ИНТЕРВЈУ ТАМАРА ЧАУСИДИС: За медиумите не смее да има бесмислен договор по урнек на Пржинскиот!
За прашањето за медиумите нема да се носи со одлука од меѓународните олеснувачи. Затоа што медиумите на политичките елити им се премногу важни. Со нив се добиваат/губат избори. И тука е влогот премногу голем. Она од што се плашам е да не се направи уште еден бесмислен компромис од типот на пржинскиот договор кој на хартија ќе звучи добро а во пракса ќе биде само продолжување на агонијата и вовед во нова, вели за Фактор Тамара Чаусидис. Претседателката на ССНМ оценува медиумските слободи се комплетно окупирани, во таа окупација учествува власта помогната од „домашните предавници“ луѓе кои одамна ја предадоа каузата на новинарството. Според Чаусидис, во моментов не постои волја за ослободување на медумите од партиско политичките влијанија . „ Нам ни треба ослободување на медиумите од коруптивните и клиентелистички релации и ослободување на професијата од натрапниците кои под превезот на новинарството кое е доблесна и одговорна професија, со свои правила, со универзална етика и заради која а е почитувана, практицираат партиска пропаганда“, посочува Чаусидис. Во однос на подготвеноста на Владата да прифати било кој закон кој се применува во земјите членки на ЕУ ,го оценува како обид да се замаскира вистинскиот проблем. „Партиските елити се плашат од професионални новинари затоа што знаат дека не можат да ги поткупат, не можат да ги исплашат “ смета претседателката на ССНМ .
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Дали е неопходна промена на постоечкиот закон за медиуми за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Како би можеле да се надминат разликите помеѓу ЗНМ и МАН кои имаат дијаметрално спротиставени ставови ?
Чаусидис: Јас претставувам организација која уште од стартот па се до крај беше ПРОТИВ Закон за медиуми. Таа ужасна преокупација со регулативи, закони и правила служи само за да се демаскрива фактот кој не само ние кои и припаѓаме на медиумската заедница туку и целата јавност го знае и на кој укажуваме веќе подогло време: медиумските слободи се комплетно окупирани, во таа окупација учествува власта помогната од „домашните предавници“ луѓе кои одамна ја предадоа каузата на новинарството и се бават со брутална, отворена партиска пропаганда. За жал овој процес не е нов, но во последниве години драматично се забрзува така што веќе е многу тешко да говорите за професионални медиуми со интегритет и доверба. Тука важи максимата дека исклучокот го потврдува правилото. Затоа одбивам да разговарам за тоа дали ни треба нов закон или е доволна негова измена. Нам ни треба ослободување на медиумите од коруптивните и клиентелистички релации и ослободување на професијата од натрапниците кои под превезот на новинарството кое е доблесна и одговорна професија, со свои правила, со универзална етика и заради која а е почитувана, практицираат партиска пропаганда. Можете да напишете најдобар закон на светот, можете да увезете готови решенија од земји кои се високо на скалилата на слободата на медиумите, тоа нема да ја смени ситуацијата доколку не им дозволиме на медиумите да се сетат дека имаат општествена и јавна одговорност . Како ќе го направиме тоа? Основен предуслов е да сакаме. Сега како стојат работите јас не гледам дека за такво нешто постои воља.
Фактор: Дали со предложените измени кои опфаќаат гарантирано буџетско финансирање на јавниот сервис, реформи во надлежностите и начинот на функционирање на Агенцијата за медиуми, бесплатни владини реклами, кога се работи за јавен интерес, комплетна реконструкција на Македонската телевизија во рок од пет години, намалување на даноците за медиуми, како и казни за прекршување на законите, согласно големината и моќта на медиумот ќе се обезбедат услови за слободни и фер избори ?
Чаусидис: Ги набројувате постулатите на Ван Хауте. Да, тоа се добри решенија и добри предлози, но погледнете на каков отпор наидуваат не само од власта туку и од здружение кое се декларира како новинарско – МАН, а сега гледам дека се засилени и со пете национални телевизии. За телевизиите не ме чуди, тие сакаат да си останат корисници на рекламниот колач, свесни дека ја губат трката и не се кадарни да прежиеат на реален пазар, публиката особено младата генерација се повеќе мигрира кон други телевизии надвор од земјава и се информира од други места , тие се атрактивни само како перачи на мозок и сакаат тоа да го наплатат додека се уште можат, но не ми е јасно како едно здружение кое се претставува како новинарска асоцијација може да биде против укинување на реклами кои не се ништо друго освен алатка за купување на уредувачката политика. Јас не знам чии интереси тие застапуваат, ама сигурно тоа не се интереси на новинарите. Освен ако за нив новинарите не се општествено политички работници кои како во време на комунизмот имаа задача да им ги доближуваат и пропагираат потезите на власта на граѓаните, а за возврат да бидат наградени со пари од буџетот. Седи си на работа, не се мачи, чекај готов текст од центарот за информации „вежи коња где ти газда каже“ и се ќе биде во ред. . Тоа и такво новинарство е карактеристично за авторитарни режими, на такво новинарство не му е место во демократија. Колку што мене ми е познато Македонија се декларира како демократија. Во демократиите новинарството е коректор на власта, чувар на правната држава, глас на обесправените. Задача на новинарот е да известува, да критикува, да открива злоупотреби од оние кои ја имаат моќта да ги прават тие злоупотреби. Да ги заштити слабите од моќните и силните. Тоа не можете да го правите ако истите тие кои злоупотребуваат ве плаќаат. Ќе ве деградираат, ќе ве казнуваат, ќе ве отпуштат ако не примате „нарачки“. Без пардон. И како што сите знаеме – тоа секојдневно се случува во нашите медиуми. Колку новинари се отпуштени, колку медиуми се затворени, колку само уредници се професионално егзекутирани. Се почесто се ангажираат новинари на хонорарна основа, или на договор на определено време, немаат никаква заштита. Во таква социјално економска несигурност луѓето се лесно подложни на притисоци. Од друга страна пропагандистите се комотни, силни, гласни, брутални и згора на се - бесрамни.
Фактор: Како го оценувате ставот на Владата дека таа е подготвена да прифати било кој закон од земјите членки на ЕУ?
Чаусидис: Како популизам, тактика и губење на време во обид да се замаскира вистинскиот проблем. Партиските елити не сакаат, панично се плашат од професионални новинари затоа што знаат дека не можат да ги поткупат, не можат да ги исплашат. И ако ми дозволите една лична опсервација, мислам дека партиските послушници во основа и не можат да поверуваат дека постои нешто што е професионално новинарство. Човек кој не е способен да делува ако нема некоја лична или партиска агенда не може да поверува дека некој може да постапува поинаку. Тие тргнуваат од себе и мислам дека искрено веруваат дека овие наши ламентирања за професионални стандарди и слободи се само замаскирани партиски агенди. Напросто нивниот морален капацитет е толку низок, што не можат да замислат дека постојат луѓе кои не се како нив, луѓе на кои примарен им е јавниот интерес и за кои новинарството е јавно и цивилизациско добро. Но, тоа е и нормално. Тоа е одбрамбен механизам. Затоа ќе предлагаат закони, ќе се пазарат со односот на силите во регулаторните тела, ќе направат се но нема да дозволат да се ослободи јавната сфера и таа да се деконтаминира од партиско влијание.
Фактор: Еден од критерумите што треба да се исполни до 19 февруари е политичките лидери да постигнат договор за реформите во медиумите за да се обезбеди објективно и непристрасно информирање и еднаков третман на политичките партии. Има ли простор за постигнување на консензус, или како и за многу други прашања и овој пат меѓународните олеснувачи ќе бидат тие кои ќе ја донесат конечната одлука?
Чаусидис: Јас сум за ова прашање непоправлив песимист. Не би сакала да бидам, но искуството досега не ми остава простор за оптимизам. Прво мислам дека за прашањето за медиумите нема да се носи со одлука од меѓународните олеснувачи. Затоа што медиумите на политичките елити им се премногу важни. Со нив се добиваат/губат избори. И тука е влогот премногу голем. Потоа роковите се ужасно пробиени. Она од што јас искрено се плашам е да не се направи уште еден бесмислен компромис од типот на пржинскиот договор кој на хартија ќе звучи добро а во пракса ќе биде само продолжување на агонијата и вовед во нова. Не сакам да звучам дефетистички, но се додека граѓаните на оваа земја не разберат дека слободни медиуми со интергитет и доверба им се потребни првенствено ним и не се солидаризираат со малкуте медиумски организации кои се изложени на жестоки удари и заедно со нив се изборат за враќање на новинарството во редакциите од каде е изгонето, ситуацијата ќе се влошува.
Слично
