ИНТЕРВЈУ СТЕВАН ПАВЛЕСКИ: Зврлевски има вазалски однос кон власта!
„Доколку Државниот Обвинител за неколку денови не превземе итни дејствија за обезбедување на докази за тие што ги вршеле прислушувањата, јасно е дека овој скандал ќе заврши катастрафално. Обвинителот Зврлевски катастрофално би можел да ја заврши кариерата“ оценува екс-Јавниот Обвинител Стеван Павлески.
Беше шеф на Државна безбедност во времето на министрите Трпеновски и Ј.Мијалков 90/91 год, а во периодот 96/98 беше именуван за Јавен обвинител на Република Македонија, беше лустриран заради извршување на овие функции.
Според него, ако актуелното Обвинителство веднаш не превземе итни дејствија за обезбедување на докази за тие што без законска основа наложиле и го вршеле прислушување, тогаш повеќе од сигурно е дека овој скандал ќе заврши катастрафално.
„Очигледно власта делува во стилот на Луј 14 – „Државата тоа сум јас“, смета Павлески.
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор:Прислушувањата на телекомуникациите во Македонија, според законот кој е изменет во 2012 година, гo одобрува само Jавното обвинителство и никој друг.
Павлески: Нема дилеми, нема простор за дискусија! Државниот обвинител треба веднаш да реагира и на допрен глас во јавноста. Тоа е негова уставна и законска обврска. Срамно е ова што го прави актуелниот обвинител кој бара изговори за да не се огласи . Ова инертност е скандал особено што подолг период се навестуваше некаков „Пуч“ , се најавуваше накакво непријателско однесување на некоја група, а Марко Зврлевски вели дека не добил пријава?
ЗВРЛЕВСКИ ТРЕБА ДА ИМ ГИ ОДЗЕМЕ ПАСОШИТЕ НА НАЛОГОДАВАЧИТЕ
Фактор: Како е возможно да бидат прислушкувани околу 20 илјади граѓани ако се има во предвид дека со член 17 од Уставот, се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење. Кога може да се одстапи од неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката?
Павлески: Многу е едноставно - како се изведува операцијата на прислушување и веројатно се направи на ваков масовен начин. Има спрега на врвни кадри од безбедносниот состем на Македонија со влијателни луѓе во комуникацискиот систем. Ако е точен податокот за масовноста на опфатот на граѓани што се следени, надвор од ПИМ е скандалозно и создава несигурност кај населението, но и кај корисниците на телекомуникациските услуги.
Со закон за контрола врз тајните служби се опфатени и телекомуникациските оператори. Но во изминатиов период се создаде амбинет на недопирливост на менаџментите и полициските водачи.
Фактор: Дали со прикажаните инкриминирачки материјали се доволен доказ кој треба кривично да одговара за незаконското прислушување?
Павлески: Моето искуство. како поранешен прв човек на Обвинителството ми покажува дека сега господинот Зврлевски е во многу тешка положба. Проблемите произлегуваат од неговиот вазалски однос кон власта. Според мене, ако Обвинителот има елементарна професионална и функционална одважност досега можеше да се активира, во предходна постапка, за оние луѓето во кои се соменува, има индикации или докази дека превзеле незаконски дејствија, казниви за тешки кривични дела за што е предидена мерка на посебни истражни дејствија, вклучувајки и прислушување.
Најпрвин, кој дал и дали има налог за ПИМ (посебни истражувачки мерки).?Но дали е логично да се прислушувале повеќе од 20.000 илјади граѓани, дури и индиректно? Треба ведаш да им ги одземе пасошите, на главно посочените и јавно индицирани налогодавчи и да им се одредат мерки на претпазливост и безбедност, пред нивно изведување во истражните органи.
Со тоа што ќе се осигура дека сторителие на вакви кривични нема повторно да го извршат ова дело. Доколку тоа веднаш не предизивика реакции на Обвинителот тогаш кој ќе биде вистинскиот заштитник на законот во Република Македонија? Друго е прашањето за политичката контрола на УБК преку парламентарниот надзор. Доколку Обвинителот тоа не го иницира , тогаш тој ќе потврди еден пристрасен однос спрема власта, наспроти другите луѓе, зашто досега многу често, во други случаи, на многу едноставен и брз начин, понекогаш и спротивно на постапката и оценките на околностите, се носеле одлуки за одземање на патни исправи
ЗОШТО МОЛЧИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
Фактор: Дали со прислушувањето е пробиен целокупниот систем за безбедност, загорозена ли е стабилноста на државата?
Павлески: Ако е точно тоа што го тврди власта дека странски служби ги доставиле информациите, без да им се влезе во траг во одбрана на домашниот безбедносен систем, тогаш тоа е крах на системот. Кои се тие служби што влегле во Македонија а нашите „безбедносни актери“ дозволиле некој однадвор да поседува доверливи информации тогаш каде е одговорноста за тоа? Овие прашања се од најделикатен безбедносен карактер, а не се свикува Советот за национална безбедност. Зошто молчи претседателот на Македонија?
Фактор: Дали единствено Судот може да издаде налог за следење на контактите ?
Павлески: Кога во Македонија се извршуваат против законски дејствија има процедура. Таа постапка претпоставува сомнение за извршено кривично дело. Кога има сомнение, се кфалификуваат во битиетот на кривичното дело и тогаш се добиваат тие процедурални дозволи - да се прислушкува, колку време да се следи, па дали има основи за сомнение да се прислушкува?
Ова што се случува во Македонија не е врз таа основа туку помалку е хазардерски и истовремено “фраерски” начин на работа. Очигледно власта делува во стилот на Луј 14 –„Државата тоа сум јас“
Фактор Како разврска очекувате по објавувањето на аудио материјалите во кои се инволивиран политичари, бизнисмени, интелектуалци, новинари и што ако се објавуваат документи за сомневања за сторени криминални зделки?
Павлески: Доколку Државниот Обвинител за неколку денови не превземе итни дејствија за обезбедување на докази за тие што ги вршеле прислушувањата, јасно е дека овој скандал ќе заврши катастрафално. Обвинителот Зврлевски катастрофално би можел да ја заврши кариерата.
Ако нема правна тогаш веројатно би следувал политички договор, но штетата е направена, а една од најважните институции обвинитеслтвото ќе остане и натаму без авторитет.
