ИНТЕРВЈУ Суад Мисини: Знаењето е важно, но интегритетот уште повеќе!
Жалам што студентите досега за ниедно важно прашање во општеството не покажале ваква сплотеност ниту интерес, вели аналитичарот Суад Мисини. Тој проценува дека најавените реформи во високото образование ги погодија македонските студенти во нерв и им дадоа шанса да покажат дека не се аморфна маса. „Дистанцираноста на огромен дел на универзитетските професори од важни прашања во општеството е легендарна! Таа се должи на длабоко вграденото полтронство и стекнат комодитет. Нивното без’рбетништво е и една од главните причини што студентската популација кај нас досега била безгласна буква“, вели Мисини во интервју за Фактор.
Фактор: Премиерот Груевски вели дека студентите биле излажани дека станува збор за екстерен, а не за државен испит и притоа ги стави во ист кош студентите и СДСМ. Свесно ли се прави обид да му се даде политичка димензија на студентскиот марш со цел да се амортизира незадоволството од најавените реформи во високото образование?
Мисини: Секако дека се работи за свесен обид. Она што е сеуште несвесно кај премиерот е дека овој стил на соочување со реалноста, кој тој и неговата партија го практикуваат долго време, веќе предизвикува потсмев кај граѓаните на Македонија и ги квалификува него и неговата партија како насилници недозреани за елементарна политичка одговорност и култура.
Фактор: Дали најавениот протест исклучиво е против воведувањето државен испит или од севкупната ситуацијата во која Макеоднија се наоѓа земјата, а опозцијата маршот го користи во обид да придобвие политички поени меѓу граѓаните?
Мисини: Соопштенијата на студенстскиот пленум се потполно јасни. Ниту тие сакаат некој да ги стави под свој чадор, ниту опозицијата може да го направи тоа, ниту тоа и треба. Лично жалам што студентите досега за ниедно важно прашање во општеството не покажале ваква сплотеност ниту интерес, па се надевам дека ова нивна инхерентна тема нема да биде последна за која тие ќе имаат цврст став за кој ке бидат подготвени да излезат на улица. Од друга страна, исто толку жалам што опозиција сеуште нема автентична приказна која студентите ќе ги покрене да дојдат на нејзин марш.
Фактор: Како го оценувате повикот на премиерот Груевски до СДСМ дека ако се толку способни сами да организираат митинг, наместо да се сокриваат зад студентите?
Мисини : Го оценувам како спин и дефокусирање од темата. Но и како израз на немоќ – досега – да ги одврати студентите од нивните намери да маршираат. Ова е само сенка од вистински Премиер…
Фактор: Од Студентскиот пленум соопштуваат дека нема да дозволат да бидат прибрани под ниту едно партиско милје, потенцирајќи дека нивните барања ја надминуваат партијата . Поддршка академската заедница доби од неколку други универзитети низ земјава. Дали во реториката на премеирот Груевски препознавате загриженост но и изненаденост од единството кое го демонстрираат младите ?
Мисини: Секако! Па досегашната апатија на студентите за сите прашања за кои студентите во регионот и светот ја превртуваат државата наглава, му зборуваше дека студентите се аморфна маса неспособна за елементарна артикулација на најобичен став за било кој проблем во државата. Ете, требаше да ги погоди во нерв за да ги разбуди. Треба да му заблагодариме за овој одличен акупунктурен зафат!
Фактор: На првиот Студентски марш пред речиси еден месец можеше да се видат и млади девојки со шамии на главата. Дали со тоа се испраќа и сигнал и за нарушениот меѓуетнички соживот?
Мисини: Напротив! Тоа само значи дека приказната поради која тие излегоа е универзална и заканувачка за сите подеднакво! Лично на тоа гледам со огромна симпатија. Но, да нема забуна: меѓуетничките односи ги трујат политичките клики и од нив криминализираните државни институции! Тие, имено можат да бидат пример, како што се анти-пример, за тоа како терба да се гради – вистински, не криминално! – меѓуетничкиот соживот. Конечно, студентите имаат шанса само ако останат заедно. На првото раздвојување, ќе исчезне нивната приказна.
Фактор: Дел од универзитетските професори молчат. На што се должи ваквата нивна дистанцираност и колку се точни информациите дека дел од деканите на факултетите вршеле притисок да не се излегува на протести?
Мисини: Дистанцираноста на огромен дел на универзитетските професори од важни прашања во општеството е легендарна! Таа се должи на длабоко вграденото полтронство и стекнат комодитет. Нивното без’рбетништво е и една од главните причини што студентската популација кај нас досега била безгласна буква. Тие на ниеден начин не се ни инспирација ниту поттик за студентите, а најмалку конкретен и личен пример. Иако немам конкретни информации за притисоци, од такви полтрони и не би очекувал нешто поинаку. Но, од друга страна, ова е извонредна прилика студентите да им одржат лекција на своите без’рбетни професори. Бидејќи, знаењето е важно, но интегритетот – уште повеќе!
Горазд Чомовски
