Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Стефан Николиќ, член на Управниот одбор на АЛТА БАНКА АД Битола: Со ALTA Bank2Go – банкарството го носиме таму каде што е клиентот

Интервју Стефан Николиќ, член на Управниот одбор на АЛТА БАНКА АД Битола: Со ALTA Bank2Go – банкарството го носиме таму каде што е клиентот

М-р Стефан Николиќ од неодамна е главен директор за оперативно работење и член на Управниот одбор на АЛТА БАНКА АД Битола. Во интервјуто за „Фактор“ ги открива деталите за новото мобилно и новото електронско банкарство на банката и актуелните трендови во модерното плаќање.

Фактор: Господине Николиќ, АЛТА Банка неодамна официјално го лансираше новото дигитално банкарство претставено преку своето ново мобилно и ново електронско банкарство. Зошто токму сега и што го поттикна овој чекор?

Николиќ: Знаете, дигитализацијата веќе одамна не е прашање на избор или некаков тренд – таа е апсолутен императив во свет кој се движи со неверојатна технолошка брзина. Клиентите денес едноставно не сакаат да го прилагодуваат своето време на работното време на банките. Tие очекуваат брзина, едноставност и сигурност достапни 24 часа, 7 дена во неделата.

Токму затоа, на 28 мај оваа година, со голем ентузијазам и официјално го пуштивме во целосна продукција проектот Digital Edge. Станува збор за нашата нова мобилна апликација ALTA Bank2Go и новото електронско банкарство, кои ги развивме во стратешко партнерство со Asse Македонија, дел од реномираната Asse Group.

Ова беше еден од најкрупните и стратешки најзначајните проекти за АЛТА Банка АД Битола оваа година. Резултатот е дигитален производ на кој сме навистина горди – донесовме побрзо, посигурно, помодерно и пред сè, поедноставно банкарство за нашите клиенти.

Фактор: Кои се конкретните новини кои ги носи ALTA Bank2Go за корисниците?

Николиќ: Првата и можеби најзначајна разлика во однос на претходното решение е што новата апликација, која е веќе достапна на Apple Store и Google Play Store, е подеднакво наменета и за физички и за правни лица.

Но, ако навлеземе во суштината на унапредувањата, сакавме да го елиминираме секој непотребен чекор во секојдневието на корисниците. Новата апликација сега овозможува брза потврда на онлајн плаќањата со платежни картички, како и на плаќањата иницирани преку open banking услуги. Сè се случува преку т.н. PUSH нотификации – брзо, интуитивно и со еден клик. Тоа е она што го нарекуваме модерно корисничко искуство: кликнуваш, потврдуваш и завршуваш работа во секунда.

Секако, зад оваа едноставност стојат врвни сигурносни механизми базирани на двофакторска автентикација, целосно усогласени со најстрогите законски регулативи.

Безбедноста на клиентите е наш приоритет за кој што не правиме компромиси и тоа не е маркетиншка фраза, туку фундаментална архитектонска одлука вградена во самите темели на системот на АЛТА Банка.

Фактор: Споменавте дека апликацијата е достапна и за компаниите. Што конкретно се менува за деловните клиенти – правните лица?

Николиќ: Ова е аспект од кој сме особено задоволни, бидејќи правните лица досега беа прилично ограничени кога станува збор за мобилните канали. Со ALTA Bank2Go тие бариери веќе не постојат.

Деловните корисници сега можат директно преку својот мобилен уред да вршат девизни и прекугранични плаќања, менувачко работење, како и да имаат комплетен увид во сите производи – од денарски и девизни сметки, па сè до кредити, штедни влогови и картички.

Дополнително, за нив ја унапредивме и веб-апликацијата, каде што генерирањето на пакетски (bulk) плаќања сега е драстично поедноставено. Она за кое порано бизнисите трошеа многу време, сесии и непотребни чекори, сега го решаваат со само неколку кликови. Нивното време е драгоцено и наша задача е да им помогнеме да го управуваат поефикасно.

Фактор: Дигиталното банкарство стана интензивно конкурентско поле. Каде ја гледате специфичноста на АЛТА Банка во оваа трка со иновации?

Николиќ: Ние ги следиме трендовите на иновации и унапредувања во банкарскиот сектор како на  глобално така и на регионално и локално ниво, при што, здравата конкуренција нè тера сите нас во финансискиот систем да бидеме подобри и поиновативни.

Сепак, она што ја издвојува АЛТА Банка е фокусот на креирање на реална додадена вредност за клиентот, а не само на трка со чисти функционалности. Денес не е доволно само „да се има апликација“– таа апликација мора да биде побрза, помодерна и поедноставна, поддржана од целокупното функционирање на Банката кое ќе значи помалку бирократски процедури, а повеќе флексибилност во однос на барањата на клиентите.

За нас, Digital Edge не е само технолошка надградба. Ова е нова филозофија на односот на Банката со клиентите. Банката мора да биде таму каде што е клиентот – во неговиот џеп, на неговиот телефон, во моментот кога му е потребна.

Фактор: Ги споменавте безбедноста и законските барања - Колку е тешко да се балансира меѓу строгите закони и едноставноста за корисникот?

Николиќ: Предизвикувачки е, но тоа е критично значаен аспект. Регулаторниот контекст во Македонија се развива со брзо темпо, во согласност со сите меѓународни стандарди за платежни услуги и платни системишто е исклучително важно како за клиентите така и за Банките, но и за стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем.

Двофакторската автентикација не е само техничка мерка – таа е гаранција дека идентитетот, средствата и трансакциите на клиентот се заштитени.

Ние сме целосно усогласени со сите законски барања, и тоа беше задолжителени примарен услов во развојот на овој проект, а притоа успеавме да ја имплементираме оваа строга законска рамка на начин што воопшто не го оптоварува корисничкото искуство. Довербата се гради со конкретни дела и со вакви технолошки решенија и унапредувања кои истовремено штитат и олеснуваат, а не само со убави зборови.

Фактор: Имате ли порака за вашите клиенти во однос на мобилната апликација?

Николиќ: Мојата порака е едноставна: Преземете ја ALTA Bank2Go – од App Store или Play Store,активирајте ја и искусете сами зошто оваа платформа на дигиталното банкарство надополнето и со новото електронско банкарство на АЛТА Банка претставува нов стандард на нашето работење.

И сакам да нагласам – ова е само почеток.Во периодот што следи, подготвуваме многу новини и поволности во доменот на сите банкарски производи и услуги што ќе значат силна додадена вредност за граѓаните и компаниите. Продолжуваме да инвестираме во решенија кои на клиентите ќе им овозможат уште поефикасно, поинтуитивно и поедноставно управување со нивните секојдневни финансии.

Фактор: Каде ја гледате АЛТА Банка на пазарот во следните неколку години по ова значајно технолошко лансирање?

Николиќ: Алта Банка АД Битола во моментов се наоѓа во процес на сеопфатна и длабока трансформација согласно групациските стандарди на работење на АЛТА Банка АД Белград, а во целосна насока на развој на долгорочната стратегија за силно позционирање на АЛТА Група во Македонија, при што, ова подразбира унапредување на производите и услугите и зајакнување на информационо технолошката инфраструктура како и формирање на силна организациска структура со соодветен професионален и мотивиран кадар, а согласно со принципите на современото банкарско работење.

Дигиталната платформа е темелот на нашата иднина. АЛТА Банка АД Битола се позиционира како брза, флексибилна и дигитално напредна банка која ги препознава и предводи потребите на модерното живеење и бизнисот. Ова е само почеток на еден континуиран процес на иновации со кои ќе ја зголемуваме вредноста за нашите клиенти, нудејќи им партнер кој го следи нивниот чекор и го поддржува нивниот раст во дигиталната ера.

Од друга страна АЛТА Банка АД Битола, како дел од АЛТА Група ќе продолжи да гради личен директен традиционален однос со секој клиент доближувајќи се буквално до неговиот дом преку директно нудење на сите банкарски услуги и производи, а преку активности кои ќе ги интензивираме во периодот кој доаѓа.

Сите наши проекти се насочени кон обезбедување на достапни услуги со врвен квалитет преку разбирање на потребите на клиентите, а со остварување на физичко ширење на достапни локации, развој на дигитални сервиси и воведување на нови производи и модели на финансирање.

Фактор:  За крај – каде сметате дека се движи современото банкарство?

Николиќ: Силно верувам дека и покрај интензивниот глобален технолошки развој, иднината на Банкарството се заснова на комбинација и баланс од дигитална ефикасност и физичка достапност. Дигиталните канали апсолутно ќе доминираат во делот на трансакциите, додека експозитурите ќе продолжат да бидат значајни точки за градење директен однос со клиентите и нивна поддршка, советување и помош при комплексни финаниски одлуки.

Бизнис Моделот на АЛТА Банка е “high-tech, high-touch”, односно технологија која штеди време и човечки контакт кој гради доверба.

Верувам дека лидери во новата банкарска ера ќе бидат оние кои ги поврзуваат напредните технологии и длабокото разбирање на потребите на клиентите со силна изразена компонента на флексибилност во задоволување на нивните барања и градење на долгорочно партнерство на Банката со клиентите - претставено преку брзина, сигурност и доверба, а токму ова се основните начела на работење на АЛТА банка АД Битола и системот на АЛТА Група.


Слично

Поврзани вести