на владеење на правото за сите

демократизацијата на општеството, афирмација и почитување на уставните вредност, поделбата на власта, независно судство, слобода на изразување и сл.

Ако тоа не се разбере тогаш не сме ја разбрале суштината на оваа криза и тоа и понатаму ќе не води во погрешна насока.

Фактор:Какви се нашите перспективи како на држава на овој балкански простор?                        

Гоцевски:  Македонија како држава на овој балкански простор  мора да има перспективи и ако нема  треба да ги создадеме ние другите  нема да ни создаваат перспективи но ќе си ги остваруваат своите интереси.

Македонија како модерна европска држава и како економски просперитетна држава не е потребна само на македонските граѓани,  таа е потребна на Балканот, таа е потребна  на  ЕУ и на Европа како целина.

Неслучајно многу угледни политичари констатирале дека безбедноста на целиот регион зависи од Македонија од нејзината стабикност економска развиеност и просперитет. Таа е клучот за стабилноста на односите во регионот. Затоа македонија мора да успее но за тоа не е доволно само декларативно да се произнесуваме а уште полошо е да чекаме друг тоа да го направи наместо нас  секој граѓанин...секој поединец...секој уметник ... научник ...работник. Крајно време е   политичките елити да ги стават државните интереси пред сите други интереси

Ако тоа го направиме целта ќе биде постигната ако чекаме друг тоа да го направи за нас тогаш неизвесноста е голема. Потребно ни е целосно национално обединување стратешките прашања  и се  надевам дека ќе  наскоро ќе  станеме економски просперитетна и  модерна држава, членка на НАТО  и ЕУ.

Читајте уште

ИНТЕРВЈУ ПОПОСКИ: Созреавме како нација, но научивме и некои лекции од минатото!

ИНТЕРВЈУ МАЛЕСКИ: Оддалечувањето од НАТО и ЕУ е наш најголем неуспех!

ИНТЕРВЈУ ВЕЛИНОВСКА: Македонија е далеку од суверена држава, а за независна не правиме муабет!

Слично

Поврзани вести