ИНТЕРВЈУ ТАРАВАРИ: Ревизијата ќе покаже каде и дали треба да се гради клинички центар!
Повеќе од половина од буџетот на министерството за здравство е потрошен, а
најдлабокиот рез е во купување медицинска опрема и машини. Долговите се
огромни, кадарот партизиран, затекнавме
лоша состојба во здравството- вели за Фактор, министерот за здравство Арбен
Таравари. Познатиот невролог кој доаѓа од Скопска неврологија кратко откако
седна на министерското столче најави низа реформи кои отворија горливи рани што
со години го мачат македонскиот здравствен систем.
Првично најави дека ќе се укине плаќањето по учинок, економските директори на клиниките ќе бидат назначени за шефови на администрaција, а ќе работи на подобрување на проектот „Мој термин“. Најдобрите лекари од одредена клиника или болница вети дека ќе се мотивираат со зголемување на платите, а ќе се укинуваат казните кои во минатата влада беа меч кој им стоеше над главите на лекарите.
Новиот министер рече дека ќе се изготви и Национална стратегија која според него ќе биде Устав во здравствениот систем. Познатиот невролог и генерален секретар на Алијансата за Албанците е ново лице на политичката сцена, а во јавноста беше познат како голем критичар на претходните здравствени политики а беше во првите редови во штрајкот на лекарите во 2012 година кога околу 1.500 лекари-специјалисти протестираа против проектот плаќање по успешност.
Фактор:Со кои предизвици се соочивте во првите неколку недели на новата позиција, каква состојба затекнавте во здравството?
Таравари: Со предизвици се соочувам уште од првиот ден, но заедно со мојот тим макотрпно работиме на системски решенија за нивно што побрзо надминување. Јавноста е веќе запознаена со стопирањето на одлуката на претходниот министер за поскапување на лековите. Јас како министер веднаш интервенирав оваа одлука да се поништи и да не уди по џебот на гражаните. Исто така, Буџетот на МЗ е повеќе од половина потрошен, а запознени сте и со долговите на клинички центар кон Водовод. Во секој случај, наша цел е да ги надминеме овие проблеми и конечно да придонесеме кон позитивен развој во јавното здравство.
Фактор: Бидејќи доаѓате од фелата, може ли да се очекува побрзо детектирање и решавање на проблемите бидејќи сега со Вас средби бараат повеќе здруженија и организации кои во минатото имаа проблеми со терапијата, снабдување со лекови?
Таравари: Во изминатите три недели имав чест и задоволство да се сретнам со речиси сите здруженија и организации и заедно да ги продискутираме нивните проблеми, но и да најдеме заеднички решенија и да помогнеме, колку што можеме, како Министерство за здравство.
Фактор: Изградбата на Клинички центар отвори сомнеж за тендерската постапка на еден од најкрупните проекти во здравството. Екс министерот Тодоров тврдеше дека се е регуларно во постапката, но во јавноста остана отворено прашањето дали овој проект целосно ќе се реализира и дали е транспарентно отпочнат?
Таравари: Во моментов се прави внатрешна ревизија на тендерската постапка, пoтоа следува надворешна ревизија и штом ќе ги имаме резултатите од двете, ќе донесеме конкретна одлука на ова прашање и јавноста ќе биде навремено информирана. Има недостатоци, сега разговараме со финансиерот Светска Банка за релокација на клиничкиот центар, некаде во периферија. Ни треба трајно решение. Бидејќи сега не станува збор за клинички центар, туку за интерни клиники. Треба да поминеме со што помалку штети од проблемите што ги правеше претходната власт.
Фактор:Проектот “Мој термин” имаше сериозни забелешки во делот на приоритетните упати и начинот на реализирање на прегледите. Како ќе се модифицира или регулира ова прашање и како се покажа истото со сите аномалии и слабости?
Таравари: Секојдневно сум во контакт со тимот на МојТермин, и во моментов работиме на финализирање на неколку измени предложени од докторите и од пациентите, на пример зголемување на времето за преглед на пациентите е само една од промените што ќе бидат имплементирани во овој проект.
Фактор: Иако минатата власт неколку пати најавуваше проширување на листата на позитивни лекови во пракса граѓаните се жалеа дека лекови нема. Има ли реално недостаток на лекови?
Таравари: Во МЗ е формирана работна група од екперти во оваа област и искрено се надевам наскоро ќе можеме да излеземе со конкретни предлози и чекори за проширување на Листата.
Фактор: Колкави долгови затенавте и каде е резот најдлабок, особено со долговите на дел од Клиниките?
Таравари: Како што веќе напоменав, повеќе од половина од буџетот на МЗ е потрошен, а најдлабокиот рез е во купување медицинска опрема и машини.
Фактор: Еден од главните проблеми кој се уште има сериозно влијание во ресорот здравство е одливот на лекари и дравствени работници. Подобри услови за работа и повисоки плати се мотивација плус иднината да ја градат надвор и своето знаење да го искористуваат странските здравствени центри. Што ќе се прави на овој план?
Таравари: Мојот фокус е јавното здравство. Свесен сум за условите за работа и заедно со мојот тим работиме на стратегија за мотивирање на докторите и воопшто на здравствени работници, главно преку подобрување на условите за работа и овозможување напредок во професијата.
Фактор: Како и со која динамика ќе се реализираат ветувањата за повисоки плати и враќање на довербата кон лекарската фела?
Таравари: Во секојдневна комуникација сум со Лекарската комора и останатите стручни здруженија и заедничи се обидуваме да го вратиме достоинството на лекарите и воопшто на системот на јавно здравство.
С.Б.