Интервју Тања Каракамишева-Јовановска: СДСМ политиката ја сфаќа како детска игра!
Дали политичката криза може да се надмине со формирање техничка Влада, кој ќе биде одговорен за суспендирањето на парламентарната демократија, како да се отстрани внатрешната самоблокада на евроатланскиот пат? Идентични и спротивставени оценки од интервјуираните професори по Уставно право и Политички систем – Светомир Шкариќ, Гордана Силјановска, Осман Кадриу и Тања Каракамишева-Јовановска. Но тие имаат и различни сугестии за надминување на постизборната криза.
Има само едно нормално и логично сценарио за излез од ваквата состојба, кое има уставна и законска поткрепа. А тоа е да се продолжи со нормалниот тек на демократскиот живот во земјата, да се работи на максимално изолирање на обидите за политичка дестабилизација на земјата, вели Каракамишева-Јовановска во интервјуто. Таа, за разлика од другите соговорници на Фактор смета дека клучниот и единствениот проблем е во опозицијата.
Фактор: Колку Собранието на РМ ефективно ќе може да работи по депонирањето на оставките на опозицијата?
Каракамишева-Јовановска: Ефективноста на работата на Собранието, како и неговата функционалност зависи од активизмот и од однесувањето на сите пратеници кои одлучија да ја почитуваат волјата на граѓаните да бидат нивни претставници во претставничкиот дом на земјата. Притоа е јасно дека никого не можете на сила да натерате да влезе во Собранието и согласно етичките, демократските и политичките норми и правила на однесување да застапува интереси на сопствениот дел од електоратот во институцијата.
Она што СДСМ се обиде да го исценира како насилно верификување на мандатите на нивните пратеници, како и неразумната правна битка која се обидоа институционално да ја тераат спротивно на сите постојни правни правила во земјата, беше очајнички обид да се извлечат од погубното политичко сценарио кои самите го подготвија, а чии што последици ќе ги трпат не само раководните структури и членството на СДСМ, туку и сите граѓани на РМ.
Мислам дека избраната стратегија со која оваа партија сака да дојде на власт по секоја цена, и нејзините деструктивни елементи на неприфаќање на изборните резултати, враќањето на мандатите, семожните критики против сопствените институции, против сопствениот народ, против државата генерално, понизното повикување на странскиот фактор во земјава за тие да им го одработат сценариото на доаѓање на власт преку мала врата, е политичко зло, опасна форма на рак која има тенденција на брзи метастази во системот, кои мора итно да бидат изолирани и ставени под контрола.
Во спротивност, доколку сега не се спречат ваквите тенденции, Република Македонија многу брзо ќе биде заглавена во процеси и појави каде повеќе никој нема да ја есапи волјата на граѓаните, каде изборите повеќе нема да имаат никакво значење, бидејќи буквално секоја партија повикувајќи се на воспоставениот преседан од страна на СДСМ ќе има право да се дрзнува да ја негира граѓанската волја на сметка на сопствените тесно-партиски интереси, и каде повеќе никој нема да може да воведе демократски ред и поредок согласно принципите на уставната демократија.
Фактор: Дали враќањето на мандатите значи дека РМ запаѓа во политичка криза и како ќе се одрази врз ЕУ и НАТО аспирациите?
Каракамишева-Јовановска: Во РМ постои обид за инсталирање вештачка политичка криза која за среќа нема мнозинска граѓанска поддршка, и тоа е најбитно во моментов. За да постои вистинска политичка криза треба да постои огорчен и незадоволен народ кој јасно ќе го манифестира сопственото незадоволство, и кој ќе се обиде на секаков можен начин да го промени владејачкиот естаблишмент. Во РМ такви процеси и појави нема. Има обиди за претставување на незадоволството на неколкумина во раководството на СДСМ како генерална состојба во земјата што не наидува на прием меѓу граѓаните.Политичкото однесување на раководството на СДСМ не може да го разбере ниту еден разумен и зрел човек, не само во политичките кругови, дома и во меѓународната заедница, туку и во рамките на пошироката јавност.
Фактор: Какви последици ќе има оваа парламентарна криза врз стратешкото интегрирање во НАТО и околу преговорите со ЕУ?
Очигледно е дека со сопствената деструктивност, СДСМ прави штета која може да предизвика голема штета на демократскиот развој, но и на евроинтегративните процеси во кои се наоѓа Република Македонија. Она што е уште понесфатливо е зошто во целиов овој период во кој СДСМ играа правно-политички игри, и ни ги објаснуваа нивните видувања за правно-политичката реалност во државата, кои попатно се виде дека немаат никаква допирна точка со она што вистински се случува во земјата, не се обидоа со факти, со вистински аргументи да го побијат „тоталитарниот, диктаторскиот режим на Груевски“, како што тие милуваат да го наречат, и зошто не направија ниту еден единствен чекор со кој ќе демонстрираа добра волја за доброто на земјата.
Единствено што слушавме од нив е генерализирано критизерство кое искрено не прилега на партија која има дводецениско постоење на плуралната политичка сцена. Иако е јасно дека критизерството е најлесната работа во политиката, со кое без никаков труд можеш да направиш вистински политички, но и друг вид хаос во земјата, поради што е магично привлечно за партии кои немаат што друго да понудат на граѓаните, сепак потребно е да постои минимум свесност за политичката одговорност што ја носиш кога си политичар и кога имаш желба сериозно да се занимаваш со оваа професија. Политиката не е детска игра, а уште помалку е детска играчка. Во политиката се недозволиви вакви несериозни и неодговорни чекори кои никому не му носат добро.
Фактор: Кои се можните сценарија за излез од ваквата состојба?
Каракамишева –Јовановска: Има само едно нормално и логично сценарио за излез од ваквата состојба, кое има уставна и законска поткрепа. А тоа е да се продолжи со нормалниот тек на демократскиот живот во земјата, да се работи на максимално изолирање на обидите за политичка дестабилизација на земјата, да се пополнат испразнетите пратенички места со дополнителни избори кои ќе бидат организирани согласно изборните и демократски стандарди и народот да одлучи и конечно да пресуди, да стави точка на дилемата која политика и која опција е за нив развојна, демократска и просперитетна, а која деструктивна и опасна.
Горазд Чомовски
Претходно објавено:
Проф. Светомир Шкариќ - “Веднаш избори за попoлнување на испразнетите места, но ако и во тој состав нема опозицијата тогаш парламентот повторно ќе биде дефектен. Проблематично е формирање техничка Влада”,одговара професорот по Уставно право, во денешната мини – серија на Фактор –разговори.
Проф. Осман Кадриу – “Законодавниот дом вака десеткуван не може да функционира долг период. Сите, акти, закони и одлуки што ќе бидат донесени без опозиција ќе бидат оспорувани од политичка гледна точка.”
Интервју Гордана Силјановска: Политички осакатеното Собрание ќе се накалеми врз проблемот со името!
Слично
