ИНТЕРВЈУ СПАСОВСКА: Малиќи групацијата успешно ја преброди пандемиската криза, потребно е заедничко решение меѓу Владата и бизнисот за актуелната криза
Во „Малиќи“ групацијата Спасовска е финансов директор за Македонија, но и еден од првите вработени на компанијата „Гемак Траде“ од која сега произлезе оваа моќна групација. Станува збор за една од најуспешните дистрибутерски куќи на овој пазар, која во 1991 година ја основаше сега веќе починатиот Енвер Малиќи.
Како што вели Спасовска, Енвер Малиќи успехот на фирмата го препознал во вработените, многу умешно знаел како да ги поттикне и да го добие најдоброто од нив, но и од бизнисот.
Неговиот тим пораснал со неговото лидерство, а денес заедно со наследниците, групацијата продолжува да отвора нови пазари и успеси кои се евидентни.
Загубата на лидерот, се совпадна со економската криза предизвикана од пандемијата со Коронавирусот, а предизвикот да останат силни како компанија и тим бил навистина голем. Во услови на тешка економска криза, голема неизвесност и енергија да се совладаат сите пречки, Спасовска вели дека сепак е претпазлив оптимист.
Таа тврди дека влијанието на кризата не е занемарливо и дека Владата треба да ја помогне бизнис заедницата со фискални мерки, не само за помалите, туку и за поголемите компании за да го поддржи нивниот развој, бидејќи тие се најголеми двигатели на економијата и имаат значаен придонес во полнењето на државната каса.

Спасовска, глобалната економија беше под силен удар на пандемијата од Корона вирусот, а сега има нов удар од конфликтот во Украина, а светот се наоѓа во тешка ситуација во услови на поскапување на енергијата и глобален недостиг на суровини. Какви се генералните очекувања за следниот период?
Спасовска: Пандемијата глобално, на многу начини ја ослаби економијата, штета имаа и бизнисите од нашата групација. Секако 2020 година ќе биде запаметена како година на предизвик да се задржи т.е. одржи бизнисот.
Најпогоден беше ХоРеКа секторот (хотели, ресторани и кафулиња, н.з.), кој беше затворен речиси една година, а во тој период најголем предизвик беше да се одржи фукнционалноста на хотелите Парк хотел и Спа и Некст Дор Парк.
Годишниот приход беше намален за 60 отсто споредено со претходната година, а со тоа се наметнаа и прашањата: колку ќе трае кризата, дали овој бизнис треба да се стави во мирување, како најдобро да им се помогне на вработените и нивните семејствата, но и дали групацијата ќе успее да одржи финансиска стабилност и ликвидност. Прашања, на кои одговор се бараше преку секојдневни анализи на пазарот, изработка на различни сценарија и бизнис планови и фокус кон нови канали на продажба.
Владата со софт мерки се обиде да го подржи туристичкиот сектор и се доделуваа субвенции за малите и средни компании. Како дел од групација, дел од овие мерки беа недостапни за нас, а оние кои беа достапни беа недоволни, така товарот падна врз целата групација.
Дистрибуцијата како бизнис исто така ја почуствува економската криза. Се соочивме со проблем на набавка на стока, ограничување на меѓународниот транспорт, периодични затварања, неизвесност во наплатата и намалена куповна моќ. Фокусот беше да се задржат принципалите, да се одржи финансиска стабилност и ликвидност и позитивен паричен тек, да се задржат вработените, да се отворат нови канали на продажба со кои ќе бидеме поблиску до купувачите (е-трговија). Завршивме со пад на добивката поголем од 50 проценти, споредбено со претходната година. Резултатот беше поразувачки, но сепак успеавме да го задржиме статусот на стабилен партнер, компанија која се грижи за своите вработени и е моќна да се справи со предизвиците.
Резултат на напорите на новите сопственици и на целиот тим, е далеку подобрената финансиска слика во 2021 година.
Секако, новата економска криза која настана со воениот конфликт во Украина, резултираше со недостиг на енергенси и суровини на глобално ниво, и повторно предизвика негативен ефект во нашата земја.
Ова особено има влијание врз дел од нашите бизниси врзани со градежништвото. Цената на суровините расте секојдневно, особено металите и тешко е да се оцени која ќе биде цената за метар квадратен. Следствено на тоа ќе расте и цената на недвижностите.
Цената на струјата исто така е неизвесна, врзана е со берзата, и нема најава дека наскоро ќе дојде до намалување.
Ова е особено од аспект на растечката инфлација и кај нас. Народната банка одлучи да ја затегне монетарната политика, а суровините значајно поскапуваат. Тие притисоци влијаат врз потрошувачката.
Спасовска: Растечката инфлација ќе има значајно влијание врз потрошувачката моќ. Цените на металите, енергенсите, прехранбените производи растат. Расте и инфлацијата во многу европски земји, сите увозници ќе се соочиме со покачување на цените.
Дополнително, растот на цената на струјата е голем товар врз кревката економија која заздравува од ударот на пандемијата и директно влијае на цената на домашните производи и услугите кои се нудат.
Владата се обидува преку одредени мерки, како покачување на минималната плата, ограничување на цените и намалени даноци на прехрамбени продукти да ја одржи потрошувачката моќ, но со други мерки како најава и дозвола за зголемување на каматни стапки на кредитни продукти, тоа не оди во прилог ниту на компаниите, ниту пак на потрошувачите.
Потребно е да се воспостави почеста и редовна комуникација помеѓу бизнис заедницата и Владата, вклучувајќи ги и Стопанските комори, за да зборуваме за актуелните проблеми со кои се соочуваме, како и за потребите.

Ако зборуваме за тие фискални мерки, да навлеземе што конкретно ви треба вам?
Спасовска: Најчесто владините мерки, се финансиска подршка, претежно насочена кон малите и средните компании, а се врзани со одредена категорија на бизниси и приходите. Не секогаш приходите укажуваат на процентот на падот на профитабилноста на дадената компанија.
Добро е и големите компании да имаат пристап до поволни кредитни линии со поволни каматни стапки и грантови. А со новонастанатата енергетска криза, потребна е финансиска подршка за вложувања на алтернативни извори на енергија.
Со каква стратегија влеговте оваа година, малкумина можеа да предвидат дека ќе има конфликт од вакви размери, секако откако привршуваше и пандемискиот притисок.
Спасовска: Во 2022 година, секоја бизнис линија влезе со своја стратегија, потребата на пазарот, правец на ширење, начинот на кој ќе се постигне саканата цел и потребни ресурси. Одредени ризици веќе претходно беа предвидени, но за конфликт од вакви размери, се размислува во од, се прават проекции и ребаланс на буџетот.
Станува збор за регионална групација која работи во Македонија и во Косово. Дали планирате подолгорочна експанзија во регионот?
Спасовска: Нашата групација се состои од компании кои ги остваруваат своите бизниси на територијата на Македонија и на територијата на Косово.
Дистрибуцијата на FMCG која се врши преку фирмите Гемак и Гекос на Косово, како бизнис е присутна на двата пазара, за речиси идентични производи (цигари, алкохол, хемија и прехрамбени продукти).
Договор за дистрибуција со двата најголеми оператори, Телеком во Македонија и Вала во Косово.
Во хоспиталити бизнисот засега сме со два хотели, само во Македонија.
Во бизнисот со градежништво, работиме и на двата пазара а во план се проширувања и на други околни пазари, со голем потенцијал за Хрватска.
Но, тука не застануваме, имаме планови за сопствено производство и градење на сопствен бренд.

Малиќи групацијата е од пред 30 години. Вашата компанија е синоним за пазарен лидер во повеќе земји во регионот, какви бизниси се водите и во кои пунктови најмногу се фокусирате?
Спасовска: Почетоците на „Гемак“ како дистрибутерска компанија со препознатливи брендови, датира од 1997 година. Со текот на годините се проширува палетата на принципали и производи. По една декада влегува во бизнисот со градежништво, а потоа и во хоспиталити.
Смртта на осниовачот и движечката сила на целата групација, почитуваниот г-дин Енвер Малиќи и ударот од пандемијата беше период во кој на тест од секаков аспект се најдоа наследниците и целиот менаџерски тим.
Транзицијата од првиот претприемач кон наследниците е сериозен процес. Наследниците успеаа и ја продолжија идејата на својот татко Енвер Малиќи уште посилни и поупорни од претходно.
Во соработка со стабилни и реномирани консултантски куќи, работеа на личен и бизнис развој на секој еден поединец во хиреархиската структура, за да се изградиме во групација. Спојувањето значеше централизирано управување, намалување на трошоци, усогласување на процеси.
Тешко е можеби да се прават планови, но сигурно имате некој краткорочен план.
Спасовска: Пред да се реализира нова бизнис идеа, задолжително е да се направи детална анализа. Бизнис планот содржи информации за пазарот, можностите, конкуренцијата, првична инвестиција, потребни парични средства. Ако инвестицијата е оправдана, се пристапува кон реализација.
Вие сте и жена, често во нашето општество се прави дистинкција од тој аспект. Не сакам да правам такви разлики, сепак поради околностите колку ви бил бреме или помош тој факт?
Спасовска: Дали е некој успешен и предаден на својата работа, не зависи од полот, туку зависи од некои други многу важни чинители. Мотивацијата, желбата за учење и многу работа секогаш водат кон реализиран човек. Но, секако не е едноставно да се направи баланс за потребите на семејството и за потребите на работното место. Потребна е енергија, желба, подршка од семејството, довербата од бордот како и проценка на моменталните проиритети.
Во однос на хиерархијата и тимската работа, значајна е комуникацијата, меѓусебното почитување, размената на мислења и идеи, а резултатот ќе дојде сам по себе.
A.T.