ИНТЕРВЈУ СТОЈАН АНДОВ: Македонската независност е на стаклени нозе!
Кљусев бараше сукецсија без одлагање и ќе предизвикаше војна со ЈНА. Глигоров го формулираше рефернедумското прашање. Црвенковски беше против гласање на народот за одделување од Југославија. Мијалков со сомнителна мисија за Белград пред загинувањето. Првиот Претседател направи се да спречи вмровска Влада во самостојна Македонија. Во интервју за Фактор Стојан Андов со “старата приказна “ дали и зошто побегна од големата прослава на 8 септември.
Еден од последните живи сведоци на судбинските настани пред четврт век и за на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ: “И порано имаше обиди владејачката партија да се стави над државата, да се завладее со институциите, но сите тие обиди не успеаа ни од далеку да нанесат толку голема штета колку што нанесе политиката на Никола Груевски од 2008 година до денес“, вели првиот спикер Стојан Андов.
Серија интервјуа на Фактор по повод самостојноста на Македонија.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Во едно интервју како претседател на Собранието на Република Македонија велите дека не сте биле на сцената кога се прогласуваше независноста. Каде бевте тој ден, каде беше Бранко Црвенковски , Петар Гошев, и другите? Дали тоа што Киро Глигоров го оставивте сам да се појави на плоштадот во Скопје значи дека сте имале одредени резерви околу дисолуцијата на Македонија од тогашна Југославија?
Андов: Не само во едно интервју туку во неколку мои интервјуа и неколку мои книги ги објаснив настаните што ги спомнувате но штом прашавте ќе ви одговорам и овде. Каде биле Бранко Црвенковски и Петар Гошев не знам. Кои биле причините што не биле на плоштадот? Тоа можат тие да го објаснат. Јас исто така не бев на сцената но не го сторив тоа во договор со Бранко Црвенковски и Петар Гошев. По гласањето во Скопје појдов во Кавадарци, да видам како одат работите таму.
Видов среќни луѓе, кои не се колебаат во искажувањето на својата волја. Од таму не се вратив во Скопје за да присуствувам на митингот бидејќи на митингот не се прогласуваше независноста на земјата, како што вие велите во прашањето. Референдумот го организиравме за да овозможиме да се искаже народот дали е за тоа Македонија да стане независна држава. Независноста се прогласи со донесувањето на Уставот како врвен државен акт, значи ни со референдумот не се прогласи независноста на Македонија, а уште помалку пак со некој митинг на сред Скопје.
Во Дојран се состанав со повеќе наши стопанственици, со тогашниот претседател на Стопанската комора и со помошникот министер за надворешни работи Љупчо Арсовски. Потоа ноќевав во Дојран. Утредента, на 9 септември со делегација од околу 15 стопанственици и државни функционери отидов во Грција, во Солун, на познатиот Солунски саем. Две причини беа за тој мој гест. Прво, уште пред референдумот се јавија гласини во Грција за нивната остра рекација кон нашата земја. Истовремено Европската Заедница им додели неповратни средства од 450 милиони марки за реконструкција на Солунското пристаниште. Оценка беше и на нашето министерство за надворешни работи дека користењето на тие средства Грција може да го употреби како причина да ни наметне блокада на нашите фирми да можат да се служат со Солунското пристаниште.
Во договор со Глигоров, а со знаење на целата Влада и особено на Кљусев заминав за Солун на 9 септември по наше време околу 7 часот. За да стигнам во градот и на саемот пред да бидат блокирани патиштата поради доаѓањето на Саемот на грчкиот премиер Константин Мицотакис, кој требаше да го отвори Саемот таа јубилејна година. Во Грција се сретнав со генералниот директор на Солунското пристаниште, со генералниот директор на Солунскиот саем, со претседателот на трговската и индустриската комора на Северна Грција, се поздравив и имав кус разговор со градоначалникот на Солун, а се сретнав и со двајца грчки пратеници во парламентарната асамблеја на Советот на Европа. Од разговорите што ги имав во Солун не се чувствуваше некоја непријатност кај моите соговорници. Тие дури не се воздржуваа, туку истакнуваа дека стопанството на Северна Грција вклучително и Солун се многу заинтересирани за коректна и развиена соработка со нашата земја.
Кога, вечерта се вратив од Солун, веќе беше почната кампања против мене. Измислија дека не на 9 туку на 8 септември сум бил во Солун, а некои ме прогласија и за предавник. Ми се случи постапка кон мене, како што сега многу често им се случува на некои луѓе да бидат обвинети за предавници иако нема никаква основа за тоа. Киро Глигоров, како што велите вие во прашањево, не го оставивме сам. Тој на сцената беше заедно со сите оние луѓе кои беа против одржувањето на референдумот, на чело со Никола Кљусев. Во тоа друштво Киро не се чувствуваше најдобро. А јас кога ја гледам таа сцена, секогаш си велам дека таму не ми било местото меѓу тие луѓе на сцената. Во времето пред распишување на референдумот се случија неколку непредвидени работи.
Прво, пратеничката група на ПДП предложи закон со кој се овозможуваше во училишната евиденција во средните училишта часовите да се бележат и на албански јазик. Владата даде негативно мислење за тој предлог, а ПДП излезе од Собранието. Имавме мака да ги убедиме пратениците – Албанци да се вратат во Собранието. Тоа му успеа на Глигоров. Потоа наеднаш Владата на Кљусев испрати неколку проекти кои ако бевме ги донеле, со нив Македонија ќе се раздружеше од Јуславија и ќе станеше независна. Јас и добар дел од Собранието бевме против на тој начин Македонија да стане независна држава. Мислевме дека ако така постапиме југословенската армија, конкретно Третата армија во Скопје ќе интервенираше, ќе не уапсеше сите пратеници, претседател на Републиката, министри итн. Со тоа за неизвесен рок ќе пропаднеше можноста Македонија да стане независна држава. За предложените закони од Владата на Кљусев, Собранието расправаше 4 дена и комплетно беше поделено. Кој знае до кога ќе се мачевме со тие документи на Владата да не се случеше еден чуден настан четвртиот ден од расправата во Собранието. Тој ден, додека претседавав со седницата, ми дојде еден од службениците на Собранието и ми даде ливче на кое пишуваше ,,Претседателот на Републиката моли итно да дојдете во вилата на Водно”.
Појдов таму и видов дека тече еден состанок на Глигоров со дваесетина генерали на Југословенската армија и полковници, Македонци. Кога влегов Глигоров им рече на присутните дека за прашањата што ги дискутуираат јас треба да им кажам бидејќи сум претседател на Собранието. Присутните се интересираа што се случува во Собранието. Им реков дека е во тек расправата по предлозите на Владата, кои тие, воените лица ги нарекуваа предлози на ВМРО – ДПМНЕ. Што ќе се случи и како ќе излеземе од таа каша, им реков дека уште не знам. За помалку од час излегов од салата за да појдам во Собранието. Веднаш по мене излезе Киро Глигоров ме фати под рака и ми рече: ,,Стојан ова станува многу опасно”. Му реков дека можеме проблемите мирно да ги решиме ако тој побара од Кљусев предлозите на Владата да ги повлече од Собранието. Тој ми рече дека пробал ама Кљусев тоа не го прифаќал. ,,Е тогаш, му реков на Киро, да го повика Кљусев да се разбере со генералите”.
Само да потсетам дека додека бев на тој состанок десетина од генералите предупредија дека тие ништо не можат да сторат за да ја спречат армијата да интервенира доколку Собранието ги усвои ,,предлозите на ВМРО”. Предупредија дека во таков случај ќе бидат уапсени сите пратеници, министри и претседателите на Владата, Собранието и Републиката. Настрана на тоа тие велеа дека може да падне крв. Затоа му реков да го повика Кљусев да ги слушне тие работи лично. Тогаш отидов во Собранието, а пратениците беа на пауза. Кога шефот на кабинетот ме предупреди дека е време да звониме ми подаде едно ливче. Тоа беше писмо од Кљусев во кое ме известува дека ги повлекува предлозите на Владата за раздружување на Македонија. Дали Глигоров го извикал Кљусев да се сретне со генералите или не го сторил тоа или го притиснал да ги повлече материјалите, не се интересирав тогаш и не ми беше важно и затоа не знам. Само претпоставувам дека Киро доволно го притиснал Кљусев за да се избегне опасноста која ни се закануваше.
Со повлекувањето на владините материјали, се отвори патот за референдум. Одржавме кус состанок кај Глигоров на кој присуствуваа и Бранко Црвенковски, Никола Поповски кој тогаш беше Генерален секретар на СДСМ, Зоран Крстевски кој беше координатор на пратеничката група на Либералната партија, а мислам оти беа и Тито Петковски и Стево Црвенковски. Во еден момент во дискусијата за референдум Бранко Црвенковски рече дека нивниот Централен одбор има одлука да не се прифати организирање на референдум. Тогаш упадна Никола Поповски и му се обрати на Бранко: ,,Претседателе од тогаш има месец ипол поминато. Сега се нови условите и треба да закажеме нова седница на која ќе бараме да се организира референдум”. Во дискусијата Глигоров не се мешаше туку нешто бележеше. Кога за момент прекина дискусијата Киро ми даде едно ливче. Напишано со молив, на ливчето стоеше ,,Дали сте за тоа Македонија да стане суверена, независна држава, со право да стапи во идниот сојуз на суверени држави на Југославија”. Без коментар ливчето им го предадовме на Никола и Зоран со сугестија тие како пратеници да подготват предлог – одлука за распишување на референдум. Сите си отидоа, останав јас со Глигоров. Му обрнав внимание дека вториот дел од прашањето би требало да го изоставиме. Реков, ако се создаде таков сојуз некогаш пак можеме да расправаме и одлучуваме дали Македонија ќе му пристапи или не. На референдумот да не се спомнува ,,Сојуз на суверени држави на Југославија”.
Му реков, се плашам дека со вакво прашање не сум сигурен дали одлуката ќе добие мнозинство во Собранието, бидејќи против било каков сојуз на суверени држави или било каква форма на нова Југославија, остро против беа пратениците на ПДП и пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, а и некои од независните пратеници. Тој инсистираше да остане така прашањето велејќи, ако го избришеме тој дел може да интервенира армијата. Моите понатамошни објаснувања дека тоа не е реално, не го променија неговиот став. Подоцна, на референдумот како што е познато, не гласаа македонските граѓани од албанската етничка заедница. Значи пред донесувањето на одлуката за референдум имавме две точки на несогласувања. Едната беше дали да се одржи референдум или Македонија Собранието да ја прогласи независна донесувајќи неколку акти за раздружување, и дали прашањето што го напиша Глигоров треба да остане или вториот дел треба да се брише. По првиот спор, успеавме да ја убедиме Владата да си ги повлече предлозите, а по вториот спор не го убедивме Глигоров да го брише вториот дел од прашањето.
Фактор: Како беше формирана првата влада? Како дојде до избор на Глигоров за претседател, на Георгиевски за потпретседател?
Андов: Редоследот е обратен: прво беше избран Киро Глигоров за претседател, потоа беше избран Љупчо Георгиевски за потпретседател на претседателот, и на крајот беше избрана Владата на Кљусев. Во целосното конституирање на власта во повеќепартиски услови имавме доста тешкотии. Да не должам, ќе се осврнам само на последната фаза. Првиот обид да го избереме Глигоров за претседател на Републиката беше на 19 јануари 1991 година. Тогаш не успеавме, Глигоров доби само 60 гласови од неопходните 80. Се покажа дека неуспехот бил резултат на непостоењето на претходен политички договор меѓу партиите. Се установи дека Перо Гошев не ги извршил сите потребни припреми и таков договор не направил. Киро беше многу разочаран и таа вечер ми рече дека ,,целата работа нема смисла бидејќи нема атмосфера”. Утредента го поканив на разговор. Побарав согласност од него, јас да се обидам да направиме политички договор да биде избран Глигоров. Направивме политички договор и ја добив согласноста на ВМРО – ДПМНЕ и на ПДП, тие да гласаат за Глигоров, а тие ги поставија своите услови за тоа.
На Глигоров му ги кажав резултатите од моите разговори и го прашав дали тие тој ги прифаќа. Тој ги прифати и јас закажав нова седница за 27 јануари со две точки на дневен ред избор на претседател на Република Македонија и избор на потпретседател на претседателот на Република Македонија. Во согласност со постигнатиот договор, за Киро Глигоров да биде избран за претседател на Републиката гласаа 116 пратеници. За избор на Љупчо Георгиевски за потпретседател на претседателот гласаа 78 пратеници и тој не беше избран. Дадов пауза сериозно му приговорив на Глигоров што не си ја извршил својата обврска пратениците од СДСМ да ги наговори да гласаат за Љупчо. Само да споменам, во согласност со Уставот потпретседател на претседателот на Републиката го предлагаше претседателот на Републиката. Значи во нашиот случај Собранието му го одби првиот предлог на новоизбраниот претседател, што беше неочекувано и крајно невкусно. На паузата ги убедив и Глигоров и Георгиевски да организираме уште едно гласање на Собранието. Собранието да гласа повторно откако Глигоров ќе го повтори својот предлог. И во второто гласање Лупчо Герогиевски не ги доби потребните гласови доби само 72 гласа. Тоа многу ме загрижи. Значи политичките сили во Собранието уште еднаш покажаа дека не се способни да направат политички договор, ниту ако е направен да го почитуваат. По многу натегања десетина дена подоцна повторно на дневен ред го ставивме изборот на Љупчо Георгиевски. Дури тогаш Љупчо беше избран за потпретседател на претседателот. Сите тие настани внесоа горчина кај Љупчо, а тој ја изгуби довербата во било какво договарање во Собранието.
Во март почна постапката за избор за претседател на Владата. Глигоров, во согласност со Уставот го повика на разговор прво Љупчо Георгиевски бидејќи ВМРО – ДПМНЕ имаше најголем број на пратеници. Но речиси против уставно Глигоров во разговорите со Георгиевски побарал Љупчо да му предложи кандидат што тој би го прифатил. Љупчо предложил еден (Лепавцов) за тоа, откако Киро одбил побарал од Љупчо тројца да предложи. Љупчо предложил и тројца, но Глигоров ги одбил и нив. Тогаш реши да одиме на избор на експертска Влада, а за премиер мандатот му го даде на професор Никола Кљусев.
Фактор: Зошто претседателот Глигоров го испратил Јордан Мијалков на разговори во Белград кај сојузниот министер, заедно со црногорскиот министер, а референдумот за незваинсот веќе бил поминат, декларацијата за сувереност била донесена, биле поднесени документи за меѓународно признавање на независноста?
Андов: И овде треба да го зачуваме редоследот. Прво, Собранието ја донесе Декларацијаа за сувереност на Социјалистичка Република Македонија на 25 јануари, значи два дена пред изборот на Глигоров за претседател на Републиката. Референдумот е, како што знаете одржан на 8 септември. Вие зборувате за настан кој се случил на 18 декември 1991 година вечерта. Според кажувањата на Никола Кљусев, кога Јордан Мијалков ја известил Владата таа вечер дека утре треба да оди на средба со тогашниот министер за внатрешни работи на СФРЈ тој и Владата го убедиле да го откаже тоа патување. Меѓутоа, Кљусев велел дека тогаш Глигоров го повикал Јордан и после тој разговор Мијалков решил утредента да патува. Лично не знам ништо за тоа патување бидејќи ниту, ниту Кљусев ниту Глигоров ми рекле дека првиот министер за полиција ќе патува на средба во Белград со Грачанин.
Било кој да ми кажел, ќе му се спротиставев бидејќи месец дена пред тоа со донесувањето на Уставот Македонија стана независна држава. Оваа средба на Мијалков со Грачанин би била средба на министри за внатрешни работи на две независни држави и за тоа е потребно, бидејќи во нашиот случај тоа би била прва таква средба, да се оценат сите околности и прецизно да се утврди платформа што на тие разговори ќе ја застапува Мијалков во Белград. Комисијата што по загинувањето на Јордан Мијалков беше формирана во Владата не утврди дека таква платформа е разгледувана и дека Владата на седница утврдила дека е потребно Мијалков да патува во Белград. За несреќа Мијалков утредента патувајќи за Белград, кај Бујановац во сообраќајна несреќа се погребани и сите тајни околу неговото патување за Белград ги однесе со себе.
Фактор: Во овие 25 години независност земјата мина низ сериозни предизвици и искушенија. Кои се најкритични фази што би ги издвоиле од осамостојувањето до денес ?
Андов: Првата, најкритична фаза настапи од 27 април 1992 година кога беше донесена Лисабонската декларација во која стоеше дека Европската Заедница ќе ја признае нашата земја за независна држава, доколку Македонија прифати во нејзиното име да не биде содржан зборот Македонија и придавки од него. Таа ,,критична состојба” траеше негде до пред приемот на Македонија во Обединетите нации на 8 април 1993 година. Втората критична фаза беше со обидот за атентат врз Глигоров, што имаше основна политичка намена, да го спречи Собранието да ја ратификува Привремената спогодба заклучена на 13 септември 1993 година меѓу Република Македонија и Република Грција, со која Грција ја призна независноста на Македонија, ги призна нејзините граници, воспостави дипломатски односи со неа и ја прифати неповредливоста на границата меѓу Македонија и Грција.
Таа криза потраја само 2–3 месеци, до приемот на нашата земја во ОБСЕ (тогаш КЕБС) и до заклучувањето на Договорот за пријателство за мир со НАТО. За критична фаза може да се смета и периодот од крајот на 2000 и до донесувањето на 15 – те амандмани со кои во Уставот се вградени усогласените решенија од Охридскиот Рамковен Договор. Последниот кризен период може да се каже дека започна на 24 декември 2012 година, кога полицијата од пленарната сала на Собранието ги исфрли партиите од опозицијата, а потоа од галеријата ги исфрли акредитираните новинари. Таа криза се уште трае. На 11 декември оваа година ќе видиме дали таа ќе биде окончана, или пак и натаму ќе се продлабочува.
Фактор: Дали ситуацијата во која се наоѓа денес Македонија, ги става на испит и стратешките цели на државата, зацртани уште во самиот зародиш на независноста?
Андов: Кризата која е во тек е подлабока од сите досегашни кризи бидејќи трае подолго и е резултат на делување на сили кои не можат да прифатат Македонија да постои и да се развива како вистинска демократска земја. Затоа сметам дека иако некои форми на делување на владејачката партија имаа свој корен и во времето на прогласување на Република Македонија за независна држава, во целина земено целата сегашна политика е спротиставена на целите и тенденциите што ги имавме пред себе во 1991 година.
Фактор: Дали внатрешна политика содејствува со нашите надворешни приритети?
Андов: Како не содејствува, нашата внатрешна политика содејствува многу силно со нашата надворешна политика и нејзините приоритети така што вистинските приоритети на земјата ги руши, ги напушта.
Фактор: Дали внатрешно-политичка криза со која се соочуваме сега влече корени од политиките години наназад. Реално ли е да се очекува дека државата ќе излезе посилна од овој предизвик?
Андов: Сигурно не е самородна оваа наша сегашна криза и таа сепак има корени во минатото. Во подолг период од независноста се правени сериозни грешки кои ја онеспособуваа Македонија успешно да оди по патот кој таа го избра со прогласувањето на независноста. И порано имаше обиди владејачката партија да се стави над државата. Имаше обиди да се завладее со институциите, но сите тие обиди не успеаа ни од далеку да нанесат толку голема штета колку што нанесе политиката на Никола Груевски од 2008 година до денес. Што е реално да се очекува од излезот од оваа криза? Вистински излез од кризата е ако Република Македонија стапи во нов период во кој ќе биде посилна од слични вакви предизвици и ќе може навреме да ги отстрани и спречи.
Фактор: Како и каде го гледате решението на грчко-македонскиот спор како услов за внатрешна стабилност на земјата и дали во Македонија има храбри политичари да донесат крупни одлуки кои се во суштинска важност за земјата и нејзините граѓани ?
Андов: За земјата е многу важно да дојдат на власт политички сили кои разбираат колку е важно Македонија како мала земја да има добри, коректни и развиени добрососедски односи со земјите од регионот, а особено со оние со кои граничи. Од есента од 2007 наваму силата и храборста на нашите политичари е насочена како и што повеќе да ги влошат односите со нашите соседи. Таквите политичари се разбира не се во состојба да водат друга, позитивна политика. Што се однесува до грчко – македонскиот спор доколку се нормализира ситуацијата со изборите на 11 декември, и дојдат нови луѓе на власт по мое мислење ќе мора да дадат сигнали и да направат гестови што ќе покажат расположение на нашата земја за трајно решение за тој спор. Прва задача што би била на двете земји, во соработка да изготват анализа на резултатите на спроведувањето на Привремената спогодба, да се укаже на вистинските позитивни страни од таа практика и да се даде нивна реална оценка, а отворено да се наведат и негативностите. Оттаму може да се бара трајно решение кое ќе ги задоволи двете страни. Со ултиматуми и со притисоци ништо не може да се реши, а особено е штетно кога тие ултиматуми и притисоци доаѓаат од наша страна.
Фактор: Во изминативе години беа затворени многу отворени прашања, особено во односите меѓу заедниците, со донесувањето на Рамковниот договор. Постои ли опасност од нова меѓуетничката криза ?
Андов: Остварувањето на одредбите од Рамковниот договор е во напредна фаза, но паралелно со тој процес тече процесот на партизација на меѓуетничките односи, кои води кон тоа да луѓето од едната или од другата заедница не очекуваат решавањето на нивните основни проблеми кои доминираат во животот, на пример како нивниот граѓански статус итн да ги решаваат државните институции, туку наметнуваат практика таквите проблеми на луѓето да бидат решавани во одвоеното политичко организирање во рамките на секоја од етничките заедници. Таа насока е многу опасна, може да ги поништи позитивните ефекти од досегашното спроведување на Рамковниот договор, може да го ослабе заедничкото чувство на граѓаните без оглед на нивната етничка припадност, за припадност и поврзаност кон државата. За решавање на тој проблем, за спречување на тој негативен тренд, засега не гледам иницијативи и идеи особено кај владеечките партии, но нема вистински идеи ни во опозицијата. На тоа поле ќе биде потребно посилна и поинтензивна поддршка од нашите пријатели од меѓународната заедница.
Слично
